МакедонијаПретставувамеРепортажи

Каспер Моленар: „Не сум религиозен тип, но секогаш велам дека никогаш не сум се чувствувал поблизу до Бога отколку во Св. Јован на Канео“

Креаторот на „Југославија од 1926 до денес“ во Македонија по стапките на својот славен претходник, германскиот фотограф Курт Хилшер

Везилка Магазин
Каспер и Ким со синовите на изворите на Црн Дрим, јуни 2017 – приватна архива

Не е голем бројот на луѓе кои слушнале за Каспер Моленар, Холанѓанецот кој повторно ги „оживува“ 100-годишните фотографии од светски познатиот германски фотограф Курт Хилшер низ Македонија и Балканот, а тој е еден од ретките кој историјата и минатото ни ги прелева во сегашноста.

Роден во семејство со татко учител и имајќи цели лета за одмори низ Европа, на Каспер, кој од мали нозе бил заразен со мапи и шетање, му се исполнувала жедта за откривање на нови светови. Во 1985 година биле на одмор во Крк, Хрватска, тогашна Југославија, што ја запалило искрата на љубов на прв поглед и тоа било почеток на една долгогодишна љубов која сѐ уште трае.

Каспер на Крк, Хрватска, во 1985 година. Татко му сурфа во позадина – приватна архива

Каспер станал учител по физичко образование, но чувствувал дека оваа професија е премногу ограничувачка за него и не го исполнува. По започнувањето на војната во Југославија, сфаќа дека местата каде што бил сега се можеби изрушени и не постојат веќе, што имало големо влијание на него, па во 2001 решил да се запише на Источно европски студии и да ја продолжи својата љубов кон фотографијата и историјата на оваа област.

Во меѓувреме, сопругата Ким се разболила од автоимуна болест и на крајот на 2002 година ѝ била извршена трансплантација на бубрег од нејзиниот брат, по што следел период со многу подеми и падови…во 2003 година, во продавница за користени книги во Амстердам, ја откриле книгата „Југославија“, издадена во 1926 година од фотографот Курт Хилшер, во која имало 192 фотографии од места низ цела Југославија. За Каспер и Ким, тогашни студенти, 30 евра биле многу пари, но не можеле да ѝ оддолеат на книгата затоа што, како вели самиот „фотографиите беа изработени на копар и личеа како да се тродимензионални и златни“, па Ким му ја купила за подарок.

Со книгата во Шибеник, 2003 – приватна архива

Размислувајќи што да прават со една таква историска книга, одлучиле дека најдобро ќе биде да ги посетуваат истите места од фотографиите на Курт и повторно да ги фотографираат за да се долови денешниот изглед, како и промените настаните низ децениите.

По дипломирањето во 2004 година, купиле старо комбе, за кое им биле потребни 3 месеци да го спремат и подготват за подолг пат и истата година заминале на двомесечна Балканска/Источноевропска тура сѐ до Истанбул, но за жал, книгата на Курт не ја земале со себе, што значело многу пропуштени шанси за дупликати.

Сакајќи да ја исправат „грешката“, во 2005 и 2006 повторно се враќаат на Балканот, па овој пат ја земаат книгата со себе и со своето комбе го поминале целиот регион. Истата година, 2006, Каспер во декември се враќа во Требиње, Босна како дел од невладина организација за мир на Балканот.

Со Ким во Босна, 2006 година – приватна архива

По раѓањето на нивните синови, книгата скоро една деценија одмарала на полица, сѐ до септември 2017 година, кога по случајно прочитан пост на Фејсбук за фотографии од книгата на Курт, повторно ја зема во раце и пак му го допира срцето, овој пат на сосема поинаков начин, па решава да сподели сѐ што до тогаш направиле.

Три дена подоцна ја создава Фејсбук страната Yugoslavia 1926 – Present – In the footsteps of Kurt Hielscher и започнува да ја полни со фотографии и тоа не само споредбените, ами 1001 фотографија од бивша Југославија, негови лични, правени низ патувањата.

Кога го пронајде манастирот Св. Архангел Михаил над Прилеп, јуни 2017 – приватна архива

Во меѓувреме решава да научи повеќе и за Курт Хишлер, па го лоцира и контактира неговиот внук во Калифорнија, кој му испратил фотографија од слика од дедо му што виси на ѕид кај него дома, единствена останата од славниот фотограф, откако сѐ друго изгорело во едно бомбардирање во Лајпцик кон крајот на Втората светска војна.

Курт Хилшер починал во 1948 година, но како фотограф бил многу познат пред војната – неговите книги биле продадени во 400.000 примероци. Во меѓувреме Каспер открил дека Курт имал издадено книги со фотографии и од други држави, и во 2018 година, откако поминале 70 години од неговата смрт, дознал дека и законски може да ги користи неговите фотографии, па по купувањето на истоимените книги од Хилшер, започнале нови авантури низ Шпанија и Италија.

Во текот на своето патешествие, Каспер почнал со собирање и на поштенски марки, откако сфатил дека понекогаш објект од неговите фотографии бил на некои од нив (како оваа куќа во Охрид, која се наоѓа на поштенска марка од 1975 година, а Каспер дупликатот го направил во 2017).

Според книгата на Курт, во Кратово биле направени 7 фотографии, но не било лесно за Каспер да ги пронајде точните локации, иако пробувал и на српски јазик да се разбере со локалците, па од оригиналните 7, успеал да репродуцира три.

Во јуни 2018 отишол во Косово и Македонија, со намера да фотографира манастир над Прилеп. Кога влегол внатре, монахињата веднаш се појавила на врата, по што Каспер ѝ ја покажал книгата на Курт и побарал дозвола да направи иста таква фотографија. Петнаесет минути подоцна и 4 телефонски повици, дозволено му било да направи само една фотографија. Откако ја направил, сфатил дека е погрешно направена и побарал дозвола уште еднаш да фотографира, но монахињата овој пат го одбила.

По Прилеп, патот го продолжил за Штип, каде вели дека ја јадел „една од најдобрите пастрмајлии“ во ресторанот Верона, по што продолжил за Кратово.

На пастрмајлија во ресторанот Верона во Штип, јуни 2018 – приватна архива

Пред заминување за дома, се вратил во Скопје и направил уште една дупликат фотографија од Алаџа џамијата  во Чаир.

Алаџа џамијата во Чаир – приватна архива

Каспер вели дека ужива додека ги гледа фотографиите што ги правел низ годините, бидејќи знае дека го преживувал истото што и славниот Курт Хилшер и дека сега имаат заеднички спомени од држава која веќе не ни постои. Сакајќи поблиску да го доловиме неговото патешествие во Македонија, го контактиравме Каспер и го замоливме да ни одговори на неколку прашања за своите локални искуства.

 

Која беше твојата прва мисла кога пристигна за прв пат во Македонија?

 

Каспер: „Конечно, тука сум!“ Тоа беше во ноември 2006 година. Во 2004 година, Ким и јас патувавме во старо комбе три месеци низ Балканот, сè до Истанбул, но не отидовме во Македонија, за жал. Можеби тоа беше поради неодамнешните немири во тоа време?

Затоа, две години подоцна бев многу желен да ја посетам Македонија. Причината поради која отидов беше работата. Тогаш бев помлад офицер за проекти во невладина организација за мир во Холандија. Собравме неколку медиуми од различни балкански земји во Маврово за да споделиме искуства и да учиме едни од други. Можев да додадам неколку дена да го откривам Скопје и многу уживав.

Помалиот син на Каспер во Скопје, јуни 2017 – приватна архива

Можете ли да замислите колку бев зачуден кога се вратив во Скопје по 2014 година и сите нејзини промени?

 

Како реагираа локалните жители на вас? Беа ли од корист со упатства и насоки?

 

Каспер: Една од главните причини поради која се за вљубив во регионот е гостопримливоста на луѓето. Секогаш наоѓаа интерес и подготвеност да ми помогнат, иако не секогаш беше успешно, како со монахињата во прилепскиот манастир. Ставот беше да се држи до правилата, но успеав да го придобијам нејзиниот интерес за да направи неколку повици. Овие средби се дел од авантурата.

Каспер и Ким во Охрид, јуни 2017 – приватна архива

Не станува збор само за фотографија заради ре-фотографирање. Во овој случај во ред е ако фотографијата не е совршена, сè додека постои приказна во позадина. Тоа го прави поразлично патувањето и доживувањето на истото.

Мислам дека лесно се спојувам и забавувам со сите видови луѓе. Кога бев млад, многу патував со автостоп. Научив да слушам. Секако дека помага кога зборувате малку на локалниот јазик, покажувате интерес и не постапувате како секој друг турист.

Кога го посетив Петар од Охрид кај Св.Наум, тој ми рече дека е изненаден од начинот на кој му одговарав, бидејќи со својата работа на паркингот во манастирот беше навикнат туристите да го избегнуваат. Претпоставувам дека мојот пристап беше поинаков.

Со Петар од Свети Наум, јуни 2017 – приватна архива

Имавме разговор некое време, а потоа тој скокна во неговиот автомобил за да ми даде ЦД од неговата омилена традиционална музика. За тоа направив и пост на Фејсбук:

 

Kurt Hielscher 1926 photos from former Yugoslavia

Most photos in the book of Kurt Hielscher can not similarly be photographed, because there are only people on it. Here a compilation of some of them.With a special thanks to Petar from Ohrid who inspired me for the music. He gave me his favourite Macedonian traditional music CD spontaneously at the parking lot at Sveti Naum in June 2017 after some nice talks. The CD is from Suzana Spasovska and Zoran Dzorlev and the song is called Žali Goro. I tried to play it on my guitar to say thank you to Petar in some kind of way. At the end of the film a picture of me and Petar with the CD.You can find the original song from Suzana Spasovska and Zoran Dzorlev here: https://www.youtube.com/watch?v=GaLj3o9D3mMAnd the lyrics: http://pesna.org/song.php?id=165Pozdravi,Casper

Posted by Yugoslavia 1926 – Present – In the footsteps of Kurt Hielscher on Wednesday, December 27, 2017

Околу година и три месеци по нашата средба, го најдов Петар благодарение на хотелот Свети Наум. Побарав дозвола за објавата и сега сме пријатели на ФБ.

Вашето прашање исто така ме натера да размислувам за Ново Село во близина на Штип. Се запознав со Малинов Стојанче (исто така сега пријател на Фејсбук) и неговите пријатели. Тие навистина завршија одлична работа, помагајќи ми во околината, не само со фотографиите, туку и ја имаа продавницата отворена само за мене, за да можам да купам четка за заби што заборавив да ја земам со себе.

Со локална помош во Ново Село, 2017 – приватна архива

За мене, патувањето во Македонија и Балканот воопшто, е за овие неочекувани средби. Секогаш нешто се случува. Шпанија е прекрасна земја, но тука секој чекор е збогатено со собирање приказни. Никогаш досаден момент.

 

Што најмногу ве изненади во Македонија?

 

Каспер: Присуство на холандска туристичка агенција на главната улица во центарот на Охрид хаха. Промените: Центарот на градот Скопје, но и аеродромот: тој беше покриен со чад во 2006 година и толку чист во 2017 година.

 

Кои места ви оставија најголем впечаток?

 

Каспер: Свети Јован Канео во Охрид. Толку долго копнеев да одам таму и беше магично кога конечно стигнав. Истото важи и за Свети Наум.

Каспер во Св. Јован Канео јуни, 2017 – приватна архива

Погледот од Галичица кон Охридското езеро. Шуто Оризари, разликите меѓу тамошните богати и сиромашни. Спокојството на православните манастири, спокојството, фреските.

Јас не сум религиозен тип, но секогаш велам дека никогаш не сум се чувствувал поблизу до Бога отколку таму.

Каспер Моленар можете да го следите тука:

Фејсбук 1      Фејсбук 2      Веб страна

 

Галерија на фотографии направени во Македонија од славниот германски фотограф Курт Хилшер:

Везилка Магазин