Another way of livingЛичен и бизнис развојЛично

Личен развој: Дали имате токсична свекрва и како да се справите со неа?

Везилка Магазин

„Свекрва ми ме полудува. Таа му се јавува на мојот сопруг десет пати на ден и постојано ме критикува.“

 „Зошто мојот сопруг не престанува да ја спасува мајка си? Тој веднаш трча кај мајка му ако таа има главоболка или ако треба да ѝ смени сијалица. Цело време се караме поради неа.“

Ова се најчестите коментари што доаѓаат од жени кои имаат токсични свекрви. Терминот „токсичен“ потекнува од грчкиот збор токсикон, што значи „отров.“ Отровот е нешто што му штети на секој кој ќе дојде во допир со него. А токму тоа е описот на токсична свекрва – мајка на вашиот сопружник чиј контакт со вас е штетен за вашата благосостојба и среќа.

 

Дали вие имате токсична свекрва?

 

  1. Понекогаш чувствувам како да го делам сопругот со неговата мајка.
  2. Мојата свекрва постојано се јавува по телефон или нѐ посетува повеќе од која било друга личност во нашиот живот.
  3. Барем еднаш неделно се расправаме со сопругот за мајка му.
  4. Се ужасувам кога свекрва ми ќе нѐ посети.
  5. Кога сме во присуство на мојата свекрва, јас и мојот партнер речиси секогаш се караме.
  6. Никогаш не сум се чувствувала целосно прифатена од мојата свекрва.
  7. Мислам дека што и да направам, никогаш нема да бидам доволно добра во очите на мојата свекрва.
  8. Кога се обидувам да разговарам со сопругот за проблемите со свекрва ми, тој веднаш зазема одбранбен став и ми вели дека тоа е мој проблем.

Доколку одговоривте потврдно на некои од горенаведените изјави, значи дека имате токсична свекрва. Проблемот е што токсичната свекрва не ги почитува границите на вашиот брак. Еве на кој начин се манифестира тоа:

  • Токсичната свекрва смета дека целта на вашиот живот е да бидете секогаш тука за неа. Таа постојано ќе ви се јавува и ќе се чувствува навредено ако немате време да разговарате со неа. Оваа личност едноставно не го почитува автономниот живот што се обидувате да го водите со нејзиниот син.
  • Токсичната свекрва цело време ви се меша во животот. Таа ви дели совети околу тоа како да ги воспитувате вашите деца, како да го декорирате вашиот дом, каде да ги инвестирате парите и тн. Токсичната свекрва ќе ве вовлече во расправии, ќе ве натера да ги изгубите нервите, ќе ве принуди да станете груби и ќе ви го подигне крвниот притисок, бидејќи постојано ви се меша во приватниот живот.
  • Токсичната свекрва не ве прифаќа ниту вас, ниту вашата врска. Во основа, таа сака да ве казни што „сте ѝ го одзеле“ детето, така што ве понижува и критикува, поради што постојано ќе се чувствувате отфрлено. Постојат многу начини на кои таа го прави тоа:
    • Испраќа картички или писма адресирани само до вашиот сопружник, но не и до вас двајцата;
    • Кога се јавува по телефон, го бара вашиот сопруг без да сака да разговара со вас;
    • Често го заборава вашето име, или уште полошо, ви се обраќа со името на бившата партнерка на вашиот сопруг
    • Во ваше присуство, зборува за вас во трето лице: „Ако твојата жена ти готви почесто, сигурно не би бил толку слаб
    • Постојано ве критикува пред вашиот сопруг и пред вашите деца.

Токсичната свекрва се однесува на овој начин, затоа што не може да прифати дека некој друг го сака нејзиното дете. Несвесно, таа го претворила своето дете во „псевдосопружник,“ барајќи љубов од него, која не можела да ја добие од својот сопруг.

 

Како да се справите со токсичната свекрва?

 

Ако имате токсична свекрва, имате само еден избор доколку сакате вашата врска да опстане: Мора да инсистирате вашиот сопруг да се соочи со својата мајка и да воспостави здрави граници во нивните односи. Сѐ додека вашиот сопружник смета дека тоа е ваш проблем и одбива да се вклучи да го реши, вие ќе продолжите да се оддалечувате еден од друг. Доколку сака да го спаси својот брак, вашиот сопруг треба да ѝ се обрати на својата мајка на следниов начин:

Ја избрав мојата сопруга да ми биде животна сопатничка и очекувам да се однесуваш кон неа со целосна почит, учтивост и топлина. Ние сме двојка и кога ја критикуваш или ја повредуваш мојата жена, исто како мене да ме повредуваш.“ Мајка му може отпрвин да се вознемири, па дури и да одбие да разговара со вас некое време, но, по извесно време ќе го исполни барањето на нејзиниот син, без да признае дека го прави тоа.

Ако вашиот партнер одбива да се соочи со својата мајка, можете да се обидете да му предложите брачно советување за да добие трето мислење. Ако го одбие тоа, тогаш треба да се запрашате зошто останувате во таа врска. Вие заслужувате да бидете со човек кој нема да му дозволи никому да ви се меша во вашата среќа и на кој ќе му бидете приоритет во животот!

Доколку ви е потребно стручно психолошко мислење во врска со вашиот љубовен избор или пак се соочувате со проблеми во врската, можете директно да закажете онлајн сесија со Д-р Снежана на македонски јазик на следниов линк.

 

Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.

Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.

За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.

 

Везилка Магазин