Понекогаш луѓето избираат да бидат во врска поради погрешни причини. Според експертите за љубовни врски, ова се најчестите погрешни причини поради кои луѓето влегуваат во љубовна врска:
1.Притисок од семејството, роднините и пријателите
Притисокот е влијанието што пријателите, семејството или општеството го има врз вас на ваков начин: „Треба да бидеш во романтична врска, инаку нешто не е во ред со тебе.“ Ако чувствувате притисок од другите, можно е да изберете партнер само за да ги задоволите тие околу вас и да започнете романтична врска со некој кој не ви одговара, поради што најверојатно врската нема да трае долго.
2.Чувство на осаменост и очај
Кога се чувствувате осамени или очајни длабоко во себе, многу е поголема веројатноста да направите погрешен љубовен избор и да завршите во нездрава романтична врска. Немојте да ги спуштате вашите стандарди само заради тоа што моментално не се чувствувате убаво одвнатре. Запомнете дека вие сте уникатно и посебно човечко суштество кое заслужува да биде во врска која ќе ги исполни најдлабоките потреби на вашата душа.
3.Не сакате да работите на себе и на својот личен развој
Некои луѓе влегуваат во љубовна врска не затоа што се подготвени да ја споделат својата љубов со некого, туку затоа што сакаат да бидат згрижени. Во суштина, овие индивидуи не сакаат да созреат, па наоѓаат партнери кој ќе ја игра улогата на „мама“ или „тато“. Во ваквите врски нема можност за заеднички раст и развој, бидејќи партнерите со својот заеднички однос само ја поткрепуваат заедничката зависност. За жал, во взаемно-зависните врски партнерите целосно го губат својот идентитет. Ова се клучните карактеристики на взамено -зависните врски:
• Помеѓу вас и вашиот партнер постои голема разлика во годините
• Помеѓу вас и вашиот партнер постои голема разлика во финансискиот и професионалниот успех
• Едниот партнер секогаш бара помош или совет од другиот.
Доколку сте во ваква врска, вие може да се убедувате себеси дека сте заљубени, но вистината е дека всушност, во партнерот сте нашле замена за мама или тато. Во суштина, вие сакате да бидете со некој кој постојано ќе се грижи за вас и за вашите лични потреби кои не ви биле задоволени во детството од страна на вашите родители. Оттука, влегувате во врска во која постои взаемна зависност, бидејќи не сакате да преземете одговорност за сопствениот живот.
4.Чувство на вина
Дали некогаш сте останале во врска многу подолго отколку што би требало да останете, од страв да не го повредите партнерот кога ќе ја прекинете врската? Ако одговорите потврдно на ова прашање, вие се убедувате себеси дека го сакате партнерот, но вистината е дека сте во врска само поради чувство на вина и сожалување кон партнерот. Дали сте во врска поради чувството на вина? Следниве изјави ќе ви помогнат да со го дадете себеси одговорот на ова прашање:
• Тешко ви е да им кажете „не“ на другите, особено на оние за кои искрено се грижите.
• Потекнувате од дисфункционално семејство во кое не се почитувале вашите чувства (на пр. некој од родителите постојано ве критикувал, ве контролирал или премногу пиел)
• Сте израснале со верувањето дека вие сте одговорни за чувствата и среќата на другите
• Кога некој зборува за своите проблеми, имате силна потреба да му помогнете да најде решение.
• Повеќе сакате да го трошите своето време и пари на некој друг, отколку на себеси.
• Не сакате отворено и искрено да го изразите своето мислење ако забележите дека тоа може да го вознемири вашиот соговорник.
Ако одговоривте потврдно, значи дека сте во врска поради чувството на вина, а не поради тоа што вистински го сакате својот партнер. Запомнете дека постојат само две вистински причини за да се започне романтична врска со некого:
1. Во вашето срце има многу љубов која сакате да ја споделите со вашата сродна душа.
Ако влезете во љубовна врска од оваа причина, ќе се фокусирате на она што можете да му го дадете на партнерот, а не на она што можете да го добиете од него. Кога длабоко ќе се поврзете со вашето вистинско јас и со изворот на љубота во себе, постојано ќе ја споделувате со избраникот на вашето срце.
2. Подготвени сте да се спознаете себеси, така што ќе го видите вашиот вистински одраз во огледалото на вашиот партнер.
Партнерот е еден вид огледало на самите нас. Кога влегувате во романтична врска, се соочувате со огледалото кое рефлектира сè за вас, назад кон вас. Се соочувате со вашите стравови, со вашите слабости, со вашата себичност, со вашите ограничувања, со вашата бесчувствителност и со вашата гордост.
Вистината е дека љубовната врска може да биде вашиот најголем извор на болка или вашиот најдобар учител. Ако не сте подготвени да работите на својот личен раст и развој, постојано ќе му наоѓате замерки на вашиот партнер и ќе влегувате во конфликтни ситуации со него. Со други зборови, постојано ќе му се лутите на огледалото за одразот што ви го покажува.
Колку повеќе можете да ѝ се предадете на љубовта и да гледате на вашата врска како на мудар учител во животот, толку повеќе ќе созреете и ќе ги уживате благодетите на вистинската љубов.
Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.