Единствената постојана работа во животот е промената. Ништо не е трајно. Ништо нема да остане непроменето. Сѐ се менува. Луѓето си заминуваат, околностите се менуваат, но сепак животот продолжува. Запомнете дека ништо на овој свет не е вечно. Ако суштински сфатите дека сѐ и сешто е подложно на промени, дека сите работи се менуваат, тогаш полесно и побрзо ќе ги прифаќате промените во вашиот живот.
Животот е промена. Но, луѓето страдаат поради тоа што честопати имаат отпор кон промената. Реалноста е дека кај повеќето луѓе секоја промена, дури и да се работи за промена на подобро, обично е придружена со непријатни чувства. Иако промената обично е тешка на почетокот, непријатна во средината, сепак секогаш е позитивна на крајот.
Дали промената е неопходна во животот? Нема ништо лошо во промената доколку истата е во вистинска насока. Запомнете ги следните три зборови: избор, шанса, промена. Кога животот ќе ви пружи шанса, мора да направите избор да ја искористите таа шанса, бидејќи во спротивно, ништо нема да се промени во вашиот живот. Но, тајната на промената е да ја насочите целокупната своја енергија кон целта којашто сакате да ја постигнете. Како што Лао Це мудро рекол: „Ако не го промените правецот, може да завршите таму каде што одите“. Запомнете дека и најмалиот чекор во вистинска насока може да биде најголемиот чекор во вашиот живот.
Дозволете ми да споделам една вистинска приказна од мојата клиничка пракса во однос на важноста на промената. Кристина е 30-годишна девојка која дојде кај мене за совет. Кога ја прашав како можам да ѝ помогнам, таа почна незапирливо да плаче. Кристина ми кажа дека против своја волја, мора да се пресели од Мелбурн во помал град во Австралија за да добие австралиска виза. Кога ја прашав зошто не сака да се пресели, таа ми рече дека се плаши да замине во непознат град, бидејќи притоа мора да ги напушти своите пријатели, работата и сите убави спомени кои ја врзуваат за Мелбурн.
Тогаш ми стана јасно дека Кристина потсвесно ѝ се спротивставува на промената. Благо ја погледнав и ѝ реков: „Животот секогаш не ти го дава она што го сакаш, но секогаш ти го дава она што ти треба. Запомни дека секој од нас е одговорен за сопствената среќа. Само кога ќе го исполниш умот со позитивни мисли, ќе ти се случат позитивни промени во животот“. Потоа ја посоветував да се фокусира на најдобриот можен исход во таа ситуација – да го визуелизира она што сака да се случи и да биде храбра да ја направи промената. Кон крајот на сесијата, Кристина сфати дека оваа промена е корисна за неа бидејќи е во насока на остварување на нејзините соништа. Таа силно ме прегрна и ја напушти сесијата со насмевка на лицето и со верба во срцето.
Вистинските зборови или совети споделени во вистинско време можат да го променат животот на една личност. Како што Буда мудро рекол: „Еден момент може да промени еден ден, еден ден може да промени еден живот и еден живот може да го промени светот“. Ако не можете да најдете решение за некој проблем, најверојатно тоа не е проблем што треба да се реши, туку вистина која треба да се прифати. Затоа, немојте да ги пропуштите денешните можности, грижејќи се за утрешните проблеми. Запомнете дека вашиот ум е моќна алатка. Кога ќе го исполните со позитивни мисли, вашиот живот ќе почне да се менува на подобро.
Доколку се наоѓате на крстопат или минувате низ тежок период во животот и ви е потребна стручна помош од лице кое може да ве сослуша, да ве разбере и да ви помогне да го решите проблемот, можете да ме контактирате или директно да закажете онлајн сесија со мене на нашиот прекрасен македонски јазик.
Драги мои, во животот никогаш нема да стигнете таму каде што заслужувате да бидете ако останете таму каде што сте. Ако барате среќен крај, а не можете да го најдете, можеби е време да започнете да барате нов почеток. Ако не можете да летате, тогаш трчајте. Ако не можете да трчате, тогаш одете. Ако не можете да одите, тогаш ползите, но што и да правите, продолжете да се движите напред! И запомнете дека постојат само два дена во годината кога ништо не може да се направи. Едниот ден се вика вчера, а другиот утре. Денес е вистинскиот ден да се сака, да се верува и да се преземе конкретна акција, а најважно од сѐ е притоа да се ужива секој миг од животот!
Докторка по медицина, психолошки советник и доктор на психолошки науки, Д-р Снежана Џамбазова -Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, таа е исто така основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.