Љубовта е прекрасна, волшебна и моќна сила, меѓутоа, сето она што сме го слушнале или научиле за неа, можеби не е вистина… Љубовни митови се верувања за љубовта и романтичните врски кои сме ги научиле од другите, а кои имаат огромно влијание врз нашите љубовни избори. Тие можат да бидат многу моќни, затоа што изборот на нашите животни сопатници најчесто го базираме токму на овие љубовни митови.
Кога го избираме нашиот животен партнер, ние сме убедени дека сме донеле правилна одлука. Меѓутоа, за жал, многу често се случува да му го подариме срцето некому кому не му припаѓа, бидејќи таа личност едноставно не ни одговара. Поради тоа, со текот на времето ќе сфатиме дека нашиот љубовен избор всушност бил погрешен. Реалноста е дека многумина од нас избираат погрешни животни партнери и затоа страдаат во врските.
Постои едно општо верување дека спротивностите се привлекуваат, т.е. дека идеалниот животен партнер е оној кој има спротивни квалитети од нас самите. Меѓутоа, научните истражувања во областа на психологијата покажуваат дека колку е поголем степенот на сличност во ставовите, образованието, возраста и етничкото потекло и најважно од сé, личните карактеристики на двајцата партнери, толку е поголема привлечноста и стабилноста на врската. Вистината е дека доколку љубовните парови имаат различни мислења и верувања, тие постојано ќе се расправаат.
Сосема е во ред да имате свое мислење кое е различно од мислењето на вашиот партнер, а кое ќе го искажете отворено, смирено, јасно и со почит. Меѓутоа, доколку имате постојани конфликти со партнерот, тоа ќе ја уништи хармонијата во вашата врска. Вообичаено, кога вашиот партнер се согласува со вас, тоа предизвикува чувство на задоволство кај вас. Меѓутоа, доколку имате постојани конфликти, постојано ќе имате чувство на фрустрација, збунетост или лутина, што може да доведе и до одбивност кон партнерот.
Овде вреди да се напомене дека советите од повеќедецениските научни истражувања на експертите за љубовни врски се едноставни: Немојте да верувате дека вистинскиот партнер за вас е оној кој има спротивни квалитети од вас. При изборот на вашиот животен партнер, фокусирајте се на онаа личност која има слични особини, вредности и ставови како вашите, но истовремено е подготвена да работи на својот личен раст и развој.
Следува уште еден љубовен мит во кој многумина од нас веруваат: Ако навистина го сакам мојот партнер, тогаш нашата врска сигурно ќе успее. Доколку верувате во овој љубовен мит, може да се убедите себеси дека ако навистина го сакате партнерот, вашите индивидуални разлики нема да бидат важни и дека ако се потрудите повеќе, ќе можете да ги надминете сите проблеми во врската. На пример, можете да си речете: Ако јас навистина го сакам мојот партнер, нема да биде толку битно доколку тој или таа:
• Многу пие
• Постојано ме критикува
• Често има напади на лутина и гнев
• Постојано се расправаме околу тоа како да ги воспитуваме нашите деца
• Има тешкотии вербално да ги изразува своите чувства
• Сеуште не го преболела своето поранешно момче
• Постојано флертува со други девојки или жени
• Нашиот сексуален живот не е добар итн.
Доколку верувате во овој љубовен мит, за жал, може да одлучите да останете во врска која не ве исполнува дури и тогаш кога длабоко во себе знаете дека истата не функционира. Поради тоа, ќе се обидете да се убедите себеси дека треба да останете во таа врска со следниве зборови: „Ако го сакам мојот партнер повеќе, сигурна сум дека ќе се промени“. Со други зборови, вие верувате дека ако бидете „совршена сопруга,“ ќе успеете да го трансформирате својот сопруг.
За жал, доколку продолжите да верувате во овој мит, ќе ги занемарите вашите разлики во начинот на живот, како и карактерот на вашиот партнер, кои се многу важни за да живеете во една хармонична врска. Поради тоа, верувањето во овој љубовен мит може да ви нанесе емоционална болка и страдање, па дури и нарушување на вашето физичко здравје, затоа што избирате да живеете во нездрава врска.
Запомнете дека неприфатливото однесување на вашиот партнер нема никаква врска со тоа колку љубов му давате или му покажувате. Ако сте во долготрајна врска или брак, битно е да разберете дека конфликтите во вашата врска најчесто се резултат на недостаток на компатибилност помеѓу вас и вашиот партнер. Компатибилноста, отворената и искрена комуникација, како и меѓусебното почитување се од суштинско значење за љубовната врска да биде длабока, среќна и трајна.
Запомнете дека само онаа врска која е заснована на меѓусебна компатибилност и длабока емоционална поврзаност, ќе биде извор на постојано чувство на внатрешна исполнетост, а истовремено ќе овозможи и целосно самоизразување на двајцата партнери!
Ако имате проблеми во врската со вашиот партнер, можете да ме контактирате за помош или директно да закажете онлајн сесија со мене на нашиот прекрасен македонски јазик.
Докторка по медицина, психолошки советник и доктор на психолошки науки, Д-р Снежана Џамбазова -Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, таа е исто така основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.