„Знам дека Бранко ме сака, меѓутоа нему му е исклучително тешко да ми ги покаже своите чувства. Потребно му е уште малку време да биде со мене за да може да ми се отвори.”
„Сузана често го менува своето расположение и тешко ми е поради тоа, но знам дека никој не одвоил доволно време вистински да ја разбере. Верувам дека ако ѝ дадам доволно љубов, внимание и поддршка, таа ќе ја надмине својата депресија.“
Ако овие изјави ви звучат болно познато, веројатно знаете какво е чувството да се биде вљубен во нечиј потенцијал. Вие не сте заљубени во вашиот партнер токму таков каков што е – вие сте заљубени во тоа што се надевате дека тој би можел да биде во иднина.
Еве неколку знаци кои укажуваат на тоа дека сте заљубени во потенцијалот на вашиот партнер:
- Верувате дека на вашиот партнер му треба уште малку време за да се спознае себеси и да ги реализира своите цели во животот;
- Верувате дека тој ќе направи позитивни промени во својот живот само доколку Вие постојано го опсипувате со љубов и внимание;
- Убедени сте дека никој друг освен Вас не може вистински да го разбере вашиот партнер и дека само вие го познавате неговото „вистинско јас“;
- Често го оправдувате вашиот партнер пред вашето семејство или пред вашите пријатели;
- Чувствувате дека не можете да се откажете од вашиот партнер, бидејќи тоа само ќе го потврди неговото чувство на безвредност и поради тоа, никогаш нема да се промени;
- Вие повеќе верувате во вашиот партнер, отколку што тој самиот верува во себе;
- Длабоко во себе знаете дека не ја добивате љубовта што ја заслужувате, но свесно се откажувате од неа, убедувајќи се себеси дека сепак, вашиот партнер „се обидува да се промени…“
Еве неколку причини зошто сте се заљубиле во потенцијалот на вашиот партнер:
- Сакате да имате контрола во врската. Доколку како дете сте биле контролирани од луѓето во вашата непосредна околина, тогаш голема е веројатноста да привлечете партнер кого ќе сакате да го промените. Кога влегувате во врска со цел да го „подобрите“ својот партнер, од внатре се чувствувате супериорно – чувствувате дека имате некаква контрола или моќ над вашиот партнер. Дури и ако не се однесувате на контролирачки начин, вашето длабоко верување дека вашиот партнер не е доволно добар токму таков каков што е, ве става во контролирачка позиција.
Тоа е исто како да му велите на партнерот: „Не си токму таков каков што сакам да бидеш, но можеби со малку работа на себе, ќе бидеш она што треба да бидеш.“
- Во раното детство сте формирале длабоко верување дека не можете да го добиете она што го сакате
Доколку сте се чувствувале недоволно сакани како дете, голема е веројатноста дека сте формирале верување дека не можете да го добиете она што ви треба од оние кои ги сакате. Поради тоа, несвесно, ќе одберете партнер кој нема да може да ви ги задоволи вашите емотивни потреби и затоа, за жал, повторно ќе се чувствувате фрустрирано.
Драги мои, секој од нас посакува нашиот партнер да работи на себе, со цел да стане подобра личност. Меѓутоа, клучот за среќна врска е да се чувствувате задоволни со вашиот партнер во сегашноста. Да имате здрав однос со некого, значи да го сакате токму онаков каков што е, а не да живеете во надеж дека можеби ќе се промени во иднина.
Ако сте заљубени во потенцијалот на вашиот партнер, најверојатно ќе се чувствувате:
- Фрустрирани, бидејќи вашиот партнер не може да ги исполни вашите потреби, желби и очекувања;
- Сексуално незадоволни, бидејќи кон него се однесувате повеќе како родител, а не како негова љубовница;
- Огорчени бидејќи сте вложиле толку многу време и напор во таа врска, надевајќи се дека вашиот партнер ќе се „промени“ ;
- Разочарани затоа што вашиот сон за тоа каков „би требало да биде вашиот партнер“ не се остварил.
Што можете да направите доколку сте заљубени во потенцијалот на вашиот партнер?
Важно е да разберете дека во љубовната врска битно е да го сакате и да го почитувате вашиот партнер токму таков каков што е, без да сакате да го промените. Во ред е да сакате вашиот партнер да расте и да созрева, но тој треба да ви биде доволно добар токму таков каков што е токму овде и сега.
Доколку одлучите да останете во врска во која сте заљубени во потенцијалот на вашиот партнер, а не во самиот партнер, тогаш вие се коцкате со љубовта. Тоа е така, зашто тогаш Вие живеете во надеж дека ќе бидете среќни со вашиот партнер само ако тој се промени. Запомнете дека љубовта не значи контрола! Љубовта значи слобода. Кога на човекот ќе му дадете слобода да биде свој, вие вистински го сакате.
Доколку имате проблеми во врската, можете да ме контактирате за совет или помош, така што директно ќе закажете онлајн сесија со мене на нашиот прекрасен македонски јазик.
Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.