Another way of living

Личен развој: Дали вашиот партнер има сериозна карактерна маана?

Везилка Магазин

 

Доколку сакате да имате исполнета, стабилна  и среќна врска, една од најважните работи при изборот на вашиот партнер е да избегнете партнер со сериозен карактерен недостаток. Една од најсериозните карактерни маани кај партнерот, која може да биде фатална за врската е зависноста од алкохол или дрога.

Немојте да се залажувате себеси: кога ќе влезете во врска со личност која има зависност, си играте со оган и најверојатно, ќе се изгорите. Физиолошката штета што ја предизвикуваат супстанците кои предизвикуваат зависност е добро документирана, но вие треба да ја разберете и емоционалната штета што тие може да ја нанесат.

Првиот проблем е дека кога сте во љубовна врска со зависник од алкохол или дрога, вие се наоѓате во љубовен триаголник – вие, вашиот партнер и супстанцијата од која тој е зависен. Со текот на времето, таа супстанција ќе биде ваш ривал – бидејќи вашиот партнер ќе ѝ посветува многу време и внимание и поради тоа, постепено ќе се оттргне од вас. На крајот, ќе ја замразите таа супстанција исто толку колку што би мразеле друга жена.

Второ, да се сака зависник значи да се сака некој што е роб – роб на алкохолот, дрогата, коцкањето или на некоја друга активност којашто станала негов господар. Со други зборови, кога сакате зависник, сакате некој кој не е слободен човек. Запомнете дека зависникот нема да признае дека е зависник, бидејќи со тоа ќе признае сопствената немоќ да се откаже од алкохолот или дрогата, а тоа чувство е понижувачко и застрашувачко за него.

Третиот негативен ефект на зависноста врз вашата врска е тоа што зависноста неминовно ќе влијае врз способноста на вашиот партнер да биде интимен со вас. Супстанциите кои предизвикуваат зависност ги отапуваат чувствата. Тоа е една од причините зошто луѓето пијат алкохол или земаат дрога – бидејќи не се чувствуваат убаво однатре и сакаат да се чувствуваат „подобро“. Редовната употреба на супстанцијата која создава зависност ја одзема способноста на зависникот да чувствува целосно, поради што ќе му биде многу тешко да се поврзе емоционално со својот партнер.

Што е алкохоличар?

Алкохоличарите се луѓе на кои им треба алкохол секој ден за да можат да функционираат во животот. Едно пиво за време на викендот не го прави некого алкохоличар, но неколку пива после работа секоја вечер го прават. Најголем проблем е што мнозинството од луѓето кои се зависни од алкохол не ни помислуваат дека имаат проблем.

Меѓутоа, ако сакате некој кој пие, бидете подготвени да се соочите со следново:

  • Неконзистенто и непредвидливо однесување
  • Чести изливи на бес или насилство
  • Депресија
  • Неодговорност
  • Емоционална недостапност
  • Недостаток на сексуална желба и либидо
  • Честа промена на расположението
  • Многу подеми и падови во врската

Важно е да разберете дека сѐ додека вашиот партнер не престане да пие алкохол, да користи дрога или да се коцка, ќе продолжи да се однесува кон вас на ист начин. Вие може да се чувствувате одговорни за неговото однесување и да верувате дека ако промените нешто кај себе, тој ќе престане да пие или да зема дрога. Запомнете дека вие не сте проблемот! Неговата зависност е проблемот. Затоа, што и да направите, разберете дека тој нема да го промени своето однесување.

Што да направите доколку сте во љубовна врска со зависник?

Ако искрено го сакате вашиот партнер, разговарајте отворено и побарајте од него да побара стручна помош. Поставете му го следниов ултиматум: или ќе собере храброст да се соочи со својата зависност и да се справи со неа или ќе ѝ ставите крај на вашата врска. Тоа може да изгледа грубо, но секој психолог или невропсихијатар ќе ви каже дека трпението, разбирањето и љубовта нема да помогнат некој да престане да пие, да се коцка или да се дрогира.

Зависникот никогаш не е „подготвен“ да престане да пие или да се дрогира. Откажувањето не е „лесно“. Сега не е „вистинско време“. Сите овие се само негови изговори; тоа е само негирање на проблемот. Погледнете го проблемот од оваа перспектива: ако вашиот партнер добил ненадеен срцев удар, зар не би инсистирале веднаш да појде во болница и да добие помош? Разберете дека зависноста е болест! Вашиот партнер е болен и нему му треба помош.

Ако вашиот партнер не сака да побара помош, а вие доволно се сакате и се почитувате себеси, тогаш достоинствено ќе ја напуштите таа врска. Во спротивно, ќе биде само полошо. Запомнете дека единствената надеж за вашата врска е вашиот партнер да се соочи со неговата зависност и да побара професионална помош. Вие сте вредна, скапоцена и уникатна божја креација која заслужува да биде сакана токму онака како што сакате од оној кој знае вистински да сака!

 

 

Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.

Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.

За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.

Везилка Магазин