Кога велиме дека копнееме по нашата друга половина, всушност мислиме на нашиот духовен близнак (soul mate). Верувам дека ќе се запрашате: „Што е тоа духовен близнак или „душа близначка“?
Вашата душа близначка е онаа личност со која сте предодредени да се чувствувате длабоко поврзани на физичко, емоционално, ментално и духовно ниво. Тоа може да биде вашиот љубовен партнер, вашиот најдобар пријател или вашиот духовен учител. Таа личност е катализатор на вашиот духовен раст и огледало на вашите најдлабоки стравови, потреби и желби. Вашиот духовен близнак ги рефлектира вашите внатрешни сенки, но и вашата внатрешна убавина и сила. На тој начин, душата близначка ви помага да постигнете максимален раст и развој во животот.
Душите близначки може да бидат наши платонски пријатели или пак членови на нашето семејство. Сепак, најчесто овие врски се романтични по природа и се манифестираат како личности со кои можеме длабоко и страсно да се поврземе на сите три нивоа: физичко, ментално и духовно ниво. Вистината е дека штом ќе ја откриеме нашата друга „половина“, ние сме исполнети со чувство на внатрешна исполнетост и комплетност. Токму поради тоа што овие двојки се длабоко поврзани на сите нивоа, тие остануваат заедно цел живот.
Што се случува кога ќе ја сретнете вашата душа близначка?
- Кога ќе го запознаете својот духовен близнак, ќе имате непоколебливо чувство дека оваа личност претходно сте ја познавале и дека ви е судено да бидете заедно.
- Ќе имате необјасниво, длабоко чувство дека вашиот духовен близнак ќе одигра важна улога во вашиот личен раст и развој, иако не знаете како тоа навистина ќе се случи.
- Кога ќе го сретнете својот духовен близнак, ќе воспоставите непосредна, блиска и интензивна врска која постојано ќе ве исполнува со позитивна енергија.
- Ќе се чувствувате сигурно и безбедно во негово присуство, како конечно да сте го пронашле својот „дом“.
- Во присуство на вашиот духовен близнак ќе бидете свои и автентични, без да се плашите дека може да ве осуди или пак да ве отфрли.
- Секогаш ќе можете да постигнете хармонија на јинот (позитивната енергија) и јангот (негативната енергија). Со други зборови, вашата темна страна ќе биде избалансирана со неговата светла страна, а неговата темна ќе биде избалансирана со вашата светла страна.
- Во присуство на вашиот духовен близнак ќе имате постојано чувство на експанзија, како да сте нешто многу повеќе од вашиот ограничен идентитет.
- Врската со вашиот духовен близнак ќе ви овозможи и на двајцата да станете подобри личности.
- Во врската со вашиот духовен близнак ќе се чувствувате длабоко поврзани, а истовремено секој од вас ќе може да ја одржува својата слобода и независност.
- Двајцата ќе бидете постојано свесни за чувствата и расположението на другиот партнер (на пример дали вашиот партнер е радосен или тажен, дали е лут или сака да ви прости, дали е отворен или воздржан). Со други зборови и двајцата ќе бидете многу сочувствителни еден кон друг.
- Длабоко во себе ќе имате чувство како да сте ја чекале таа личност сиот свој живот.
- Со вашиот духовен близнак ќе имате исти вредности, цели и аспирации за животот.
- Вашиот духовен близнак ќе ви помогне да се соочите со сите ваши стравови и сомнежи, што е неопходно за вашето внатрешно исцелување. На пример, доколку претходно сте ја играле улогата на жртва, вашиот духовен близнак ќе биде личност со силен карактер која ќе одбие да ве сожалува. На тој начин ќе ви помогне да научите важни животни лекции, со што ќе го потпомогне вашиот личен и духовен развој.
- Секогаш ќе бидете магнетски привлечени кон својот духовен близнак.
- Вашата врска ќе биде повеќеслојна. Со други зборови, вашиот духовен близнак ќе биде ваш најдобар пријател, љубовник, учител, советник, но и вашата вечна муза…
- Во врската со вашиот духовен близнак, ќе научите важни животни лекции како што се емпатијата, простувањето и благодарноста.
- Интересно е дека во оваа врска, едниот партнер е обично духовно позрел од другиот и често ја игра улогата на учител или советник во врската.
- Вашиот духовен близнак никогаш нема да се обиде да ве промени, туку ќе ве прифати токму онакви какви што сте.
- Ќе бидете искрени еден кон друг постојано.
- Двајцата ќе чувствувате дека сте водени кон некоја заедничка повисока цел, без разлика дали е тоа духовна, социјална или еколошка мисија на Земјата.
Драги мои, јас сум благословена сум што го делам животот со мојот духовен близнак, мојата вечна муза – Емил. Од срце ви посакувам секој од вас да ја привлече својата душа близначка која ќе ви помогне да станете подобра личност и да го реализирате сиот свој потенцијал во животот.
Доколку имате проблеми во љубовната врска, можете да ме контактирате за совет или помош на следниов мејл, така што директно ќе закажете онлајн сесија со мене на нашиот прекрасен македонски јазик.
Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.