ИнтервјуаНие низ светот

Катерина Митревска: „Мојата поезија дојде од место на болка, но на крај ми донесе само-ослободување“

Интервју со Катерина Митревска од Мелбурн, автор на збирката поезија „Breakthrough - the reason mother didn't love me“

Везилка Магазин

Замислете да живеете со мајка со ментална болест, а никој да не ви помага. Замислете да сте брат и сестра, мали и беспомошни, оставени сами на себе….да сте и деца, и домаќини, и готвачи, и родители. Да имате прекрасен татко, кој не го гледате, затоа што работи 7 дена во неделата.

Да сте на училиште меѓу луѓе, а да сте невидливи. Да имате учители, а никој да не ве праша дали сте добро и зошто мајка ви не доаѓа на родителските состаноци. Да се обвинувате себеси за состојбата на својата мајка, да трупате лутина низ годините, а никој да не ви подаде рака за да се ослободите од неа.

Единствената фотографија на Катерина со брат ѝ Никола – приватна архива

Сега замислете да стигнете до точка кога сфаќате дека целиот тој живот бил со цел и вие конечно ја наоѓате. Катерина Митревска од Битола, која веќе 11 години живее во Мелбурн, е сето ова. Родена во семејство со мајка која се разболила од шизофренија, татко кој работел неуморно за да им обезбеди основен живот, и братче помало кое го чувала како мајка, Катерина не е „обично“ дете. Иако не проживеала детство како сите нас, нејзината животна борба роди личност која на човештвото му даде многу повеќе од само свое присуство.

„Breakthrough – the reason mother didn’t love me“ е збирка поезија, во која зборовите на Катерина ќе ве допрат директно во срце. Преку нив ќе ја почувствувате сета детска болка, збунетост, лутина, страв и тага. Ќе ве здоболи вистината која сите ја преќутуваме, ќе ве натера да посакате да се вратите 30 години во времето за да ги прегрнете тие две беспомошни души и да им кажете дека се` ќе биде во ред на крај.

Болката и тагата на Катерина, нејзиното патешествие низ лавиринтот на менталната болест на својата мајка, грижата за брат ѝ Никола и помошта кон својот татко, ја издигнаа оваа млада девојка и преку нејзината трансформација во пеперутка, светот доби зборови кои допираат до луѓето на начин каков што Катерина не можеше ни да замисли.

 

* Катерина можете да ја следите на   Facebook   Instagram  Веб страна 
* Интервјуто во 5 дела за австралиското национално СБС радио на македонски можете да го слушнете тука 

 

 

 

Родена си во Битола, а од пред 11 години живееш во Мелбурн. Детството и генерално животот во Македонија, ти се означени од менталната состојба на твојата мајка. Која беше Катерина во деведесеттите? 

 

– Катерина беше дете кое, како постара сестра, си зеде за одговорност да се грижи за своето семејство и домашните работи. И покрај секојдневните одговорности, непропуштав можност да бидам дете и да играм со децата од улица. Криенка, топка, ластик – овие активности ми беа релаксација и одмор од секојдневните обврски.

“Joy”

I wish I knew you before you had me,

you must have had some joy,

The dark thoughts took you over

I lost you before I met you….

Oh how I wish one day to see the real YOU.

 

На која мисла и болка се сеќаваш најмногу од тој период?

 

– Мислам дека најголем впечаток на моите мисли направија приемите на мајка ми на болница. За жал, престојот во болница нудеше само привремено решение, привремен лек со кој не бевме задоволни.

Опцијата за терапија со месечна инекција ни беше претставена после многу години. Овој третман ѝ овозможи на мајка ми да се совземи од болеста. Денес црпам инспирација од овие настани за да пишувам и да го ценам животот.

 

Кога откри што се случува со твојата мајка, и зошто лутината ја замени со чувство на вина?

 

Да бидам искрена, не се сеќавам кога точно научив за менталната болест на мајка ми, меѓутоа се сеќавам на чувството што се разбуди во мене. До тој момент јас ја обвинував мајка ми за се` што ни се случуваше како семејство. Дете како дете, со детско размислување.

Кога ја сфатив вистината, се чувствував виновна што ја обвинував мајка ми за целата ситуацијата и сфатив дека вината е во здравствените системи и во недостатокот на образование за менталните болести во општеството.

“Get up”

Lost in her thoughts

That’s made by the voices in her head

Mum was unable to hear my cries for help,

She was too busy….

she was fighting to prevent those voices from choking her to death..

Here….there was no space or time for motherly hugs or consoling….

 

Брат ти е личноста со која израсна до себе. Колку грижата за него те оформи како личност?

 

– Брат ми ме научи на трпение, упорност и храброст. Тој секогаш ме бодреше и подржуваше во се` што правев. Заради него јас постојано одлучував да верувам во иднината. Поради нашето искуство, ние сме неразделни, иако живееме на два континента. Ние сме си еден на друг најголема потпора во животот.

“Brother”

I wish I could protect him

From uneducated conceptions,

Inflicted ignorance

Consequent suffering

I wish I could give him all the love ,

And couragement, and hope,

But what more could I have done?

Тетоважата на Никола, посветена на сестра му Катерина – приватна архива

 

На 19 години се пресели во Мелбурн. Дали бегаше од нешто, или едноставно сфати дека е време за нов чекор во животот?

 

Едноставно беше време за промена. Ми требаше нов предизвик. За жал, во Македонија не добив прилика и поволни услови да се надевам за подобра иднина. Ми се пружи шанса и прилика да дојдам во Мелбурн, па ја искористив за да стекнам ново искуство во животот. Мелбурн ми е сега мојот прв дом.

Катерина и Iqbal во Мелбурн – приватна архива

 

Како се роди “Breakthrough – the reason mother didn’t love me” и што значеше за тебе излевањето на сите тие чувства на хартија и нивна презентација пред светот?

 

– Идејата да ја напишам книгата ја добив откако присуствував на еден настан (Gathering of kindness) „Собир на љубезноста“. На овај настан присуствуваа неколку автори кои зборуваа за нивното семејно искуство со различни болести и кои имаа напишано книги за нивните искуства со здравствените системи и односите на општеството спрема нив.

Авторите споделија како нивната приказна направи разлика во животот на луѓе кои имале слични искуства и тоа ме мотивираше да го споделам и своето искуство, со надеж дека ќе направам промена во односот на луѓето спрема менталните болести. Пишувањето на книгата беше како почеток на ново поглавје во мојот живот.

 

 

Зошто студираше и започна да работиш како поддршка за семејства кои се борат со ментална болест, и кога сфати дека не можеш да го промениш светот на тој начин?

 

– Поради моето лично искуство, сакав да научам каков е социјалниот систем за грижа на лица со ментални болести и нивните семејства. Австралија има многу организации и различни програми што нудат помош за лица кои страдаат од ментална болест, како и за нивните семејства. Сакав да го научам процесот.

Меѓутоа и во развиена земја како Австралија има пропусти во системите на многу нивоа. Никаде не е сјајно. Сепак, научив што е најважно, на што да се фокусирам, кои работи не можам да ги променам и како да ги прифатам истите. Ова искуство беше многу позитивно, како на лично, така и на професионално поле.

Катерина со сопругот и брат ѝ – приватна архива

 

Сопругот Iqbal е од Индија. Колку запознавањето со новата култура те промени тебе и твоите погледи на светот?

 

– И покрај тоа што Iqbal е од друга националност, ние имаме многу слично размислување и поглед спрема животот. Запознавањето на неговата култура ми покажа колку сме всушност слични во поглед на некои од нашите традиции.

На пример, вечерта на 13 Јануари ние палиме оган во пресрет на Стара Нова Година. Во неговата култура, на истиот ден, слават празник со палење на оган кој се вика Лохри, со што го слават крајот на зимата и почетокот на земјоделската сезона. Запознавањето на неговата културата ме натера да сфатам дека во секоја култура има сличности. Едноставно ја прифаќаш разликата и ги славиш двете култури.

Катерина и Iqbal на свадбата – приватна архива

Нашата индиска свадба беше многу интересна, затоа што имаше неколку обичаи слични на македонските. На пример, пред да се земи невестата, зетот треба да даде пари на врата исто како што правиме и ние. Чевлите на зетот се кријат и зетот треба да плати пари за да му ги вратат, додека ние ставаме пари во чевлите на невестата нели. Најголемата разлика помеѓу двете култури е во традиционалната облека и храната.

Катерина и Iqbal – приватна архива

 

Со твојата втора збирка поезија, што сакаш да му дадеш на светот од себе? 

 

– Втората збирка на поезија е на некој начин продолжение на Breakthrough.
Во оваа колекција на поезија зборувам за своето себе-осознавање како личност. Мислам дека не постои човек, кој барем еднаш во животот, не се запрашал која е причината и суштината на неговото постоење. Песните опфаќаат неколку духовни прашања и мисли. Преку оваа поезија ги искажувам моите најдлабоки мисли и разбирање од светот. Се надевам следната година да ја издадам оваа збирка поезија.

 

Која е најголемата мудрост која ја научи од своето постоење до сега?

 

– Животот ме научи никогаш да не велам никогаш и секогаш да бидам отворена и прифатлива кон се` што животот ќе донеси. Сфатив дека човекот може да биде како свој најголем пријател, така и непријател. Кога овај начин на размислување е прифатен, никакво надворешно мислење не може да ни го наруши мирот.

Кога треба да донесам некаква одлука или да направам избор, давам се` од себе да го донесам најдоброто решение во тој момент и потполно го оставам резултатот во рацете на животот. Без каење и двоумење. Кога искрено и добронамерно размислуваме, никогаш не треба да се двоумиме за последиците од нашите акции.

Катерина со сопругот Iqbal – приватна архива

 

Што значи Македонија за тебе? Што значат твојот брат, мајка и татко, сега кога си на другиот крај на светот, сега кога порасна?

 

– Моето семејство е моето најголемо богатство. За нив правам се`. Тие ми се инспирација и сила која ми дава моќ да го живеам животот. Како што поминуваат годините, сфаќам дека ништо не ми дава радост како начинот на којшто ме исполнуваат брат ми, мајка ми и татко ми.

Катерина со мајка ѝ во Македонија во 2016 – приватна архива

Македонија секогаш ќе биде дел од мене и тоа што сум. Ме боли тоа што нашата земја страда од многу неправилности, тоа што луѓето се поделени и не ја сфаќаат моќта на заедништвото. Се надевам за подобра иднина на Македонија и се надевам дека ќе можам да ја посетам во блиска иднина.

Везилка Магазин