Пауза. Сите сме дома. Како принудно да сме ставени на тест. Како да сме дел од еден научен експеримент кој го набљудува функционирањето на нашиот семеен систем. Аха, која акција е следна? Некои маневри кои до сега биле во игра за да ја регулираат близината и дистанцата одеднаш, …пуф… не постојат, нема бегство во кафана, нема бегство на работа, нема другари, нема теретана…, но, алкохолот е за жал тука…депресијата, главоболките, … бегството во болест…
Остана нашето семејство, …останаа децата,…, останавме јас/ти и децата, …, останавме јас и ти, …, останав јас…
И што сега. Како да ја премостат дистанцата што со години ја создавале? Кога се сретнале и се чинело дека имаат исти соништа, реченицата што таа ја почнувала, тој ја довршувал, неговите значајни нешта и на неа и биле важни. Клопчето на нивната врска, како незабележително, полека да се одмотувало, и се губело, а тие го вртеле погледот. Секој се справувал како што умеел. Секој со своите заштитни механизми.

Но, одеднаш како да гледа за првпат по долго време. Гледа, се што со години не сакала да види и глетката ја чувствува како врел шамар, како удар под појас. Изветвена, досадна, обезбоена, обична и празна врска. Не знае како да комуницира, како да му се доближи, како да му каже за нејзините чувства, а да не ја отфрли, да не се почувствува повреден, како да ја забележи, а тоа да не биде кавга. Само во тие моменти имаат допирна точка. Како да се откаже од кавгите кога копнее за контакт?!
Таа станала невидлива. И се чини, неговиот поглед може низ неа да види. Како да е се веќе познато, јасно и нема ништо ново што може да се открие. Нејзините жалби, уште повеќе го оддалечуваат и се закануваат дека ќе ги скинат последните нишки што ги држат заедно.
Преокупирана со своите чувства, се дави во незадоволството и не успева да го види него. Не успева да види дека тој ја полни со разни задоволства, неговата празна кофа без дно. Става, става, но попусто, ништо не останува внатре. Живее само во моментот додека сеуште постои вкусот на задоволството. Посегнува и го добива тоа што му треба, контакт. Контакт со екранот, храната, чашата,…, нема критики, нема барања, нема очекувања од него, нема напор.

Не се гледаат. Ниту таа него, ниту тој неа.
Децата, само си ги предаваат… Ненавикати без помош од други, баби, дедовци, учители, другари. Затворени, не истрчани, па уште и да учат и да бидат тивки додека родителите работат. Е ова е контактна точка под висок напон. Едниот строг, другиот попустлив. Таман едниот се опуштил другиот станал пресериозен и строг, никако да застанат на иста страна.
Каде е упатството за употреба на овој сложен систем?! Кој ја игра оваа игра?! Кои се правилата? По колку жетони добива секој играч? Има ли некој одговорен?
Јас… Каде сум јас во приказната?! Како да постојам само преку својот однос со другите.
Што се случува?!

Криза, планетарна, национална, општествена, здравствена, научна, семејна, лична. Криза на одговорност, криза на контактот со себе си и со другите.
Криза како болка, страдање, соочување со непријатното и криза како предизвик и како можност за раст.
Средба со себе си, со својата вистинска природа.
Средба на јас и ти, средба на две личности. Те гледам. Чинам како да те гледам за првпат, не само со очите, но и со срцето. Мојата душа ја препознава твојата.
Намасте!
д-р. Сања Катушевска Вангелски е психијатар со клиничко искуство во областа на адиктологија, како и групна и индивидуална работа со ранливи групи. Таа работи како гешталт психотерапевт во едукација и пишува текстови од областа на ментално здравје и личен раст и развој. Посетувала и едукација од семејна и системска психотерапија. Живее во Берлин.