Another way of living

Личен развој: Законот на кармата

Везилка Магазин

 

Ништо во животот не е случајно. Вие ја креирате вашата сопствена карма преку вашите мисли, зборови и дела. Ако суштински го разберете законот на кармата, ќе сфатите дека вие сте одговорни за сѐ што ви се случува во животот. Ако ги обвинувате другите за она што ви се случува во животот, тоа може само да ви предизвика чувство на лутина или огорченост одвнатре. Тие негативни чувства ќе ве исполнат со негативна енергија, која неминовно ќе привлече негативни искуства во вашиот живот. Од друга страна, доколку имате позитивни мисли и ширите љубов наоколу, вашите позитивни вибрации ќе привлечат позитивни искуства во вашиот живот.

Запомнете дека во секоја ситуација можете да реагирате со лутина и гнев или да одговарате со љубов. Лутината и љубовта меѓусебно се исклучуваат и затоа не можат истовремено да царуваат, а само вие можете да одлучите кој господар ќе го одберете. Ова е важен избор, кој свесно или несвесно, постојано го правите во текот на секојдневието.

Изборот да постигнете и да одржувате позитивна или негативна емоционална состојба, го одредува кавалитетот на вашиот живот. Од овој избор ќе зависи не само како ќе се чувствувате во текот на денот, туку и какви одлуки ќе носите во животот. Поставете си го себеси следново прашање: „Дали некогаш сте донеле правилна одлука кога сте биле налутени или бесни?“

Луѓето кои постојано одговараат со љубов, живеат во светот на љубовта. Луѓето кои се претежно лути или непријателски расположени, живеат во светот на омразата. Верувам дека секој од вас познава некој кој постојано се лути и токму поради тоа, постојано привлекува конфликти и непријатни ситуации во животот. Но, исто така сум сигурна дека познавате човек кој речиси секогаш е насмеан, позитивен и постојано шири љубов наоколу. Поради тоа, таа личност ретко привлекува непријатни случки или негативни луѓе во својот живот.

Следува една вистинита случка од моето психолошко советувалиште, која автентично го илустрира законот на кармата. Клара е 40-годишна интелектуалка, која побара совет од мене поради проблемите во нејзиниот брак. Во текот на нашиот разговор, јас забележав дека Клара ги истакнуваше само негативните особини на нејзиниот сопруг. Откако внимателно ја сослушав, ѝ го дадов следниов совет: „Отсега натаму, наместо да мислиш само на она што не ти се допаѓа кај мажот ти, обиди се да ги насочиш своите мисли само на неговите позитивни особини. Исто така, секој ден испраќај го со благослов на работа и моли се за неговото здравје и среќа.”

Иако отпрвин се двоумеше, Клара сепак одлучи да ме послуша. Кога дојде во моето советувалиште на повторна средба со мене, таа ми соопшти дека нејзиниот сопруг почнал да се однесува со многу повеќе љубов и внимание кон неа. Ми кажа дека секое утро го испраќала својот сопруг на работа со следниве зборови: „Те благословувам и се чувствувам благословена што го делам животот со тебе. Биди ми жив, здрав и среќен уште многу години.” Таа сесрдно ми се заблагодари за советот што ѝ го дадов и ми призна дека сега суштински го сфатила законот на кармата –дека животот секогаш ти го враѓа она што му го даваш. Клара и нејзиниот сопруг и ден денес живеат заедно во хармонија и љубов.

Во основа, мислите и зборовите кои најчесто ги повторувате во текот на денот ја креираат вашата реалност. Тоа е така, бидејќи вашите доминантни мисли и зборови, секогаш вам ви се враќаат со зачудувачка прецизност и точност. Како што Ира Гејсен потврдува: „Внимавајте што зборувате, бидејќи зборовите имаат поголема моќ од атомска бомба.” Со други зборови, животот ви го враќа токму она што му го давате. Оттука, она што им го посакувате на другите, всушност себеси си го посакувате. Ако посакувате некој да не успее во животот, вие ќе привлечете неуспех во вашиот живот. Меѓутоа, доколку искрено посакувате другите да успеат во животот, со таа мисла, вие истовремено си го потпомагате вашиот сопствен успех.

Позитивните мисли имаат волшебна моќ. Кога испраќате мисли на љубов и благослов кон секое човечко суштество на планетава, вклучувајќи ги и вашите непријатели, тие нема да можат вам да ви наштетат. Мислите и зборовите кои се засновани на љубов, го зголемуваат енергетското ниво на вашето тело и на тој начин, создаваат заштитна аура околу вас која ќе ве заштити од секакви негативни влијанија. Кога им испраќате љубов на другите, вклучително и на вашите непријатели, нема повеќе да имате непријатели во животот, бидејќи нивните стрели ќе се трансформираат во благослови.

Во суштина, кога некому му искажувате љубов или му давате благослов, тие секогаш вам ќе ви се вратат. Затоа, секој ден обидете се да го подигнете вашето моментално ниво на свест, сѐ додека не го достигнете она ниво каде што постојано царува мирот, радоста и љубовта. Запомнете дека лошото дело ќе остане во вас, а доброто вам ќе ви се врати. Тоа е законот на кармата.

 

Докторка по медицина, психолошки советник и доктор на психолошки науки, Д-р Снежана Џамбазова -Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.

Авторка на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, таа е исто така основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.

За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.

Везилка Магазин