Во моите психолошки сесии многу често го слушам следново прашање: „Дали е можно да се чувствуваш длабоко вљубен во својот партнер по пет, десет или дваесет години заеднички живот?“. Благодарение на неодамнешните невролошки истражувања, можеме да одговориме на ова важно прашање и да откриеме во што е тајната на една хармонична, силна и долготрајна љубовна врска.
Една неодамнешна истражувачка студија објавена во списанието Social Cognitive and Affective Neuroscience, за прв пат истражуваше кои области на мозокот се поврзани со долготрајната романтична љубов и зошто некои брачни парови остануваат лудо вљубени еден во друг со години, па дури и со децении. Научните истражувачи ги споредиле скеновите од мозокот на лица кои живееле во брачна заедница повеќе од 20 години со скеновите на поединци кои штотуку ја започнале својата романтична врска.
Изненадувачки, резултатите покажале слична активност во истите региони на мозокот кај сите парови. Сите учесници во оваа студија биле во долготрајна, сексуално моногамна врска и секој од нив изјавил дека никогаш не ја изгубил почетната љубовна искра и страст кон својот партнер. Заклучокот на оваа студија е дека пламенот на љубовта може да се одржи со ист интензитет долги години во љубовната врска и дека вистинската љубов може да трае вечно.
Која е вашата дефиниција за здрава и среќна љубовна врска?
Според најновите научни сознанија во областа на романтичните врски, една здрава, стабилна и хармонична врска ги има следните карактеристики:
- Желба за физичка и емотивна близина со партнерот, бидејќи тоа создава чувство на смиреност и сигурност кај двајцата партнери.
- Покажување на длабока почит, наклонетост и целосно внимание кон партнерот во текот на секојдневната интеракција.
- Во присуство на партнерот се чувствувате поживо, поенергично и порадосно.
- За време на дискусиите со партнерот, се обидувате да одржувате сооднос 5 спрема 1 помеѓу позитивните и негативните коментари кои си ги упатувате еден на друг. Наместо да се обвинувате еден со друг или пак да се повредувате со зборови за кои навистина не размислувате, вие одржувате позитивен став додека се обидувате заеднички да ги решите проблемите.
- Често имате желба да направите нешто посебно за вашиот партнер со цел да го направите среќен.
- Помеѓу вас постои длабока емотивна поврзаност, физичка привлечност и сексуална хемија која трае и после многу години поминати во брак.
- Партнерот е постојано е во вашите мисли, дури и кога сте физички разделени.
Ова се основните карактеристики на една здрава и хармонична љубовна врска. Доколку овие карактеристики можете да ги препознаете во вашата љубовна врска, тоа е доказ дека истата ќе продолжи да се продлабочува со текот на годините, а резултатот ќе биде среќна, стабилна и исполнета врска.
Драги мои, чувството на вљубеност може да трае цел живот, а оние парови кои успеваат да го задржат, се најсреќни и најздрави. Здравите врски можат да бидат моќни темели на здрав ментален, емоционален и духовен развој. Како што Оскар Вајлд прекрасно кажал: „Вие не сакате некого поради неговиот изглед, неговата облека или неговиот скап автомобил, туку го сакате затоа што тој пее песна која само вие може да ја слушнете“.
Во вистинска љубовна врска две индивидуи стануваат едно… Кога некого сакате длабоко, искрено и целосно, вашето его потполно исчезнува и тогаш вие целосно можете да ѝ се предадете на љубовта. Само тогаш се создава простор каде љубовта може постојано да цвета.
Во вистинска љубовна врска, партнерот му дава смисла на вашиот живот. Во таква врска, партнерите живеат еден за друг и еден во друг во нивниот свет на љубовта. А моќта на љубовта ги трансформира и двајцата партнери! Како што Пауло Коелјо прекрасно напишал: „Кога сакаме, секогаш се стремиме да станеме подобри отколку што сме. Кога се стремиме да станеме подобри отколку што сме, сè околу нас исто така станува подобро“.
Вистинската љубов поттикнува заеднички личен развој, хармонија и радост. Само во вистинска љубовна врска двајцата партнери имаат единствена можност да ја креираат и да ја искусат најдобрата верзија од себеси и целосно да се реализираат.
Доколку ви е потребно стручно мислење во врска со вашиот љубовен избор или имате проблеми во врската, можете да ме контактирате за помош или директно да закажете онлајн сесија со мене на нашиот прекрасен македонски јазик на следниот линк.
Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.