Ако вашиот партнер има навика да ги обвинува другите за своите животни околности и да не презема одговорност за својот дел во проблемите, внимавајте: Вие ќе бидете следната личност која е виновна за сѐ. Лицето кое игра улога на жртва се обидува да го привлече вашето внимание така што постојано ве тера да се чувствувате виновни и одговорни за нејзините проблеми. Во основа, оваа личност ја презема улогата на жртва, жалејќи се дека нејзиниот живот е мизерен и дека светот е неправеден кон неа. На тој начин, таа сака да предизвика чувство на вина или сожалување кај вас, со цел да ве манипулира.
Проблемот е во тоа што овие лица не сакаат да преземат лична одговорност за она што им се случува во животот. Тие сакаат само да се жалат или некој да ги сожалува, па дури може да западнат и во депресија, но никогаш нема да преземат нешто за да ја подобрат својата животна ситуација. Ако се обидете да ѝ дадете совет или да ѝ понудите некакво решение на личноста која игра улога на жртва, најчесто ќе добиете список со безброј причини зошто ниту едно од тие решенија нема да функционира.
Некои лица кои се вовлечени во оваа драма очекуваат другите да „ги спасуваат“ и да им ги решаваат проблемите. Други пак, не очекуваат ништо друго освен сочувство, бидејќи единствениот начин на кој тие го привлекуваат туѓото внимание е кога некој ги сожалува. Кога овој модел доминира кај некоја личност, таа станува токсична како за нејзиното ментално здравје, така и за односите со најблиските.
Интересно е да се спомене дека оваа личност никогаш не ја изразува својата лутина директно кон својот соговорник. Таа попрво ќе ве натера да се чувствувате виновни (со тоа што ќе изгледате вознемирено или повредено), отколку да ја изгуби вашата симпатија со изразување на отворено непријателство кон вас. Следниов пример автентично го илустрира тоа. За својот роденден наместо подарок, Сара доби само роденденска честитка од своето момче. Поради тоа, таа го нарече бесчувствителен. Кога тој се побуни поради тоа, Сара му одговори: „Душо, јас не реков дека си бесчувствителен. Јас само реков дека луѓето се различни.“ Таа ќе беше многу поискрена доколку му се обратеше на следниов начин: „Навистина сум лута затоа што ми подари само една обична честитка за мојот роденден. Се плашам дека не ти значам доволно.“
За жал, колку и да сакате да им давате љубов, овие личности нема да можат да ја примат. Тие сакаат само да се жалат дека не биле доволно сакани или разбрани во минатото. Тие уживаат во сопственото страдање, бидејќи „држењето за својата емоционална болка“ им дава илузија дека имаат моќ над оние кои ги повредиле во минатото. Затоа, кога сте во љубовна врска со ваква личност, можете да дојдете до следниве сознанија:
- Колку и да ѝ давате љубов, никогаш не ѝ е доволно.
- Колку и да се обидувате да ја утешите, таа упорно ќе одбива да се расположи.
Што да направите ако вашиот партнер ја игра улогата на жртва?
Доколку вашиот партнер ја игра улогата на жртва, бесполезно е да му понудите совет, бидејќи тој нема да го прифати. Тоа што треба да го направите е да му помогнете да стане свесен за сопствените мисли и чувства. На пример, можете да му се обратите на следниов начин: „Зборуваш како да се наоѓаш во безизлезна ситуација и дека ништо не можеш да сториш за да ја промениш истата. Дали е навистина така?“
Најважно од сѐ, мора да бидете подготвени отворено и храбро да се соочите со својот партнер, бидејќи личноста која игра улога на жртва може погрешно да ги протолкува вашите намери – да помисли дека не ја прифаќате или дека ја отфрлате, додека вие сесрдно се обидувате да ѝ помогнете. Поради тоа, таа може да се навреди или да се налути.
Без оглед на нејзината реакција, многу е важно да ја замолите внимателно да ве сослуша. Сепак, во текот на разговорот треба да останете смирени и постојано да ѝ давате љубов, разбирање и поддршка. Најважно од сѐ, мора да истраете, доколку сакате да го подобрите квалитетот на вашата врска. Во најдобар случај, личноста која игра улога на жртва ќе ги увиди вашите искрени намери и внимателно ќе ве сослуша. Тоа ќе ѝ помогне да стане поискрена и поотворена кон вас, а со тоа и да постигне повисоко ниво на свест. Но, не се залажувајте: ако ја игнорирате оваа шема, таа нема сама по себе да исчезне. Луѓето кои имаат партнери кои ја играат улогата на жртва, учат на потешкиот начин дека со текот на времето, нивната симпатија кон нив се претвора во апатија.
Запомнете дека личноста која ја игра улогата на жртва, ја пренесува својата негативна енергија на другите, а со тоа несвесно ги одбива успехот, љубовта и среќата од себе. Ослободувањето од овој погрешен начин на размислување, ќе ѝ овозможи на оваа личност да се однесува со повеќе љубов, почит и разбирање кон себеси и кон сите форми на живот.
Доколку вие или вашиот партнер имате формирано свест на жртва, со помош на психолог или советник за ментално здравје ќе можете да го надминете овој погрешен начин на размислување, да ја подобрите љубовната врска и да го привлечете сето она што го посакувате во животот.
Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.