Бегајќи од неприликите во родното Конго, 27-годишната Сандра стигнала во Македонија. Добри луѓе, вкусна храна и безбедно место. Африканката бара иднина во земјата. Вешта е со рацете и бара да ѝ се даде шанса да биде фризерка. Сака да се интегрира во општеството и да стане дел од него.
„ ЈАС ГО УЧАМ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК!“
Со голема љубов и желби за добра иднина, 27 -годишната Сандра од Конго, остатокот од животот сака да го помине во Македонија. Откако добила статус од државата, со своите две малолетни деца учи за да се вклопи во новото општество. По четири месеци вели дека разбира сѐ, но потешко ѝ е да одговори.
Омилени ѝ се зборовите од фризерскиот занает, оти таму најмногу се пронаоѓа. Тремата се губи кога ќе ѝ речете да ја покаже вештината во рацете.
Ако нема чешел – се снаоѓа со молив. Со секоја нова плетенка се труди да се надмине себеси.
Поддршката која Црвен крст на град Скопје ја дава во процесот за социјална интеграција на барателите на азил и бегалците во 2020 година, е однапред дефиниран приоритет што бара координиран пристап со надлежните органи по ова прашање. Со низа активности, ќе се олесни процесот преку нудење помош од обучени лица за ова прашање, поддршка од локалните авторитети (локална самоуправа) и сензитивизирање на јавноста за ова прашање.
Преку проектот ќе се придонесе и за:
– олеснет пристап до системот на социјална и здравствена заштита на популацијата која е цел на проектот,
– подобрување на личните вештини на секој поединец со цел полесен пристап на пазарот на труд, преку менторски систем со обучени волонтери на Црвен крст ќе се придонесе за подобро прифаќањe и вклопување во локалниот контекст на Македонија
– полесна интеграција на децата преку креирање на сет активности кои ќе им помогнат полесно да комуницираат со нивните врсници и целокупната заедница во Македонија
– подобрување на положбата на лицата со посебни потреби на кои ќе биде ставен посебен фокус во однос на намалување на нивната ранливост и пристап до сите сервиси.
Наставникот Роберт Раман, за 15 години колку што волонтира во Црвениот Крст, работел со триесеттина луѓе. Вели дека најтешко е со оние кои го имаат англискиот јазик за мајчин. Од искуство кажува дека македонскиот најлесно го совладале луѓе од Шпанија, Финска и од Франција.
„Читањето и пишувањето не толку, повеќе е менувањето глаголи, особено во минато време, бидејќи треба да се научат одново нови зборови, па потоа повторно да ги смениме по лица и тука имаме, да речам, поголем проблем“, вели Раман.
Тој е задоволен од напредокот на Сандра, а и таа ужива во часовите по македонски.
За Конго не сака да зборува многу. Вели дека историјата на државата создава проблеми сега. Тешка е и политичката и финансиската состојба, но еден дел од срцето ѝ е се уште илјадници километри далеку од Скопје, кај луѓето кои ѝ недостасуваат.
„Ми недостасува моето семејство, мојата сестра, мојот брат…“
Ако сакате да ѝ ја вратите насмевката, прашајте ја која ѝ е омилената храна.
„Многу сакам да јадам леб и ајвар. Но убав ми е и оризот и спанаќот и пилешкото месо“, вели Сандра.
Разговорот со неа е пријатен, но кога зимското сонце се сокри, прошетката моравме да ја скратиме. Младата девојка сѐ уште сонува да им прави фризури на луѓето во Македонија, а за да ѝ се исполни таа желба, помага да се избориме со светскиот проблем – корона вирусот. Со неколку девојки од Црвениот Крст остана да им дели заштитни маски на случајните минувачи.