ЛичноСексологија

Ленка: Фантазии

Везилка Магазин

Се враќав од Скопје кон Мадрид. Доцна беше, уморна бев и решив да земам такси.

Таксистот беше еден голем дебел човек, но многу забавен. Во себе носеше илјадници приказни што непрестано ги раскажуваше, а јас љубопитно слушав и поставував уште илјадници прашања кои наведуваа кон нови приказни на кои крај им немаше. Ме донесе до дома и рече: не сакам да те заплашам, не сакам да звучам нападно, но како разговорот да не ни е завршен. Дали би сакала да дојдеш со мене, ќе ти го покажам Мадрид каков што не го познаваш и ќе бидеш мој гостин.“

Ги однесов куферите и се вратив. Среќа мојата цимерка не беше дома инаку, поради опасноста од непознатото, ќе ми ја затвореше вратата и немаше да го доживеам она искуство што ми беше понудено. Не се плашев, иако во еден момент насетив како дебелиот човек ми се додворува. Јас секако му се воодушевував.

Поминавме низ многу места заедно, седевме во неколку различни скриени места каде во доцните часови таксистите се собираат на пијачка. Не знам како со сета храброст се шетав со тој средовечен весел и забавен човек, без воопшто да помислам дека би можел да е сериски убиец или силувач или што и да е…

Сепак, не беше тој ништо од тоа, иако ме допре за колено кога ме врати дома и ме погледна предизвикувајќи ме. Во тој момент мислам дека сакав да се стопам. Почувствував толку силна возбуденост и сакав во истиот момент да ги раширам нозете и целосно да се отворам на предизвикот. Не го направив тоа, му се заблагодарив за прекрасната вечер и излегов, а тој дебел, весел и забавен човек остана да живее во мојата фантазија.

До ден денес ми се појавува. Ми се појавува кога се самозадоволувам и ми се појавува понекогаш и додека сум со партнерот. Ме возбудува самата помисла на таа неостварена фантазија. И не е само таа. Многу други исто така.

И сега се прашувам, што е тоа што ги ограничува нашите фантазии? Зошто повеќе сакаме да зборуваме за сексуалните искуства, а се чувствуваме како да е неправилно да зборуваме и да ги откриваме своите фантазиии? Нели копнежот се покрева преку имагинацијата, а имагинацијата се покрева преку замислените фантазии, остварени или неоткриени? Дали е тоа недопирлива тема, социолошка стигма која останува потисната?

Се сомневам дека денешните партнерски односи се водени почитувајќи ги социолошките стигми. Денес се надевам дека сме поотворени во однос на експериментирање, но еден единствен експеримент сѐ уште кај поголемиот дел останува како „забранет“. Немоногамноста. А толку е возбудлива.

И како сега јас да раскажувам за своите фантазии, кога единствената моја фантазија е онаа за која никој ниту сака да зборува, ниту сака да ја прифати. Дали некогаш ќе гледаме на фантазиите и желбите како нешто што ќе ја зајакне, а не како нешто што ќе ја растури врската?

Мојот партнер е едноставен, го возбудува долен веш, дури ни полицајка не треба да изигравам. А мене, мене ме возбудуваат непознати. Ме возбудува можеби и стравот од непознатото. Ме возбудува забранетото, невозможното. Ете, дома ретко се возбудувам, но секогаш кога сум на место каде најмалку треба да се возбудам, мене тоа ми се случува. На пример, речиси секогаш се возбудувам додека се шетаме по трговски центар. Е ајде де. А тоалет никогаш не ме возбудувал, сепак, не живееме во земја со достојни тоалети.

И сега како? Мојот партнер вели дека јас сум слободна да правам што сакам, но дека доколку отидам со друг, тој ќе ме остави. Жими мајка слободна сум била. Ќе рече некој, па ти не го сакаш штом други посакуваш. Кој нѐ научил дека само тој што го сакаме е тој што не возбудува? Па колку луѓе живеат во заедница со семејство, а тоа што ги возбудува е всушност еднаквиот пол, а не сопругата. На пример.

И сега? Што ако решението не е разделбата? Што ако разделбата направи да страдаме многу повеќе отколку отвореноста кон експериментите? Зошто да се плашиме од експерименти?

Сме гледале на филмови дека немоногамноста ја растура врската. А што имаат врска туѓите сценарија со мојот живот и со моите желби?

Сакам да имам љубовник. Нема да ми ја земе љубовта кон партнерот. Ќе ми ја разгори.

Ете, не за џабе рекле, забранетото овошје е најслатко.

Но, уште послатко е кога вистински ќе го изедеме!

Везилка Магазин