Многумина од нас веруваат дека кога ќе го пронајдат вистинскиот партнер, сите потреби и желби ќе им бидат исполнети и ќе живеат живот како во бајка. Со други зборови, повеќето од нас очекуваат избраникот на нашето срце постојано да ги исполнува сите наши потреби и желби и ако тој тоа не го прави, тогаш чувствуваме огорченост или разочараност одвнатре. Ако верувате во овој љубовен мит, несвесно, ќе вршите огромен притисок врз вашиот партнер да биде сè за вас. За жал, со текот на времето, тоа може да ја уништи љубовта и страста во вашата врска.
Зошто е тоа така?
Вашиот љубовен партнер може да ви го направи животот многу поинтересен, позабавен и поубав така што ќе успее задоволи некои од вашите потреби и желби, но тој не може да ја исполни секоја ваша потреба. На пример, доколку се чувствувате емотивно празни или ако чувствувате недостаток на мотивација, ентузијазам или цел во животот пред да започнете романтична врска, ќе се чувствувате исто толку празно кога ќе бидете во врска.
Ако влезете во врска само заради што се чувствувате осамени, или пак ви е потребна емоционална или финансиска сигурност, голема е веројатноста дека ќе се чувствувате разочарани во секоја љубовна врска. Тоа е така затоа што ако влезете во врска со единствена цел да ја задоволите потребата за дружење или да ја исполните сопствената емоционална празнина, тогаш нема да можете ништо друго да му понудите на вашиот партнер освен вашето постојано чувство на незадоволство. Со текот на времето, тоа може да ја уништи врската, бидејќи постојано ќе копнеете по љубов, внимание и наклонетост од партнерот, а вие нема да можете да му возвратите со иста мерка.
Запомнете дека за да можете да давате љубов, најпрво треба себеси да се исполните со љубов. За да бидете постојано исполнети со љубов, треба да ги препознаете вашите секојдневни потреби и да се стремите да ги задоволите тие потреби, во оној момент кога ќе станете свесни за нив.
Вашите потреби се ваш приоритет, и ваша цел е да ги задоволите истите. Ако во одредениот момент не успеете да ги задоволите вашите моментални потреби, ќе се чувствувате незадоволно и фрустрирано. Тогаш, во секој момент постои можност, тие негативни чувства на внатрешно незадоволство да ги манифестирате врз вашиот партнер, како и врз луѓето во вашата непосредна околина. На тој начин, за жал, вие ќе ја пренесете вашата негативна енергија на вашите најблиски.
Во суштина, секој од нас има физички, ментални, духовни и социјални потреби, кои мора да ги задоволи за да има здрав и среќен живот. Во одреден момент, во текот на денот, секој од нас може да има една од следниве потреби:
- Физички потреби: да консумираме здрава храна и здрави напитоци, да имаме покрив над главата и соодветна облека (да бидеме адекватно облечени во зависнот од временските услови и да се чувствуваме комфорно во таа облека), да се занимаваме со нашата омилена физичка активност и тн.
- Ментални потреби: да читаме книги, да пишуваме, да сликаме, да цртаме, да свириме на некој музички инструмент и тн.
- Духовни потреби: да минуваме дел од времето во тишина, најдобро во природа, да разговараме за нашиот духовен развој со некој/а пријател/ка, да читаме книги за личен развој, да слушаме релаксирачка музика, да се занимаваме со јога, медитација и тн.
- Социјални потреби: да имаме квалитетно поминато време со саканата личност, да појдеме на кафе или чај со својот/својата пријател/ка, да бидеме отворени за нови познанства и тн.
Во секој момент од денот треба да се сконцентрираме на нашата моментална потреба, чие исполнување ќе ни предизвика моментално задоволство. Секој од нас мора да ја препознае својата најважна потреба во одредениот момент и да се обиде да го насочи целокупното свое внимание, енергија и напор за да ја задоволи истата. Тоа е најважниот чекор на патот кон внатрешна исполнетост и трајна среќа. (Извадок од книгата „Да се живее поинаку“ од Д-р Снежана Џамбазова -Попорданоска која може да се купи онлајн на следниов линк.)
Драги мои, најважната врска која некогаш ќе ја имате во вашиот живот е врската со самите себе. Затоа, постојано однесувајте се со љубов, почит и достоинство кон себеси. И запомнете дека вашиот однос кон самите себе се огледува во односот со секого и со сé околу вас. Одвојте време да ги задоволите сопствените потреби и да уживате во едноставните задоволства во животот. Така ќе можете да му пружите љубов во изобилство на вашиот партнер, како и на луѓето околу вас.
Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.