Сè што можам да кажам е: држете се настрана од партнери кои се емотивно недостапни! Има толку многу луѓе во светот кои се желни да ве сакаат и да ја добијат вашата љубов за возврат. Зошто да изберете некој на кој му е тешко да ви се отвори и да го трошите своето време и енергија за да го отворите срцето на таа личност?
Сите ние имаме емотивни ѕидови кои кријат некои делови од нашата личност, кои се плашиме да им ги покажеме на другите. А токму целта на здравата врска е да научиме да стануваме сè поотворени еден кон друг. Меѓутоа, некои луѓе не се подготвени да имаат врска, затоа што се премногу емотивно блокирани. Тие треба да направат сериозно емоционално исцелување пред да бидат способни да даваат и примаат љубов.
Еве неколку предупредувачки знаци на кои треба да им обрнете внимание доколку ги забележите кај својот партнер:
Вашиот партнер не ги покажува своите чувства
„Знам дека Горан е многу чувствителен– едноставно му е тешко да ги покаже своите чувства, бидејќи бил многу повреден во минатото.“
Во што е поентата да се биде во љубовна врска со некој кој не може да ви ги покаже своите чувства? Зарем не е подобро да бидете сами? Самата дефиниција на врска значи интеракција помеѓу двајца луѓе, а не само едната личност да се обидува да комуницира, а другата да не прави ништо во таа врска. Ако вашиот партнер не може да ги сподели своите чувства со вас, тогаш вашата врска ќе биде површна и фрустрирачка, бидејќи вие постојано ќе го терате вашиот партнер да ви се отвори. Запомнете дека тоа не е ваша одговорност, туку негова.
Вашиот партнер треба да умее да ги покажува своите чувства како на пример чувството на среќа, тага, разочарување, возбуда, желба и љубов. Ако тој не може да ги покажува своите чувства, значи дека не е подготвен да биде во љубовна врска. Запомнете дека не постои такво нешто дека некој „едноставно не е емотивен.“ Дали некогаш сте виделе бебе коешто не може да ги изрази своите чувства? Вистината е дека постојат лица кои биле жртви на емоционално злоставување во детството и поради тоа ја изгубиле способноста да се поврзат со своите чувства и да ги покажуваат пред другите.
Вашиот партнер не зборува за своите чувства
„Знам дека Гоце ме сака, меѓутоа, едноставно тој не е човек кој може да зборува за чувствата.“
Целта на љубовната врска не е само да бидете во друштво на вашиот партнер, туку и длабоко да се поврзете со него. Тоа значи да ги споделувате вашите чувства, мисли и идеи со вашиот партнер, а за да го направите тоа, треба отворено и искрено да разговарате со него. Ако сте во брак или живеете со некој кој не ги искажува своите чувства, тогаш вие не сте во љубовна врска – вие само имате договор за заеднички живот. Запомнете дека ако вашиот партнер одбива да ги споделува своите мисли и чувства со вас, тоа ќе ја уништи вашата врска.
Вашиот партнер не може ниту да ви се отвори, ниту да ви верува
„Сашо вели дека не сака да ме изгуби, но одбива да ми се отвори.“
Некои луѓе не можат да формираат здрава љубовна врска, бидејќи се премногу затворени во себе. Овие личности најпрво треба емоционално да се исцелуваат пред да влезат во љубовна врска. Запомнете дека кога станува збор за избор на животен партнер, треба да најдете некој кој е подготвен да направи сè што е потребно за да ги сруши своите емоционални ѕидови. Во спротивно, ќе вложувате многу енергија и напор со цел да го натерате вашиот партнер да ви се отвори, а тој постојано ќе ве оттурнува од себе. На тој начин, никогаш нема да знаете што тој навистина мисли или чувствува. Ова, за возврат, може да ви предизвика чувство на фрустрација и да ви влијае штетно на вашето здравје, енергија и расположение.
Зошто би одбрале да бидете во врска со некој кој не ве сака толку многу колку што вие го сакате? Вие заслужувате некој со кој ќе можете да се поврзете емоционално и кој ќе ги задоволи најдлабоките потреби на вашата душа. Запомнете дека само длабока врска со друго човечко суштество ќе ви го исполни срцето со љубов, радост и среќа.
Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.