Во моето психолошко советувалиште, многу често слушам вакви коментари:
- „Моето момче често ги губи клучевите од колата.“
- „Мојата девојка никогаш не памти каде ги остава работите.“
- „Постојано треба да го потсетувам сопругот за неговите состаноци – искрено, се чувствувам повеќе како да сум му мајка, отколку негова жена.“
Овие коментари произлегуваат од лица кои се во врска со емоционално незрели партнери и поради тоа се принудени да ја преземат улогата на мајка (или татко) на својот партнер.
Кои знаци укажуваат дека вашиот партнер не е емотивно зрел?
1.Вашиот партнер е неодговорен во однос на парите
- Не ги плаќа сметките навреме;
- Често позајмува пари од други луѓе;
- Ги троши парите за луксузи, наместо за своите потреби;
- Не може да задржи ниту една работа подолго време;
- Ако западне во финансиски долг, бара спас од вас;
- Има неисплатени долгови.
Доколку некои од горенаведените карактеристики се однесуваат на вашиот партнер, немојте да ги игнорирате! Финансиската неодговорност на вашиот партнер ќе ви влијае и вам, бидејќи на крајот, поради вашето чувство на одговорност, вие ќе бидете тие кои ќе морате да ги подмирите неговите сметки и долгови. Доколку вашиот партнер не сака да созрее и да ја преземе одговорноста за своите финансии, вашата врска нема да прерасне во здраво и зрело партнерство.
2.Не можете да се потпрете на вашиот партнер
- Постојано дава ветувања што обично не ги исполнува;
- Често доцни на состаноци, на важни настани и сл;
- Често заборава важни информации што претходно сте ги споделиле со него;
- Не ги исполнува своите обврски.
Ако сте во врска со личност на која не можете да се потпрете, несвесно ќе почнете да се однесувате како негов родител, постојано потсетувајќи го за обврските кои тој самиот би требало да ги изврши. Тоа неминовно ќе предивика голема доза на лутина, гнев и незадоволство во вас. Поради тоа, постепено ќе ја изгубите довербата и почитта кон својот партнер.
3.Вашиот партнер е немотивиран
- Нема јасна цел во животот;
- Очекува некој друг да го мотивира за да ги оствари своите цели во животот;
- Тешко му е да ја планира иднината;
- Има големи емоционални проблеми со кои не сака да се соочи.
Доколку некои од горенаведените изјави се однесуваат на вашиот партнер, тоа значи дека вие сте во врска со некој кој не сака да преземе одговорност за својот живот. Доколку сте во врска со личност која не сака да созрее, запомнете го следново: преземањето на улога на родител ќе ја убие страста во вашата љубовна врска!
Колку и да сакате да му помогнете на партнерот, доколку вие ја преземете улогата на мајка или татко во таа врска, ќе создадете нездрава врска. Поради тоа, длабоко во себе ќе имате постојано чувство на лутина и гнев кон вашиот партнер, бидејќи ќе се чувствувате искористено и изманипулирано. Сето тоа ќе придонесе до намалување на сексуалната привлечност кон вашиот партнер, што ќе ја уништи страста во врската. Како може да ве привлекува некој кој се однесува како неодговорно 6-годишно дете?
Што да направите ако сте во врска со емоционално незрела личност?
Ако сте во врска со личност која не сака да созрее, многу е важно да ја увидите вашата улога во таа врска. Најверојатно вие ја играте улогата на „спасител,“ што ви дава лажно чувство на супериорност, но истовремено ве спречува да ги остварите своите важни цели во животот. Тоа што треба да го направите е да престанете да ја играте улогата на спасител и да го соочите вашиот партнер со последиците од неговата неодговорност во животот. Во спротивно, ќе продолжите да страдате, бидејќи во таа врска нема да можете да ги задоволите своите потреби и желби, ниту пак ќе можете да се реализирате професионално. Истовремено, во таква нездрава врска, вашиот партнер нема да научи да преземе одговорност за својот живот.
Доколку ви е потребно стручно психолошко мислење во врска со вашиот љубовен избор или пак се соочувате со проблеми во врската, можете директно да закажете онлајн сесија со мене на нашиот убав македонски јазик на следниот линк.
Доколку вашиот партнер одбива да се промени, најдобро е да ја напуштите таа врска, да се свртите кон себе и да се насочите кон реализацијата на вашите значајни цели во животот. Запомнете дека љубовта не е компромис. Да направите компромис, значи да добиете само дел од она што ви треба. Здравата љубовна врска пружа единствена можност за целосно самоизразување на двајцата партнери!
Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.