„Во Македонија нема патриоти или предавници“, рече дедо ми и од пазувата извади чоколадо.
Дедо ми беше умен човек, но не знаеше дека повеќе го сакам чоколадото од муабетот, сепак се надеваше дека нешто од кажаното ќе ми остане во глава.
„Тука нема ни Македонци, ни Албанци, ни Срби, ни Турци, ни Власи, ниту пак Бугари, Грци, Роми, Бошњаци – има само добри и лоши луѓе“, продолжи тој.
Го гледав со широко отворени очи додека лакомо го јадев чоколадото што ми го купил од неговата мала пензија.
„Ова важи не само за Македонија туку и за цел свет”, рече дедо ми широко раширувајќи ги рацете како да сакаше да ми покаже колку е голем тој свет. „Во светот нема Французи, нема Американци, нема Шпанци, ни Енглези, ни Кинези, нема ни Германци, ни Италијанци… има само добри и лоши луѓе и сигурен сум дека на оваа малечка планета бројот на добрите луѓе е секогаш многу поголем од тој на лошите.“
Веќе го имав изедено чоколадото и му гледав во празните раце.
„Гледај ме во очите“, ми рече дедо ми, „и биди добар или барем обиди се, ако не за себе тогаш за оние што идат после тебе.“
Се завртев и погледнав кој би можел да доаѓа после мене, но таму стоеше баба ми. „Доста му ја полниш главата на детето со твоите глупости, влези дома и заврши некоја работа!“, му подвикна таа.
Текст и илустрација: Владо Јаневски