„Јас ќе се потрудам да го сочувам тоа парче душа и на 6.01 ќе направиме бадникова трпеза.На дечкиве се обидов да им објаснам на начин на кој можат да разберат,ги испочитувавме нивните обичаи, купивме и разменивме подароци со другарите, но сепак поклоните нивни ќе си ги отворат на Нова Година. Тажно ми е сепак што и овие празници сме далеку од бабите и дедовците, но тоа е. Учиме да живееме со предизвиците секој ден…“ Марија, Норвешка
На денот на Католички и по нов календар Православен Божиќ – 25 Декември, решив во „Интернационалки“ – Фејсбук група со илјадници македонски жени кои живеат насекаде низ светот, да прашам како и дали ги слават празниците по православниот стар календар, оној на којшто сме израснати сите.

Одговорите кои ги добив, во помал или поголем степен, соодејствуваа со она што го претпоставував – држејќи се до нашата традиција и корени, полека ги внесуваме и оние на земјата во која живееме. Во колкав степен и со каква брзина, очигледно зависи од многу фактори – дали сме со или без деца, на коjа возраст се децата, колку години живееме во земјата и можеби најважната од сите причини – Колку сме биле емотивно и психички спремни да се разделиме од Македонија и својот дотогашен идентитет.
„ Јас сум израсната во Италија од 5-18 години. Учев во католичко училиште каде што поголем дел од професорите беа калуѓери. Се даваше огромен акцент на верата и се одешњ в црква скоро секој ден. Јас и брат ми бевме целосно интегрирани, па дури и македонскиот јазик го имавме изгубено. Дома го славевме правиславниот Божиќ и имавме прилика да гп правиме без моите да бараат слободни денови бидејќи се паѓаше на еден италијански празник. Секогаш сме им честитале на католиците, но никогаш не сме славеле на 25ти бидејќи моите родители сакаа да задржат барем едно парче од нашите традиции.“ Марија, Лондон

Кај скоро сите одговори, едно нешто беше заедничко – сите ги славиме локалните празници, но не сите сме ги прифатиле заради истите причини. Некои ги слават за „детето да не се чувствува отфрлено од другарчињата“ или „да не се прашуваат зошто тукашниот Дедо Мраз доаѓа на 24ти, а не на Нова Година“, додека некои „затоа што ги почитувам празниците во земјата во која живеам, тие денови не сме на работа и е одличен повод за семејно собирање и славење“, „затоа што сопругот е Католик и ги славиме сите празници два пати“ и „затоа што моите деца се родени во оваа земја и не гледам зошто не би ги славеле локалните празници“.
„ Ние католички Божиќ славиме. Децата во градинка и на училиште така си го слават и влезени се во тој филм. Дури и за јадење кога ќе ги прашаме што сакаат, одбираат типична шведска храна за Божиќ и подароци очекуваат токму за католички Божиќ иако во македонската традиција тоа го нема. На 7 јануари сме на равота и сакаме, не сакаме не можеме да го славиме.“ Јасмина, Шведска

Соодветно на ова и славењето на нашите празници има различен пристап – од „Локалните ги одбележуваме, но нашите ни се најважни зошто сакам децата да знаат од каде доаѓаат“ до „Целата еуфорија е за локалните, за нашите само го одбележуваме денот“.
„ Живеам во Бугарија, и си ги славиме Бадник и Божиќ и по бугарскиот календар и после тоа пак и по македонскиот. Долго време на јадење сарми и гравче имаме во овој период. Дедо Мраз (маж ми преоблечен и со сменет глас) раздава подароци на 24.12 вечерта. Скоро сите убави празници си ги славиме по два пати, сите сме така задоволни, а и поводи има повеќе! “ Мирјана, Бугарија

Останува прашањето: Дали со прифаќањето на обичаите на новата средина, дозволувам да се изгуби мојата припадност, семејна историја, спомени и сѐ она што идентитетски ме означувало целиот мој живот? Дали истовремено на децата им го скратувам правото на познавање и почитување на своите корени?
„Ние сме Македонци, православни, но ги славиме и двата Божиќа. Единствено, што за католичкиот Божиќ не одиме во црква. Инаку правиме се по пропис, од украсување и готвење, до подароци за Бадник. Го славевме само нашиот Божиќ се додека синот не тргна во градинка и почна да прашува зошто другите деца подароци добиваат за Божиќ а тој за Нова Година. И така започна дуплото славење. “ Бети, Германија

Од друга страна: Ако не губам ништо, дали тоа значи дека се збогатувам, себеси и моите деца, со нови искуства и погледи кон туѓите религии и култури со кои го делам секојдневието во мојата нова земја?
Дали и колку е лесно за идентитетот на нашите деца да прифатат дека се „различни“, дека баш тие разлики ги прават уникатни и истите им се предност, а не маана?
„Ние ги славиме и двата Божиќа.. Денеска го славевме Јулафтон( Бадникова вечер) кој е поголем и се слави повеќе и од самиот ден Божиќ или Јул, како што Швеѓаните го викаат. Се подготвуваат подароци (јулклаппар) кои се отвараат најчесто околу 15 часот, кога специјално избран водител на националната ТВ им го честита Божиќ на сите, а потоа се гледа цртан филм. Се поставува свечена трпеза со традиционалните јадења предвидени за овој ден, а најглавна на масата е божиќната шунка. Наѓиот православен Божиќ го прославуваме традиционално, со посна трпеза, дури и по старовремски (традиционален) начин – со поставување на Бадниковата трпеза или вечера на под.“ Даниела, Шведска

Дали со повеќејазичноста, мултикултуризмот и славењето на туѓите религиозни празници губиме или добиваме?
„Ние славиме се по дома во Амстердам! Уште некоја Хануках, Рамазан и Ѓурѓовден ни требаат да ги комплетираме сите прослави! За нас прославите се можност да фамилијата и драгите бидат заедно, па не бираме и сите адети со големо задоволството ги тераме. Да се биде локалец не значи дека си помалку Македонец, да се биде микс не значи дека треба да бираш (барем ние така ги учиме нашите деца: секаде да се осеќаат како дома)“ Анастасија, Холандија
Едно е сигурно – секој е во право и сечии чувства се валидни. Кога се работи за лични желби, не постои правилно и погрешно. Сите кои сме надвор знаеме колку е емотивно тежок овој пат и колку растењето деца во такви услови само додава на одговорноста која ја носиме со себе, затоа уживајте во моментите на начин на кој вам ви изгледа правилен.
Среќен Божиќ!









