Интервјуа

„Комфор зоната одамна ми е помината“

Интервју со Билјана Максимовска, од Приштина

Везилка Магазин

Биби, ти си една од оние ТВ икони кои ја обележаа нашата генерација. Слободни, безгрижни, без социјални медиуми. Сега ни се дадени многу платформи, но дали мислиш дека реално ни е даден и глас?

 

Сите сме слободни и безгрижни без разлика на времето во кое живееме, се додека одбираме да бидеме слободни и свои, а грижите не стасуваат со животното искуство, како и менаџирањето на истите. Во нашето детство и младост, живеевме без социјални медиуми, израснавме пред зграда, на улица, во училиште, на гости кај баба, тета, кај братучедите, во камп, без многу луксузи и удобства, тоа искуство дојде подоцна, со развојот на комуникациите и транспортот.

Билјана во Скопје – приватна архива

А гласот, да даден ни е. Секој може да си го најде своето место под сонце и да се изрази, денес е барем тоа лесно, само потребно е да се најде соодветен начин. „Гласот“ стасува дотаму до каде што е наменет или испланиран. Во морето на социјални медиуми и информации кои се нудат, не секоја естетика е и етички поддржана, секако , верувам дека овој дигитален свет ќе не однесе некаде на друго комуникациско ниво, како што е и веќе евидентно што се случува, а јас се радувам на променитте, посебно во светот на комуникацијата.

 

Дали отсекогаш се гледаше во улогата на мајка, или тоа ти се случи дури откога го запозна твојот сопруг Арно?

 

Првата помисла за деца дојде веројатно кога почнав да гледам деца околу, внука ми Ведра ми беше прва љубов, децата на другарките, и се разбира партнерот. Инаку, имав инстинкт дека треба да станам мајка, од себе пред се`, понатаму чувствував дека тој ќе биде добар татко, и тоа дојде некако заеднички.  Посебно сум благодарна што добивме 2 ќерки, децата го окупираат времето и има работа со нив, но тоа е и нормално кога си родител. Не си повеќе сам и имаш повеќе глави за кои треба да мислиш.

Билјана со Бјанка и Аделин – приватна архива

Посебно ми е драго мајчинството, најголемата промена кај жената е нова димензија која нуди друг квалитет на секојдневието, тектонски го менува начинот на живот, а и ја менува филозофијата или пак ги поедноставува ставовите за важно и неважно и го менува приоритетот. Мајчинството исто дава сила и моќ, истовремено не прави поемотивни и поранливи.

 

Преодот од „слободна“ жена во мајка е најтешкиот чекор што секоја жена го направила. Уште потежок е кога истиот е направен во странство, без никој свој, а ти го направи 2 пати. Дали мислиш дека беше спремна за она што те чекаше, и дали една жена воопшто некогаш може да е спремна на тоа?

 

Слободата или „неслободата“ не би ја поврзала со мајчинството, слободата е наша одлука и начин на мислење, ставови кои и децата треба да ги научат. Точно е дека кога се одродуваш од својата земја, таму каде што си роден,  па макар и на определен период, автоматски се оттуѓуваш од секојдневието и од пошироката фамилија и пријателите. Секојдневието веќе не е скопско, дебар маалско ами некое друго маалско.

Среќа, јас сум човек кој се адаптира брзо, се учи градот, околината,  се наоѓаат најдобрите лепчиња за појадок, продавниците за храна, ќе си го најдам кафето што сакам да го пијам, козметиката што сакам да ја користам, музиката што сакам да ја слушам во автомобил и  успевам да создадам круг на пријатели за да можам да функционирам, понатаму социјалната мрежа се шири и животот станува поинтересен, предизвиците се менуваат и така, секогаш човек има што да научи од себе и од другите кога е ставен на тест.

Билјана со Аделин – приватна архива

Комфор зоната одамна ми е помината и не гледам ништо страшно во тоа, дотолку повеќе што веројатно би барала секако друг предизвик доколку се вратиме пак во Скопје. Жената или било кој човек треба да има силна желба за промена, да не се плаши од новитети и промени во животот и да го зграпчи моментот. Лично, јас се радувам на сечие укажано искуство да можеш да живееш вон својот комфор. Тоа ни дава многу знаење, не учи, не прави помудри, позрели. Не очекував ништо помалку од тоа, со сите предизвици.

 

Нормално е да се заменат ноќите на кафани и дискотеки со рано спиење и ноќно доење. Дали и колку се бореше против тоа, или го прифати најсмирено и баш ти дојде како „одмор“?

 

Мојот живот иако активен, не бил нешто претерано кафански ниту дискаџиски, пред да станам мајка. Од мојата прва бременост кога драстично ми се смени начинот на живот тогаш, поминале повеќе од 7 години. Најголемата промена беше во мене, психолошката промена на превземање одговорност за деца, за партнер, за заедница, тоа е најголемата промена што може некому да се случи. Мајчинството е најубавото и најприродното нешто што постои на светот. Тогаш ја разбрав Љубовта поубаво, Чудото на животот и Мајка ми. Мајчинството ми дојде како нова димензија од сама себе, мојот нов универзум.

Билјана со ќерките – приватна архива

 

Постои генерален став дека ние жените сме во понеповолна положба отколку мажите, заради бременост, раѓање, нега на децата, секојдневна грижа околу домот и слично. Колку го почувствува ова лично на тебе, и ако да, како се избори со фрустрацијата?

 

За жал од мое искуство, барем пред повеќе години, кога сеуште не беше забрането претпоставените да прашуваат кога ќе раѓаш деца, можам да забележам дека  имав конкретно дискриминирање на тогашната позиција и владееше таква клима барем таму каде што бев тогаш вработена. Искрено, жалам што не кренавме глас јас и моите тогашни колешки заради таквата дискриминација.

Тешко е да бидеш и кариерист, и да имаш фамилија со сите потреби и обврски. За среќа, во Македонија и регионот фамилијарните традиции се такви што баби и дедовци чуваат деца или помош од типот на бебиситерки се лесно достапни. Но, во други системи и држави не може ни да се помисли некој друг да чува деца освен мајката. Нашиот  семеен став е дека децата треба да бидат со родителите или во градинка и училиште, со повремена помош.  И да, ние жените, глобално,  имаме уште пат за одење.

извор: Приватна архива

 

Велат личноста победила ако од војната излегла со нешто ново научено за себе. Што научи Билјана со последните лични борби?

 

Многу, навистина многу научив за себе, секојдневно уште учам. Среќна и благодарна сум на се` што научив, себефункционирање, себесанирање, самопомагање, деца, партнерски односи во изменети услови, селење, нови пријателства. Најмногу за себе и начинот како да се носам со себе и со другите во сите од овие односи и релации, научив како да дишам кога сум вознемирена, како да бидам позитивна и да се реорганизирам умствено.

извор: Приватна архива

Знам да препознаам луѓе, која им е целта, која им е намерата,  кој лаже, кому да верувам, како да се штитам себе и семејството.  Како да извежбам пилатес или стречинг во 60, 40, 30, 10 минути 🙂 и се разбира, подобро да готвам! 🙂 Човек мора да се самопроучува и одлучува за себе.

 

Создаде една прекрасна и урбана група на жени на Фејсбук, која успешно опстојува повеќе од 5 години. Што научи за луѓето во овие години?

 

Жените во нашата група се вистинско богатство. Кога се собрани толку жени, секоја придонесува на свој начин и излегуваат многу позитивни работи од тој собир на жени. Процесот на учење е паралелен со реалното искуство, повеќето од нас во таа група се дружиме секако, си помагаме, дискутираме, дебатираме и поддржуваме. Во периодите кога сме изолирани, посебно важни се овие контакти. Во моментов не сум во Македонија па дружбата е намалена, но секогаш кога одам во Скопје се организирам да се видиме.

Една работа која ја научив од групата и од социјалните мрежи воопшто е дека, иако достапно, на пати многу нереална е таа комуникација. Вообичаено многу добро се разбираме иако некогаш не се разбираме заради тонот на гласот, кој таму не се чита. Денес, можам да забележам дека некои луѓе се многу „посилни“ во дигиталниот свет, отколку во реалноста. Чуден е тој премин, од Дигиталното Јас, до Реалното Јас, барем за некого.  Со оглед на времето во кое живееме и како што ќе се развива техонологијата и светот, се повеќе ќе се отуѓуваме и живееме онлајн.

ОД – приватна архива

Затоа, секогаш кога ќе се видиме ќе го цениме секој момент повеќе. Секогаш велам, треба почесто да се гледаме, слушаме, за да добиеме чувство еден за друг. Во комуникација со толку многу прекрасни жени научив дека жените се семожни, поготово кога се здружени, дека може да поместуваме планини, ако така намислиме. Вербата, поддршката и енергијата која добиваме една од друга е некогаш вистинскиот ветар во гради кој ни е потребен да направиме нешто што сме поставиле како цел. Секојдневно си помагаме и се поддржуваме.

Некогаш треба да се има трпение, но од друга страна сфатив дека инспирацијата и мотивацијата која ја имам, често пати доаѓа од тие жени за што сум секогаш благодарна. Во последно време организираме работилници за личен развој со професионалци од тој сегмент (психолози, коучинг), вежбаме јога и пилатес заедно, готвиме редовно. Се разбира нашата ОД банда ја координира еден здрав, умен тим на администраторки кои се моја лична инспирација.  Бојана, Ана, Игбаље, Елена ве сакам.

 

Колку ти недостига Скопје и колку често си таму? Каде најчесто одиш и зошто?

 

Приштина, односно нашиот дом е само 80км од Скопје, често доаѓаме, да се видиме со мајка ми, брат ми, фамилијата и пријателите. Децата се поврзани со Баба и со Ведра. Ми недостасува Дебар Маало во пролет и лето, ми недостасува Водно и Кејот на Вардар, Старата чаршија и Бит Пазар, ми недостасува да бидам на точак низ Скопје, да се среќавам со пријателите, случајно на улица, да пиеме  пиво и за децата сок со пуканки во Калдрма и да јадеме чорба во Наџак после шетање во парк.

 

Каде се криеш кога ти треба одмор од сите дома?

 

Со 2 мали деца веројатно нема каде да се скријам многу, вообичаено бегам во бањата или пак излегувам да трчам, вежбам со музика на уши.  Не се кријам,  туку се отстранувам од ситуацијата. Правам detachment, за да можам пак да се вклучам во мојата реалност.

извор: Приватна архива

Апел до сите да носат маски, да се чуваат себе си и своето здравје. Се ќе помине и ќе биде добро.

 

 

Везилка Магазин