Можеби се прашувате дали сте во здрава љубовна врска доколку вашиот партнер повеќе се грижи за вас отколку вие за него (или за неа)? Со други зборови, партнерот е тој што ви покажува повеќе љубов и внимание, отколку вие нему. На пример, вашиот партнер почесто ви се јавува по телефон, почесто иницира физички контакт со вас (сака да ве допре, да ве гушне или да ве бакне) и почесто ви вели дека ве сака.
Доколку сте во ваква врска, вие можете да се убедите себеси дека го сакате вашиот партнер. Меѓутоа, длабоко во себе знаете дека не го сакате вашиот партнер онолку колку што тој ве сака вас. Вистината е дека оваа врска не е хармонична и поради тоа, нема да функционира.
Следниве знаци укажуваат на тоа дека сте во нехармонична врска:
- Ако вашиот партнер се пожали дека не го сакате доволно, вие веднаш станувате дефанзивни;
- Постојано сте под притисок, затоа што на вашиот партнер му е потребна вашата љубов и внимание, а вие не можете да му го пружите тоа;
- Почесто сакате да бидете подалеку од вашиот партнер;
- Самиот факт дека вашиот партнер има потреба да биде во ваша близина, вам ви создава чувство на анксиозност;
- Се чувствувате фрустрирано затоа што знаете дека на вашиот партнер му е потребно многу повеќе љубов, отколку што вие можете да му дадете.
Доколку се препознавте себеси во горенаведената слика, важно да ги разберете причините поради кои сте влегле во оваа нехармонична врска:
Сакате себеси да се заштитите
Доколку сте биле критикувани, навредувани или игнорирани од страна на вашите родители, голема е веројатноста да привлечете партнер кон кого ќе се однесувате на ист начин како што вашите родители се однесувале кон вас. Со други зборови, во љубовната врска ќе ја преземете улогата на оној родител кој не ви пружал доволно љубов како дете.
Од друга страна пак, вашиот партнер постојано ќе ве моли за љубов и внимание коишто вие нема да можете да му ги пружите. На тој начин, сакајќи несвесно да го казните вашиот родител за тоа што не ви пружил доволно љубов како дете, за жал, вие всушност повредувате невина личност – а тоа е вашиот партнер. Во основа, како да му велите на партнерот:„Можеш да ме молиш за љубов, но никогаш нема да ја добиеш од мене, исто како што јас не ја добив кога бев малечка“.
Важно е да разберете дека ова е многу токсичен начин на однесување којшто може сосема да ви уништи врската. Затоа, доколку сакате да имате здрава и среќна врска, мора да работите на себе со помош на психолог или советник за ментално здравје со цел да ги исцелувате вашите емотивни рани од детството.
Сакате да имате контрола
Доколку сте биле премногу контролирани од страна на вашите родители, голема е веројатноста да одберете партнер кој ќе ве сака многу повеќе отколку што вие го сакате, сметајќи дека така ќе имате целосна контрола врз него. Доколку вашиот партнер искрено ве сака и поради тоа често ви ја покажува својата емотивна и ранлива страна, вие верувате дека имате моќ врз него. Во суштина, вие се плашите да не бидете повредени, па затоа, несвесно ќе одберете партнер кој е мек и ранлив, а кого ќе можете да го контролирате.
Вистината е дека ова лажно чувство на моќ врз вашиот партнер, во суштина, го прикрива вашето длабоко чувство на немоќ и ниска самодоверба со коишто мора да се соочите ако сакате да формирате здрава и среќна љубовна врска.
Вие ја играте улогата на едниот од вашите родители
Доколку едниот од вашите родители бил претежно резервиран и се држел понастрана од својот партнер, голема е веројатноста дека како дете сте формирале верување дека таквото однесување е „нормално“ во бракот или во љубовната врска. Поради тоа, кога ќе пораснете, со единствена цела да не бидете повредени, ќе одберете партнер кого ќе го сакате помалку отколку што тој ве сака вас.
За жал, доколку влезете во ваква врска, никогаш нема да се чувствувате исполнети и среќни, бидејќи нема да можете безрезервно да го сакате вашиот избраник. Можеби нема да бидете повредени и ќе се убедите себеси дека имате контрола во врската, но, никогаш нема да бидете среќни. Напротив, ќе продолжите да го повредувате вашиот партнер со тоа што нема да му ја давате љубовта што ја заслужува.
Што може да направите доколку сте во нехармонична врска?
Најважно од сѐ е да се обидете искрено да одговорите на следново прашање: „Дали мојот партнер ми пружа повеќе љубов отколку што јас можам да му пружам?“ Немојте да се залажувате дека на вашиот партнер му се доволни само трошки од вашата љубов. Немојте да го користите ова погрешно убедување како изговор да останете во врска во која не припаѓате, а која вам и на вашиот партнер ви предизвикува страдање. Запомнете дека љубовните врски се најсилни кога се засновани на меѓусебна почит, искреност и љубов!
Доколку се соочувате со проблеми во врската и ви е потребна стручна помош, можете да закажете онлајн сесија со Д-р Снежана Џамбазова -Попорданоска (психолошки советник и Доктор на Психолошки науки) на нашиот убав македонски јазик на следниов линк.
Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.