„Мариа Андреа уживала да ги посетува гробовите на своjот татко, баба и дедо, и се` до посетата во Македонија, се чувствувала како да прави нешто чудно и „лошо“, не знаејќи дека е тоа наш обичај. На почетокот на 2016та година, на една од тие посети, при бакнувањето на гробот на своите, паднала надгробната плоча. Почувствувала како баба и дедо да ѝ ја замолуваат да ги посети гробовите на петте деца во родниот крај….неколку часа подоцна, добила повик од ќерка си Џулиета, која во тоа време била на постдипломски студии во Италија, велејќи ѝ „Мамо, најдов девојка која го знае нашето место во Македонија, Мешеишта!!“
„Тоа беше тоа, јас морав да ги посетам гробовите на нивните пет чеда таму, мислам дека за тоа живеев сите овие години..“ извадок од вториот дел “
Да знаеја Божана и Крсте дека 80 години подоцна, некој од семејството ќе ги поврзе Аргентина и Македонија, сигурно немаше да умрат со таква болка за родниот крај и напуштените фамилии…
Родена на 17 Август 1965 година, Мариа Андреа израснала во Кордоба, сама со својата мајка и трите сестри, откако татко им починал на само 49 годишна возраст. Потекнувајќи од учителско семејство, сите четири ќерки на Сара го следат патот на своите родители, и стануваат учителки во Кордоба.

„Животот не беше милостив кон нас, посебно кон мајка ми, која на само 29 годишна возраст стана вдовица…бевме скромни, но се имавме како семејство, секогаш си помагавме и поддржувавме“, вели Мариа Андреа. Таа израснала со Божана и Крсте, нејзините баба и дедо, и од нив ги научила македонските песни и ора, кои и ден денес, 30 години по нивната смрт, не си дозволила да ги заборави, велејќи дека тоа е дел од неа кој секогаш го чувствувала како некомплетен, бидејќи слушала за нешто кое никогаш не го видела.
„Баба ми и дедо ми секогаш ни раскажуваа за своите фамилии во Мешеишта…за животот како деца во турско време, за смртта на нивните пет чеда, за болката по напуштањето и борбата по пристигнувањето, и јас целосно се соживував со нивните приказни. Растев во Аргентина, но мојата душа беше некаде на друго место, срцето мое ја превзеде болката нивна и го продолжи она што тие никогаш не го успееја – да се вратат во Македонија на гробот на своите деца“, ни рече Мариа Андреа.
Кога во 2016та година ќерка ѝ Џулиета ѝ јавила дека во Венеција сретнала девојка од Македонија која го знае нивното место Мешеишта, било прашање на денови кога Мариа Андреа ќе го организира одењето во Македонија.
„Тоа беше тоа, јас морав да ги посетам гробовите на нивните пет чеда таму, мислам дека за тоа живеев сите овие години..“

На 24 Септември 2016 година, Мариа Андреа, со својата ќерка Џулиета и пријателка од Аргентина, за прв пат во својот живот, стапна на македонско тло. „Не знам како да го објаснам тоа чувство….оваа земја е моја, дел е од мојот идентитет и ја носи душата на моите претци… ја бакнував и благословував исто како што ги бакнував баба ми и дедо ми. Конечно ми се исполни сонот – Македонија не беше веќе приказна, стана исто реална, колку што беше и болката со која умреа моите баба и дедо…“

Пристигнувајќи доцна на аеродромот во Скопје и немајќи превоз до хотелот во Охрид, на лице место наоѓаат комбе, и заедно со уште неколку патници од авионот, тргнуваат на пат. Некаде помеѓу Кичево и Охрид, комбето ги остава сите патници на сред автопат, на полноќ, и трите Аргентинки се нашле на милост и немилост на сопатниците. Едната од нив им рекла дека ќе им помогне, јавувајќи му сопругот да ја земе со кола, па заедно ги однеле трите дами до Охрид, кога некаде на сред ноќ, конечно можеле да легнат и да се одморат пред авантурата која ги чекала наредниот ден.

Прекрасен сончев 25ти септември ги разбуди во Охрид, кога сликите и фактите се отворија, и конечно дојде денот за посета на гробовите на петте деца на Божана и Крсте.
„Тргнав без очекувања. Го побарав Томе, роднина на наши пријатели Македонци од Кордоба, кој требаше да ме однесе до гробиштата во Мешеишта, и ко за среќа, неговата внука Елена, која зборува шпански, беше таму со него!! Сите коцки ни се поклопија, но не знаев што ќе најдам, не знаев ни дали гробовите ќе ги видам. Во Аргентина направив спомен плоча со нивните имиња и до последно се надевав дека ќе ја ставам на правото место…“

Влегувањето во Мешеишта било нереално. Застанале покрај патот, кога виделе еден човек на полето, па откако Томе го прашал каде се гробиштата, почнал да му објаснува за гостите од Аргентина и гробовите кои сакаат да ги најдат. Мартиновски и Павловски (намерно навеле македонски презимиња, да не помисли некој дека српска фамилија бараат) но човекот упорно тврдел дека такво семејство не постои во селото. Во целата збрка на зборови, Мариа Андреа го слушнала зборот „Крцоски“.
„Почнав да викам „ДА, ДА!!! БАБА И ДЕДО!!“ зошто се присетив на зборот што сум го чула од моите!“. Човекот ѝ рекол дека ќе му се јави на својот пријател Наумче, кој се презивал Крцоски, да дојде да видат дали е тој оној што го бараат.

„Малку е да кажам дека бев возбудена….поминавме 12.000км очекувајќи гробови, а сега чекав некој со Крцоски презиме….кога Наумче дојде, ми рече само „Сара и четирите момичиња???“ и го разбрав, го разбрав!! Тој знаеше за мајка ми и сите нас!! Го гушкав и стегав толку силно, како да сакав да му го кажам се` она што низ деценииве не било кажано….од мене излегоа Божана и Крсте, од мене излезе мајка ми Сара, и конечно се роди нишката што ја поврза мојата душа со земјата македонска…јас веќе не бев „само“ родена во Аргентина, јас имав минато, имав приказна, имав семејство кое го зборуваше јазикот на баба ми и дедо ми…“

По средбата Наумче ги однел директно на гробот на својот дедо, братот на Крсте, каде биле закопани и петте деца нивни. Иако презимињата на плочата биле погрешни, решиле да не ја менуваат, за да остане како сведоштво за едно време и живот на своите претци.
Мариа Андреа ја посетила и црквата во Мешеишта, каде биле венчани Божана и Крсте, и следните 2 дена ги поминала со своето ново-пронајдено семејство, во како што вели, „Константно славење, јадење, пиење, смеење и плачење“. Назад за Аргентина летнале утрото на 27 Септември.

Во Македонија се вратила уште два пати после тоа, следната година во јули, заедно со синот Пабло и ќерката Џулиета, и уште еднаш сама, истата година во декември, кога останала до крај на јануари.

Мариа Андреа научила како да живее со хемофилијата, и како да се движи низ предизвиците од животот, преку борбата на своите родители, и баба ѝ и дедо ѝ. Го прифатила животот како таков, и покрај работата како учителка во училиште за деца кои не можат да посетуваат школо, во склоп на болница, основач е и волонтер на огранокот во Кордоба на Фондацијата за Хемофилија на Аргентина, заедно со својата сестра Мариа Белен.
Нејзиниот син Пабло, секојдневното живеење со предизвиците на хемофилијата не го спречило да стане болничар во Брзата помош, и денес да помага на повеќе луѓе од што некогаш мислел дека ќе може.

Кога пред некој ден ја запрашав Мариа Андреа кои се нејзините идни планови во врска со Македонија, ми рече „Собирам средства, и ако даде Господ, мајка Сара ќе ја види Македонија во 2021. Тешко се движи, и е со болки во нозете, но ова патување за неа ќе значи заокружување на се` она што ја учеа Божана и Крсте , и приказните веќе нема да се приказни, а селото веќе нема да е само име….тие денес имаат лик, и се живи, исто како и ние, само на другата страна од светот…“

Ова требаше да биде последниот дел од приказната, но ќе си земеме за право да кажеме дека ЌЕ има четврти дел, дел кога Македонија ќе ги отвори вратите за баба Сара следната година. До тогаш, и посакуваме здравје и сила, сега има за што да се надева и живее.