Another way of livingЛичен и бизнис развој

Личен развој: Како го избираме нашиот љубовен партнер?

Везилка Магазин

 

Еден од најважните избори во животот е изборот на нашиот животен партнер. Дали некогаш сте се запрашале како сте го избрале вашиот љубовен партнер?

 

За да разберете како сте го направиле изборот на вашиот животен сопатник, обидете се да одговорите на следново прашање: „Каде се учи љубовта?

 

Вистината е дека љубовта се учи во домот преку интеракцијата со нашите родители, како и со другите значајни личности од нашиот живот. Нашиот дом е основен извор на љубовта додека истиот не го напуштиме.  Оттука, во нашиот ум се формира асоцијација помеѓу домот и љубовта. На пример, ако во нашиот дом имало многу конфликти, тогаш во нашиот ум љубовта ќе асоцира на конфликт или хаос. Доколку пак во раните години од нашето детство не сме добивале доволно љубов и внимание од страна на нашите родители, за нас љубовта ќе значи осаменост. Доколку често сме биле критикувани, навредувани, или дури и физички сме биле повредувани од страна на нашите старатели, во нашиот ум љубовта ќе асоцира страв, гнев или насилство.

Со други зборови, нашите љубовни избори претежно се засновани на нашите несвесни верувања за љубовта кои сме ги формирале во раното детство. Поради тоа, кога ќе го напуштиме домот, несвесно ќе бараме емоционални искуства слични на оние кои сме ги доживеале во детството, без оглед на тоа дали тие искуства биле пријатни или непријатни.

Важно е да се разбере дека луѓето, во суштина, имаат тенденција да гравитираат кон познатото, бидејќи тоа создава чувство на сигурност. Затоа, при изборот на нашиот љубовен партнер, несвесно се „враќаме дома“, кон оние стари, познати чувства кои сме ги доживувале во нашиот дом, дури и ако сме биле изложени на насилство или на други непријатни искуства. Поради тоа, несвесно ќе бараме партнер коj ќе ни овозможи повторно да минуваме низ истите емотивни ситуации и драми кои сме ги доживеале во детството.

Вистината е дека повеќето од нас ги напуштиле своите домови физички, но не и емоционално. Следуваат неколку примери како емоционалните искуства од детството може да влијаат врз изборот на вашиот љубовен партнер:

• Ако не сте добивале доволно љубов и внимание како дете од страна на едниот или од двајцата родители, може да привлечете партнер, кој исто како и вашиот родител, не ви покажува доволно љубов, почит и внимание и ве принудува да вложите голем напор и труд за да ја добиете неговата љубов и наклонетост.

• Доколку пак имате потиснато чувство на лутина кон едниот или кон двајцата родители, може да привлечете партнер кој, за разлика од вашиот родител, ви дава доволно љубов, но вие постојано го одбивате, го повредувате или пак постојано го принудувате „многу да се труди“ за да ја добие вашата љубов и внимание.

• Доколку под водство на психолог или стручно лице во областа на љубовните врски не ги преиспитате вашите несвесни верувања за љубовта кои сте ги стекнале во детството, голема е веројатноста дека ќе одберете партнер кој нема да може да ви ја понуди љубовта што ја заслужувате.

Меѓутоа, штом ќе станете свесни за вашите погрешни верувања коишто сте ги стекнале за љубовта, истите може да ги замените со нови и здрави верувања кои ќе ви помогнат да одберете партнер кој ќе ги задоволи најдлабоките потреби на вашата душа. Тогаш ќе можете да создадете долготрајна, страсна и здрава врска – токму онаква каква што заслужувате.

Ова знаење во областа на љубовните врски ми помогна да ги уживам благодетите на вистинската љубов веќе 20 години во врската со мојот сопруг. Истовремено, се чувствувам благословена што ова знаење можам да го споделам со вас, со искрена надеж дека ќе ви помогне да го направите вистинскиот љубовен избор и да создадете врска која ги исполнува најдлабоките потреби на вашата душа.

Доколку ви е потребно стручно мислење во врска со вашиот љубовен избор или пак се соочувате со проблеми во врската, можете директно да закажете онлајн сесија со мене на нашиот убав македонски јазик на овој линк.

Запомнете дека колку што му е потребна храна на телото, исто толку ѝ е потребна љубов на душата. А само длабока врска со друго човечко суштество ќе го исполни вашето срце со љубов, радост и среќа. И само во здрава и стабилна врска, двајцата партнери имаат можност да ја креираат и искусат најдобрата верзија од себеси.

 

Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.

Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.

За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.

Везилка Магазин