Another way of livingЛичен и бизнис развојЛично

Личен развој: Дали го ставате вашиот партнер на пиедестал?

Везилка Магазин

 

  • Млада актерка се заљубува во режисерот на филмот во кој таа ја игра главната улога;
  • Универзитетски студент се заљубува во својата професорка;
  • Нововработена се заљубува во директорот на фирмата во којашто работи.

Сите овие лица ја прават истата грешка: го ставаат својот партнер на пиедестал. За жал, кога ќе се заљубите во некоја личност која ја идеализирате, многу е тешко да формирате здрава и среќна љубовна врска со таа личност. Причината за тоа е што кога имате превисоко мислење за својот партнер, вие не можете да се чувствувате подеднакво моќни и рамноправни во таа врска.

 

Дали го ставате вашиот партнер на пиедестал?

 

  • Сметате дека вашиот партнер е поинтелигентен од вас;
  • Често го цитирате вашиот партнер: „Како што вели Светлана…“ или „Сашо верува дека…“ или „Борис ми рече дека...“;
  • Никогаш не го ставате под знак прашалник неговото/нејзиното мислење, бидејќи сте убедени дека вашиот партнер знае повеќе од вас;
  • Мислите дека во животот никогаш нема да постигнете толку многу колку што постигнал вашиот партнер;
  • Често ви се случува да направите нешто во животот само затоа што вашиот партнер смета дека треба да го направите, а не затоа што вие сакате да го направите;
  • Често му велите на својот партнер: „Многу сум среќна што сум со тебе“, затоа што верувате дека е вистинско чудо и привилегија што токму вие сте негов/нејзин партнер;
  • Сѐ би дале да бидете како вашиот партнер.

Овде сакам да напоменам дека во оваа врска не е проблем разликата во статусот на двајцата партнери, туку ставот кон партнерот кого го ставате на пиедестал. Во ред е да бидете во врска со некој кој е поумен, поинтелигентен или некој кој во животот постигнал повеќе од вас, доколку притоа не го изгубите вашето вистинско „јас“.

 

Зошто го ставате вашиот партнер на пиедестал?

 

  • Барате замена за мама или за тато

Доколку не сте добиле доволно внимание и љубов од страна на вашите родители или старатели, може да привлечете партнер кој зрачи со авторитет, што вам ќе ви даде чувство на заштита и сигурност кои ви недостасувале во детството. Меѓутоа и спротивното е точно: доколку вашите родители се однесувале премногу заштитнички кон вас и поради тоа, вие сте биле премногу емоционално поврзани со нив, може сѐ уште да ви биде тешко да воспоставите здрави граници во врската со вашите родители. Тогаш, ќе привлечете доминантна и авторитетна личност која ќе ве третира како помалку компетентна од себе, со што вие ќе ја задржите улогата на дете на кое сѐ уште му треба заштита.

 

  • Се чувствувате емоционално или духовно празни

Доколку имате ниско ниво на самодоверба, може да ве привлече партнер со висока самодоверба кој ужива почит и авторитет, а кого вие ќе го ставите на пиедестал. Запомнете дека во тој случај вие сте заљубени во неговата моќ, компетентост и висока самодоверба, а не во самата личност.

Решение: Ако го ставате вашиот партнер на пиедестал, немојте да очекувате тој самиот да се симне од таму. Важно е да разберете дека вие со вашето однесување го држите својот партнер на пиедестал на тој начин што не се почитувате доволно себеси и поради тоа не го добивате она што ви е потребно во врската. Оваа врска може да функционира само ако ги ставите вашите сопствени потреби, желби и цели на прво место и ако почнете повеќе да се сакате и да се почитувате себеси. Исто така, важно е вашиот партнер да се согласи да се симне од пиедесталот и да се откаже од улогата на ваш „учител“ во животот.

Драги мои, врските се нашето огледало. Кога ќе се сретнеме со некоја личност, се среќаваме со самите себе. Она што го искусуваме во врската е она што го внесуваме во неа. Затоа, пред да засакаме некој друг, најпрво треба да се засакаме себеси.

Ако сакате да ја зголемите својата самодоверба и да научите како да се сакате безусловно самите себе, во книгата за самопомош „Да се живее поинаку: Патување кон внатрешниот мир, неизмерната радост и вистинската слобода“ ќе најдете неколку корисни научно засновани техники кои ќе ви помогнат да ја пронајдете вистинската вредност во себеси. Оваа книга може да се набави онлајн на следниов линк.

 

Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.

Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.

За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.

Везилка Магазин