„Божана не сакаше да го остави својот маж сам во Аргентина. Договарајќи се со него преку писма, решава да му се придружи, и во 1937ма година сама се качува на автобусот за Сплит, од каде тргнува на бродот „Океанија“, кроејќи ја својата нова судбина на другата страна од светот“
Вака започнува имигрантската приказна на Крсте и Божана, родум од Мешеишта, тој роден 1903 како Крцоски, а таа 1905 година како Тороманоски.
Тие имале пет деца, но сите починале, како што често и бидувало во тоа време – кревале температура, добивале дијареа и умирале…пет болки во срцето, пет зачувани папоци од раѓање, пет чеда закопани. 1927 година Крсте за прв пат патува за Аргентина на една година, но се враќа, за повторно да замине во 1931 година, и тоа да е последен пат кога воопшто ќе ја види Македонија и својот роден крај. Пред качување на брод, властите му го менуваат презимето во Мартиновиќ.

Божана останува да живее со родителите на Крсте во неговата родна куќа, но знае дека животот за неа е некаде далеку од таму, некаде каде ќе биде со својот маж и каде ќе роди деца кои нема да умрат…
Во 1937 година Божана одлучува дека е време да остави се` – татковиот дом, мајкиниот чеиз и трите сестри, па се пакува, земајќи неколку јаболка македонски и стомна со вино за својот Крсте, како и петте папоци од мртвите чеда, и тргнува за Сплит, каде пред да се качи на бродот „Океанија“ презимето ѝ го менуваат во Павловиќ.
Нејзиниот татко, кој млад останал сам со четири ќерки откако мајка им починала, до последно пробувал да ја одврати, трчајќи по автобусот и молејќи ја да се врати. Тоа е последната слика од татко ѝ и родната земја што Божана ја носи со себе во Аргентина и не престанува да ја прогонува до крајот на нејзиниот живот….

По 2 месеци неизлегување од кабината заради морска болест и страв бидејќи не зборувала јазик, на 11ти ноември 1937 година Божана пристигнува во Буенос Аирес, но пристигнувањето на „Океанија“ бродот поранило поради јаките ветрови кои го донеле бродот побрзо од очекуваното, па Крсте не ја чекал на пристаниште. Немајќи каде да оди и не зборувајќи го јазикот, Божана ја сместуваат во хотел за имигранти, каде останува 7 дена, по што заминува за Росарио, друг град во Аргентина, заедно со друга фамилија од бродот.
Крсте доаѓа на пристаниште на денот одреден за пристигнување на „Океанија“, но набрзо открива дека тој веќе пристигнал. Барајќи ја својата Божана насекаде, стигнал до имигрантскиот хотел и распрашувајќи се меѓу луѓето таму, дознал дека ѝ го промениле презимето и дека заминала за градот Росарио, па веднаш се качил на воз со пченки и тргнал да ја бара. Се споиле среќно, но Божана не му го дала подарокот кој го носела од Македонија – јаболката и виното – бидејќи ги изгубила некаде низ целото патешествие, и како раскажува Мариа Андреа, никогаш не си простила за тоа…
Крсте ја земал Божана, и заедно отишле во сувата и пуста провинција Чако во Аргентина, бидејќи како му кажале, таму имало работа на полињата со памук. Кога Божана останала трудна, сакајќи да роди во подобри услови од моменталните во Чако, повторно ги пакуваат куферите, и овој пат тргнуваат за Кордоба, затоа што таму имало и други работници од Македонија.

По пат застанувале да се одморат, но Божана добила породилни болки, и Сара, нивната ќерка, се раѓа во градот Санта Фе, во домот на Трајанка, 10 годишно девојче кое имигрирало од Мешеишта со своите родители и брат. Божана, за прв пат во својот живот, добила шанса да роди дете кое останува живо и здраво, и овој настан доживотно ги поврзува Сара и Трајанка кои во текот на сите години живот во Аргентина остануваат блиски пријателки.
На Крсте и Божана им се раѓа уште едно дете, синот Васил, кој својот живот го посветил на авијацијата во аргетинската војска, и како вели Мариа Андреа за својот вујко „Гордо и чесно го носеше знамето аргентинско, не заборавајќи ги и своите корени македонски“.
Крсте работел на полињата во Кордоба, но тешката физичка работа му го уништила здравјето и р`бетот, па морал да престане и се замениле со Божана – таа отишла да работи во фабрика за пченка, а Крсте дома одгледувал овошје и зеленчук за да ја прехранува фамилијата.

Ќерката Сара се омажила за син на италијански имигрант и родила четири ќерки: Мариа Андреа, Мариа Грациа, Марија Глориа и Мариа Белен, сите крстени во чест на Богородица. Божана и Крсте никогаш не престанале да зборуваат македонски, да пејат македонски песни и играат ора по дома, знаејќи дека е тоа единствениот начин да се пренесе љубовта кон родниот крај на децата и внуците…

Со нив израснала нашата соговорничка – Мариа Андреа Роберто, која иако до 2016 година никогаш не била во Македонија, сепак вели „Додека не открив која ми е фамилијата, јас не бев целосна“. Мариа Андреа е жената која откри многу повеќе од гробови на вујковци и тетки во Мешеишта, и нејзината приказна ќе ја раскажеме во вториот дел од приказната.

Божана и Крсте се закопани во Кордоба и никогаш не се вратија во своето старо огниште. Никогаш не се видоа со родителите, ниту со браќата и сестрите. Не успееја ниту гробовите на своите пет чеда да ги посетат повторно, единствено петте папока ги потсетувале на краткото време што го поминале со нив… Пред смртта Божана имала Алцхајмерова болест, и во сета своја лудост, секоја вечер станувала и фрлала ќебиња на под за да „ги покрие децата да не им студи“ повторувајќи „детето студи“, „детето плачит“….загубата мајчиното срце никогаш не ја прежали, но одлучноста да роди деца кои ќе преживеат ја победи традицијата, и наместо да чека во својот роден крај, ја однесе Божана кај својот маж печалбар на другиот крај на светот, каде даде живот на две деца кои станаа симбол на борбата за подобар живот.

Продолжува…