Пијат топла вода заради подобра циркулација, готват кинеска храна за да ја почувствуваат земјата во која живеат. Штипјанката Ирена Механџиска неколку години го гради семејното гнездо во Кина. Работата како лекарка ѝ го отворила патот, но далечната земја 20 години им е втор дом поради преселбата на сестра ѝ.
Како функционира македонското семејство во Пекинг, особено профилирано во најценетата професија во моментот заради пандемијата, раскажува Ирена за „Везилка“.

Во ова време е голем предизвик да се биде медицинско лице. Како е да се биде во време на пандемија медицинско лице во Пекинг?
– Јас работам како општ лекар во Интернационалната клиника IMC (International Medical Centre ) во Пекинг. Во однос на моменталната ситуација со пандемијата, овде во Пекинг постои правило да секоја клиника и болница имаат посебен оддел за прием на пациенти со покачена температура и соодветно на тоа при приемот секој пациент прво пополнува епидемиолошка анкета.
Ние не сме таква клиника која може да прими пациенти со такви симптоми или позитивна епидемиолошка анкета. За тоа постојат посебно одредени болници и потребна е посебна дозвола за постоење на таков епидемиолошки оддел.

Мерките на претпазливост се големи. Секојдневно пред да влеземе во Клиниката мора да скенираме код со помош на мобилна апликација кој дава информација за нашата моментална здравствена состојба (во однос на тоа дали сме биле во контакт со инфицирани личности и заради тоа треба да сме изолирани или во карантин или можеме слободно да се движиме) како и за тоа ако сме патувале надвор од градот. Дополнително се проверува и телесната температура секојдневно.
Секој од вработените се тестира со PCR тест на секои две недели и најголем дел од медицинските лица во здравствените институции сме веќе вакцинирани со втора доза од Ковид – 19 вакцината.

Во суштина кинеските власти го имаат организирано процесот на превенција на трансмисијата на вирусот многу добро и за секој кој живее тука да има слобода на движење во јавноста (на работа, метро, во шопинг центар, ресторан, кино) мора да го приложи истиот ,,зелен код“ на влезот на таквите места.
Кои се разликите, предностите и мааните што ги нуди системот во медицината таму во споредба со дома?
– На прво место е посветеноста и лојалноста на секој кој работи во медицинска институција и генерално таква е работната етика на целиот кинески народ.

Кога се вработив во Клиниката во која што сум сега, директорот ми посака добредојде со реченицата: – Не грижи се, сега имаш дом, добредојде дома! Затоа кинескиот народ своите работни места ги смета за свој втор дом во целата смисла на зборот, претпоставените ги сметаат за нивни учители и така им се обраќаат.
Кина има здравствен систем кој овозможува здравствено осигурување на скоро секој кој има кинеско државјанство. Во приватните интернационални клиники функционира системот на приватно здравствено осигурување кое го нудат здравствените осигурителни компании.

Во однос на тоа како функционира системот во кој работам и тој во кој работев како матичен доктор во Македонија – би можела да зборувам само за приватниот сектор и примарната здравствена заштита, а тоа е што тука постојат повеќе клиники, медицински центри кои функционираат со неколку општи лекари и на тоа место имаат дел за прием на пациенти, лабораториски дел, рентген и сопствена аптека, како и дел за традиционална кинеска медицина. Сѐ повеќе станува популарно третирањето на пациентите со западна медицина во комбинација со кинеска традиционална медицина.
Во Македонија прегледувавме на ден и по 60 пациенти, но резултатите на одредени испитувања ги добивавме наредниот ден или после неколку дена, додека тука секој пациент има неколку часови кои ги поминува во истата здравствена установа додека не добие резултат и мислење од доктор, а воедно во истиот ден може да ја земе и потребната терапија- лекарства.

Во целина, најголемата разлика е во внатрешната организација на здравствените установи и можноста да ние, како општи лекари, посветиме доволно време на секој пациент.
Зошто и како изборот падна на Кина?
– Главната причина и врска со Кина е мојата сестра, која веќе 20 години живее и работи овде во Пекинг, сега со своето семејство. Првично размислував да продолжам со работа како доктор во Германија и со семејството планиравме да започнеме да живееме таму. Но коцките се подредија за овде, на сосема друг континент.

Која е нишката што ги спојува Штип и Пекинг во твоето срце?
– За целото мое семејство Кина е секојдневие речиси 20 години и некако беше природно да си ја пробам среќата тука. Сега заедно со мојот сопруг и ќеркичка.

Како се прилагодува твоето семејство на целата промена таму? Како го градите својот свет? На кого му е најтешко?
– Животот овде е многу брз, динамичен. Целата земја се развива и оди напред скоро секавично. Животниот стандард се зголемува секоја година и навистина не е лесно како странци да сме во тек со целиот тој процес. Понекогаш е невозможно да сме во ист чекор со Кинезите.
Со сопругот времето ни е организирано до минута и функционираме како вистински тим, но и се бориме со сите предизвици на кои наидуваме.

На илјадници километри далеку од дома, каде би сакала да продолжиш да се градиш како лекар? Која е крајната цел?
– Кина е големо животно искуство. Во принцип странците кои пробале да живеат во Пекинг остануваат тука од три до пет години. За сега сме тука, за во иднина ќе видиме.

Дали новата средина ви донесе и нови навики? Промена на секојдневие, на омилена храна, на парфем или можеби на целосно функционирање?
– Првата нова навика на сите, па и на мојата ќеркичка која има 5 години и е тука од три години, е пиењето на топла вода во текот на целиот ден. Според кинеската традиционална медицина, пиењето топла вода придонесува за подобра циркулација и го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Го активира дигестивниот систем и го регулира нервниот систем.

Се радувам на секој нов кинески рецепт кој ќе го пробам да го зготвам. Мојата прва вог тава ја купив тука и сум многу горда на сите јадења кои ги научив. Кинеската храна познато е дека е здрава и овозможува секогаш убава енергија на организмот. Тоа го искусивме директно и навистина е така. Имаат прекрасни јадења и делуваат на организмот така што никогаш не се чувствуваш прејаден, а ја имаш потребната енергија да бидеш активен и продуктивен преку целиот ден.
Постојат ли моменти на носталгија? Што кога ќе заплаче срцето за дома?
– Секако дека постојат моменти на носталгија и во такви моменти сакам да ги слушнам моите најблиски во Македонија. Првата личност на која ѝ се јавувам е секогаш, без исклучок, мајка ми.

Кога ни недостига Македонија и сакаме да се почувствуваме за момент поблиску до дома, тоа го правиме со спремање на некое од македонските традиционални јадења и уживаме во познатите вкусови на македонската кујна кои за момент нѐ враќаат дома.