Новинарка во душа, а по сѐ изгледа и засекогаш, според љубовта која ја негува кон професијата, но во моментов на „пауза“ од медиумскиот простор. Храбра, непоколеблива и секогаш спремна за предизвик и нови приказни, Катерина Попоска својата новинарска приказна ја замени со една малку попатувачка – веќе 5 години ја носи униформата на една од најдобрите светски авиокомпании „Емирати“.

Бегајќи од македонското сивило, во медиумскиот и во животниот простор, си поставила цел за каде се замислува во иднина и потребни ѝ биле 2 години за да ја оствари.
Љубовта на прв поглед со Дубаи помогнала во процесот на адаптација, но без ентузијазмот и одлучноста да успее во професијата со која дотогаш немала допирна точка, немаше да биде тука каде е денес – највисоко на личниот пиедестал, со ново руво, бесценети искуства, доживеани убавини, исполнети соништа и пријателства од сите континенти.

Пет години настрана од новинарството, но не и далеку од истото. Пишувањето ѝ остана навика и се надева дека ќе е така сѐ додека веќе нема да е само тоа – навика. До тогаш, го ужива животот со полни гради, будејќи се на различни страни низ светот и доживувајќи изгрејсонца и краеви на денови на места за кои повеќето луѓе мечтаат со затворени очи.

Го соблече оделото на новинар и ја облече униформата од една од најдобрите авиокомпании во светот. Во кој момент се прекршува еден човек и го променува својот живот од корен, и физичи и психички, и го напушта својот дом и омилената професија?
– Ни малку едноставен не беше моментот на носење на конечната одлука – да се прифати еден голем предизвик, да се започне сосема ново поглавје од една страна или да се остане во комфорната зона, од друга страна.
Двоумењето траеше доволно долго, речиси два месеца, вагав разум и емоции, се обидував да го проектирам својот живот ваков или онаков… Не е воопшто лесно да се носат животни одлуки кога и на двете страни имате многу причини зошто да останете, наспроти тоа да заминете.

Но, јас никогаш не би била јас ако храбро не отворам ново, непознато поглавје и не си дадам шанса себеси. Подобро се заспива кога знаете дека сте се обиделе, отколку тоа да останело само мечта и желба, а било на дофат.
Предизвикот беше голем од секој аспект, особено што добив работна понуда од една од најголемите и најреномираните светски компании, за која многумина сонуваат да ја впишат во сопствената биографија. Професионалната промена не ми падна воопшто тешко, брзо и лесно се адаптирав.

Дубаи за мене беше и остана магија, љубов на прв поглед, така што местото на живеење само ми помогна во остварувањето на долгогодишната желба. Најголемиот предизвик беше физичката разделба од семејството, блиските пријатели… Откако ја прифатив понудата за работа во Дубаи, во ниту еден момент подоцна не почувствував колебање.

Што значеше за тебе одбивањето да се „потчинеш“ на барањата и наметнатите услови и колку имаше поддршка од околината во својата борба?
Борбеноста е една од моите карактерни особини. За мене никогаш пластичната бела чаша нема да биде стаклена и проѕирна, никогаш. Новинарството во Македонија децении е пред овој предизвик и копјата се кршат токму на грбот и врз образот на новинарот.
Јас мојот образ го чував сама и решив да заминам тогаш кога веќе беше речиси невозможно да се бориш и да не ја одмолчиш вистината за сметка на притисоците од разни центри на моќ. Новинарството е девалвирано веќе долго време.

Заминувањето е доблест и демонстрација на моќ кога не сакаш да тргуваш со професионалноста и личниот интегритет. Новинарот Катерина Попоска ќе остане запаметен како некомпромитиран, кој не подлегна под силните притисоци во едно прилично тешко време за новинарството и кој ја плати превисоката цена – неоспорниот талент и љубов кон новинарството да го замрзне и можеби остави за некои подобри и далеку попрофесионални и побезбедни времиња. Во меѓувреме, веќе 5 години пишувам нова светска, животна приказна.

Промената, освен од аспект на професија, стана и физичка, па со Дубаи доживеавте љубов на прв поглед која успешно функционира веќе 5 години. Со што те фасцинира овој град и што е она што го доживеа таму, а не успеа во Скопје?
– Моите најблиски велат дека “Дубаи ме промени” на подобро. Иако до сега сум посетила 65 држави во светот и неколку стотина градови, за мене Дубаи сѐ уште е единствен, неприкосновен и магичен. Ми буди неопислива енергија и среќа. Тие емоции не се поврзани со конкретни места или активности или личности.

Мојата и енергијата на Дубаи “кликнаа на прва“, како љубов на прв поглед која трае и трае и трае, и станува сѐ посилна и поцврста. Светол е, динамичен, полн со живост и енергија, симбиоза на различности, мириси, бои, емоции и љубов. Визионерски, космополитски, уникатен… Има некоја невидена нишка која нé поврзува, вибрираме на иста фрекфенција. Во Дубаи се будам и заспивам задоволна…

Колку е лесно, за една сингл девојка, да се движи и живее во Дубаи и колку понуди за брак си имала до сега?
– Дубаи и локалците овде се многу културни, грациозни и умерени, но и по малку срамежливи. Мојата појава е несвојствена и несекојдневна за арапскиот свет, но истовремено Дубаи е сплет од многу нации и култури секојдневно.

Похрабрите се обидуваат да дознаат која сум, од каде сум, која е Македонија и каков е македонскиот јазик. Оние посрамежливите тивко дофрлаат и коментираат меѓу себе на Арапски, ни оддалеку не претпоставувајќи дека можеби ќе ги разберам. Па следува восклик од нивна страна кога ќе добијат одговор на арапски. Понуди за брак – хммм. Не дека ги немало и нема. Престанав и да ги бројам…

Љубовта како најголем двигател – колку е присутна во секојдневниот твој живот и која е најголемата разлика помеѓу македонските и арапските мажи?
– Присутна е секојдневно, во различни облици. Среќна сум што примам и давам љубов, без оглед на различните часовни, временски и просторни бариери. Љубовта и насмевките се исти кај која било раса, нација, пол…

Но, помеѓу македонската и арапската култура, традиција, навики сѐ уште има големи разлики. Арапските мажи сѐ уште се под големо влијание на семејството и на ставовите наметнати од родителите. Локалците овде имаат голема почит кон жената и тоа го покажуваат во секоја смисла. Доминантни се, маркантни, културни и трпеливи.

Што е нештото што го научи, за прв пат, откако се отсели од Македонија?
– Не сум имала прилика до сега да живеам сама и далеку од дома. На почетокот ми беше по малку чудно, но Дубаи е градот со кој сме во синергија, барем за сега. Сите предизвици кои ми се случуваат секако дека ме градат како личност.

Не можам да речам дека драстично сум се променила, но свесна сум дека значително еволуирав во ставови и гледишта, во спознавањето себеси и тежнеењето кон личната среќа. Времето ми е скапоцено и внимавам како и со кого го поминувам. Имам далеку поквалитетен живот.
Учам постојано, се спознавам и растам секојдневно. Последното во низата нови работи што ги научив – да читам и пишувам на арапски, а се впуштам и во куса конверзација.

Катерина која е пред камерите и публиката е различна од Катерина која е позади нив, но и „македонската“ Катерина е поразлична од денешната. За кој аспект од твојата личност луѓето најмногу се изненадуваат откако ќе те запознаат подобро и која лична трансформација ти донесе најмногу радост ?
– Секако дека професионалниот живот некогаш наметнува поинаква појава и себе претставување, особено кога станува збор за јавна професија и работа пред камерите.
Луѓето кои лично не ме познавале и креирале мислење за мене само врз основа на она што го гледаат, велат дека откако ме запознале сфатиле дека воопшто не сум арогантна, каква можеби сум им делувала работејќи долги години на телевизија. Катерина приватно и професионално е иста, нема двојна или паралелна личност.

Ниту новинарството, ниту работата моментално како стјуардеса не ме променија воопшто. Ме изградија, ме направија посилна, поснаодлива, поостроумна и повешта. Секако дека секојдневниот живот во една светска метропола и работењето за светска, престижна компанија носи свои правила, обврски, квалитети и вештини. Новинарството е динамично, несекојдневно, полно со адреналин…

Животот на една стјуардеса е 10 пати повеќе од секојдневието на еден новинар. Подинамичен е, со повеќе предизвици и искушенија. Потребно е знаење, снаодливост, решителност, остроумност и успешност при работа под притисок.
Во одредени ситуации се бара точност и одговорност во милисекунда, надополнето со фактот што станува збор можеби и за екстремно необична, дури и животно загрозувачка состојба. Се работи за неколку професии инкорпорирани во една. Апсолутно сум горда на сé до сега. Ова е животот кој повторно би избрала да го живеам.

Што мораш да направиш секој ден?
– Од есенцијално значење за мене е да го слушнам гласот на мајка ми, татко ми и сестра ми, секојдневно, по неколку пати во денот и да знам дека сé е добро. Без сé останато се може, но не и без таа безгрижност дека фамилијата е добро. Дури потоа ги правам дневните планови со полн елан.

Како се опушташ и дали, во обид да си го зачуваш личниот мир, бегаш од нешто?
– Бегам од деструктивност и негативна енергија во секаква смисла. Ако не можам да избегам, тогаш се апстрахирам максимално. Во мојот свет има место само за блесок, сјај, позитивна енегија, среќа, љубов, напред, ајде, искреност, акција, волја, борба, храброст, непоштедност…

Се опуштам и кога сум во полн елан и акција. Опуштање некогаш се мириси, ветер, бои, звуци, допири… Опуштањето за мене значи и надоградба и знаење…

За кој твој талент светот сѐ уште не е свесен?
– Уште како дете имав многу хобиа, сакав да се пробам во сосема различни подрачја, од балет, хор, спорт, оригами, креативности. Со текот на времето, спознавајќи се себеси сфатив дека сум прилично талентирана за јазици.

Се предизвикав себе си да го совладам писмото и изговорот на еден од најтешките јазици во светот, арапскиот. Сакав да се надминам себе си и да си докажам дека тоа писмо, кое некогаш ми делуваше така недостижно и несфатливо, сега е дел од мојата секојдневна забава и предизвик. Се гледам себе си во дипломатија, во Одбор на директори, во Издаваштвото…

Општеството, во кое сега живееш, на моменти знае да биде доста контрадикторно и сјајот и бедата да ги делат само неколку метри. Колку овој дисбаланс и нова реалност влијаеа врз твојата психа?
– Емпатична сум, слушам, гледам, сочувствувам и помагам секогаш кога можам. Секојдневно сум исправена пред оваа реалност патувајќи на различни дестинации во светот. Има многу луксузни места на овоземскиот свет кои само на неколку метри оддалеченост ја отсликуваат најсуровата контрадикторност на животот.

Треба да се биде силна личност и да се остане присебен, приземјен и свој. Треба да се работи на себе и на личната среќа и да тргнеме од себе во потрагата по подобри луѓе и подобар свет.
Мислам дека способноста за интроспекција е клучна. Никогаш не заборавам која сум и од каде сум и кои се вредностите кои ги носам благодарение на моето семејство. Сјајот и луксузот можат да “изместат” само лабилни и површни личности. Јас во овие придобивки само уживам.

Лимитите ги носиме во себе, а стравовите се имагинарно чувство на кое не` „научиле“ од најмали нозе. Требаше ли да се избориш со некои од своите стравови пред да заминеш од Македонија, а и откако пристигна во Дубаи?
– Искрено не. Немам страв од непознато. Не ме инхибира. Генерално немам стравови во животот, работам на себе и на сите ситуации кои доаѓаат. Обично моите одлуки и дејствувања се резултат на размислување десет чекори однапред. Секако дека многу пати во животот сум била изненадена и зачудена, но не и неподготвена.

Јас точно знаев што ќе ме чека во Дубаи, единствено требаше тоа да го почувствувам на своја кожа и да се уверам дека тоа е тоа што го посакував. Сите животни шанси ги пречекувам исправено и со полн елан.
Што правиш за да останеш во допир со твојата најголема љубов – новинарството?
– Пишувам… Секојдневно ги следам светските медиуми, а и се едуцирам. Иако во мирување, новинарот во мене никогаш не заспал.

Назад во Македонија – да или не и под кои услови, ако некогаш одлучиш?
– Многумина од моите сегашни колеги и пријатели кога ќе слушнат дека зад мене имам 20 годишна медиумска кариера, што е импозантно со оглед на моите години, се вчудоневидени зошто и како сум заминала од таа професија, која теоретски е можеби една од најинтересните и највозбудливите.

Мојот одговор е дека генерално заминав од целокупниот живот и атмосфера во Македонија, затоа што не сакам да бидам Кејт Винслет на Титаник. Доцна е да се бара решение и спас кога приликите и добрите шанси речиси и да ги нема.
Од друга страна, во Македонија се чувствував како птица во кафез. Посакував, барав и знаев дека можам повеќе. И никогаш не сум се задоволувала со малку и со просек.

Како новинар многу одблиску ја гледав реалната социо-политичка состојба во Македонија и правецот во кој сето тоа ќе се движи. Од денешен аспект мислам дека поразително е сé што се случува таму низа години. Јас бирам да бидам граѓанин на светот, да живеам со полни гради и да вибрирам високо.

Деградирачки е кога татковината не ти ги овозможува основните и елементарни услови за среќен живот. Јас мојата среќа одбивам да ја компроимитирам. Единствена точка на врзување со Македонија е мојата фамилија и блиските и драги луѓе. Но, ништо повеќе од тоа. Јас ја живеам мојата приказна далеку од Македонија, барем за сега.
