Лутината и гневот може да предизвикаат сериозни проблеми во љубовната врска, а понекогаш тоа може да заврши и со насилство. Да живеете со лута личност е исто како да живеете со темпирана бомба. Никогаш не знаете кога може да експлодира и поради тоа, живеете во постојан страв. Кога сакате некој кој има чести изливи на бес, чувствувате дека постојано сте контролирани од неговиот гнев и поради тоа, не можете да бидете смирени и релаксирани во својот дом. Ако вашиот партнер има тешкотии со контролирање на лутината, вие сте принудени постојано да го прилагодувате вашето однесување и да ги задоволувате неговите потреби и желби само за да не го вознемирите.
Еве неколку предупредувачки знаци кои јасно говорат дека вашиот партнер има сериозен проблем со лутината:
- Вашиот партнер се лути и за најмала ситница и веднаш прави проблеми ако нешто не е по негово;
- Кога не се согласувате со вашиот партнер, тој реагира бурно со викање, грубости, закани или друго претерано однесување;
- Вашиот партнер воопшто не е трпелив и може брзо да се изнервира ако треба да чека на ред, кога вози зад бавно возило или да ве слуша кога нешто му објаснувате;
- Ако побарате вашиот партнер да заврши некоја работа, тој веднаш зазема одбранбен или бунтовен став;
- Ако се обидете отворено да му кажете како неговото однесување влијае врз вас, тој тоа го толкува како личен напад и почнува да ви возвраќа со злобни коментари;
- Кога има неконтролиран излив на бес, ги треска вратите во домот, вика по собите или си заминува бесен од вашиот дом;
- Вашиот партнер може за неколку секунди да го промени своето расположение од навидум убаво и ведро расположение во лутина и гнев;
- Доколку не го направите она што тој го очекува од вас или ако направите некоја грешка, вашиот партнер ви вика или ве навредува со цел да ве исмее, повреди или омаловажи;
- Вашиот партнер често избувнува на јавни места: во ресторани, трговски центри, на гости кај вашите пријатели и тн.
- Вашиот партнер го изразува својот бес физички (така што фрла предмети или ве удира вас или вашите деца).
Доколку само неколку од горенаведените изјави се однесуваат на вашиот партнер, треба да прифатите дека тој има проблем со лутината и да инсистирате самиот да побара стручна психолошка помош.
Доколку повеќето од овие изјави го опишуваат однесувањето на вашиот партнер, тоа значи дека вие сте во нефункционална врска. Следствено, треба да му дадете ултиматум на вашиот партнер да престане со навредливото однесување или во спротивно, ќе ја прекинете врската. Важно е да разберете дека вие сте биле во улога на жртва, поради што и вам ви е потребно психолошко советување за да си ја вратите самодовербата и да ја осознаете вашата вистинска вредност.
Доколку повеќето од горенаведените изјави автентично го отсликуваат однесувањето на вашиот партнер, веднаш напуштете ја оваа врска! Дури и ако вашиот партнер е подготвен да побара психолошка помош, сепак, ќе му треба долго време да се справи со неговата лутина, а вие не заслужувате да бидете малтретирани ниту еден ден повеќе.
Најважно од сѐ е да научите да се сакате и да се почитувате себеси и затоа, многу е важно со помош на психолог или советник за ментално здравје да ја си вратите својата самодоверба и самопочит. Доколку ви е потребно стручно психолошко мислење во врска со вашиот љубовен избор или пак се соочувате со проблеми во врската, можете директно да закажете онлајн сесија со мене на нашиот убав македонски јазик на следниот линк.
Ако вие лично имате тешкотии да ја контролирате лутината, во книгата за самопомош „Да се живее поинаку: Патување кон внатрешниот мир, неизмерната радост и вистинската слобода“ ќе најдете неколку корисни научно засновани техники кои ќе ви помогнат да се справите ефективно со својата лутина. Оваа книга може да ја набавите онлајн на следниов линк.
Сепак, доколку изливите на лутина и гнев станат почести и доколку ниту една од стратегиите за релаксација и смирен пристап кон проблемите не функционира, неопходно е да побарате стручна помош од психолог или советник за ментално здравје. Тоа ќе ви помогне да стекнете самоконтрола и да научите да се справувате со животните предизвици на смирен и спокоен начин.
Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.