Another way of livingЛичен и бизнис развојЛично

Личен развој: Дали сте во врска со личност која сака да ве контролира?

Везилка Магазин

 

  • Дали вашиот партнер смета дека секогаш е во право?
  • Дали вашиот партнер се вознемирува доколку не ги правите работите на „одреден начин“?
  • Дали вашиот партнер постојано ве осудува и ве критикува?
  • Дали вашиот партнер е постојано е незадоволен од вас и вели дека сē што правите е „погрешно“?

Ако одговоривте потврдно на некое од горенаведените прашања, значи дека сте во врска со личност која сака да ве контролира. Стереотипот за контролирачки партнер е дека тој е вербално или физички агресивен и постојано се служи со закани и ултиматуми.  Преправајќи се дека сака да ви помогне, тој постојано го критикува вашето однесување или вашите избори во животот. На тој начин, вашиот партнер се обидува да ве контролира.

 

Следуваат 11 предупредувачки знаци дека сте во врска со партнер кој сака да ве контролира:

 

1.Вашиот партнер има тешкотии да ви се отвори и да зборува за своите чувства или пак да ви ја покаже својата ранлива и емотивна страна.

2.Вашиот партнер не сака да признае дека сте му потребни во животот.

3.Вашиот партнер е многу љубоморен и посесивен, поради што не ви дозволува да се дружите со лица од спротивниот пол. На пример, тој може да ви рече: „Не може да имаш машки пријатели.“

4.Вашиот партнер може лесно да се вознемири, па дури и да избувне кога не може да го добие она што го сака или кога чувствува дека е надвор од контрола. Со викање и гнев тој се надева дека ќе ве манипулира и ќе ве натера да го послушате.

5.Вашиот партнер се обидува да ги контролира вашите избори и навики. Тој директно ви кажува дека не ги сака вашите пријатели и дека вие не може да се дружите со нив.

6.Преминувањето на границите е сосема нормално за вашиот партнер. Дури и кога ќе му кажете „не“, тој сепак го направи тоа што си го замислил. На тој начин, тој ја презема контролата во врската, покажувајќи дека вашите потреби воопшто не му се важни.

7.Вашиот партнер има тешкотии да се опушти во кревет.

8.Вашиот партнер тешко се опушта после работа, за време на викендите или кога е на одмор.

9.Вашиот партнер е нетрпелив и раздразлив.

10.Вашиот партнер е критички настроен кон своите деца и има тенденција да доминира врз другите.

11.Вие имате чувство дека постојано треба да му поднесувате „извештај“ за тоа што правите во животот. Личноста која не ви дава простор во животот е личност која има сериозен проблем со контролирањето. Ако забележите дека вашиот партнер ве шпионира, душка или постојано ве критикува за тоа каде сте и што правите, тоа е знак дека тој психички ве малтретира.

Ако забележите повеќе од горенаведените знаци во однесувањето на вашиот партнер, сфатете ја ситуацијата сериозно и побарајте совет од психолог или советник за ментално здравје.

Зошто некои лица се контролирачки настроени кон своите партнери?

Лицата кои како деца се чувствувале контролирани од страна на најзначајните личности во нивниот живот, уште во детството донеле несвесна одлука дека кога ќе пораснат, никогаш нема да бидат надвор од контрола.

Зошто сте влегле во врска со контролирачки партнер?

  • Доколку сте имале мајка или татко кои постојано ве контролирале, во вашиот ум се формирало верување дека љубовта значи контрола.
  • Вие играте улога на жртва и ви треба некој кој ќе ја преземе одговорноста за вашиот живот.
  • Сте биле физички или малтретирани како дете и затоа се поврзувате со личности од кои се плашите и кои имаат контрола врз вас.
  • Вие сте личност која сака да контролира и сте ја привлекле сопствената слика во вашиот партнер.

Што може да направите доколку сте во врска со партнер кој сака да контролира?

За жал, оваа фатална маана е една од најтешките за исцелување, бидејќи личноста која сака да контролира мрази да биде надвор од контрола, а тоа вклучува и да признае дека има проблем. Меѓутоа, доколку вашиот партнер не побара стручна психолошка помош, со текот на времето, за жал, ситуацијата уште повеќе ќе се влоши. Затоа, мора отворено да разговарате со вашиот партнер за да му помогнете да разбере како неговото однесување ви влијае вам и на вашите чувства. Доколку вашиот партнер не признае дека има проблем и не сака да побара стручна помош, најдобро е да ја напуштите таа врска.

Вистината е дека оној маж кој ја сака жената никогаш нема да ја присили да направи нешто против нејзина волја. Напротив, тој  ќе ја охрабри да следи нови можности и искуства. Мажот кој не ја сака својата сопруга, најчесто ќе се обиде да ја контролира и да ја ограничи, директно или индиректно забранувајќи ѝ да напредува во животот, поради што таа нема да може да ги оствари своите значајни цели во животот. Затоа, никогаш немојте да дозволите некој да ве контролира. Љубовта не е контрола. Љубовта е почит! Секоја здрава љубовна врска е заснована на взаемна љубов, длабока почит и меѓусебно разбирање.

 

Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.

Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.

За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.

Везилка Магазин