ИнтервјуаПретставуваме

Кој е дедо Живко Николовски, 90-годишниот кондураџија, еден од неколкуте живи Македонци во Бразил кои сѐ уште го зборуваат македонскиот јазик?

Везилка Магазин

 

Ако мислевте дека македонскиот јазик повеќе не се зборува во Бразил, тогаш сте се излажале. Доказ за тоа е 90-годишниот дедо Живко од битолско Жабени, кој иако во Бразил емигрирал во 1951 година, патувајќи 27 дена со брод преку Грција, Италија, Франција и Јужна Африка, и се оженил со жена од италијанско-полско потекло, македонскиот јазик не само што не го заборавил, туку го пренел и на својата сопруга Сирли.

 

Живко со сопругата Сирли на свадбата, 1962

 

Денеска ја имав честа два часа онлајн и лично да разговарам со дедо Живко, за кој можам да ви потврдам дека зборува толку добро македонски, би помислиле дека пред само неколку години излегол од своето родно Жабени! Весел, насмеан и со ведар дух, нема никогаш да претпоставите дека овој човек ја преживеал Втората светска војна, ги оставил својата мајка, браќа и сестри во Македонија, крадел суво грозје да задоволи глад во имиграциониот камп во Грција и дека со својот татко и брат поминале 10 години сами во Бразил, во место каде на почетокот немале ни струја, ни вода.

 

Ирена Трајковска (Везилка) во разговор со дедо Живан

 

Претприемачкиот дух на дедо Живан се покажал многу рано во неговиот имигрантски живот, па по само 4 години од преселбата во Бразил, тој, заедно со својот татко, брат, чичко и братучед, отвориле фабрика и дуќан за чевли, каде произведувале, продавале и поправале чевли. Тој и ден денес секојдневно го отвора својот кондураџиски дуќан и работи во него исто како и првиот ден, и е локална сензација!

 

 

Во саботата, на 17 јули, дедо Живан го прослави својот 90 роденден. Неговата ќерка Елизабета (една од шестте деца) со нас сподели видео и фотографии од прославата, на коишто можете да го видите дедо Живан како игра оро на македонска песна, како и прекрасната симбиоза на македонското и бразилското знаме, која само ја покажува нивната огромна желба за задржување на македонската култура и традиција!

 

 

 

Од роденденската прослава на дедо Живан на 17 јули

Приказната за животот на дедо Живан, кој се води од мотото „Без план никогаш нема да знаеш каде одиш во животот“ ќе можете да ја прочитате ексклузивно на Везилка.

Дедо Живан деновиве, со сопругата и шестте деца во својот дом во Бразил

 

Везилка Магазин

Напишете коментар