Another way of living

Личен развој: Како да го привлечете она што го посакувате во животот

Везилка Магазин

 

Во суштина, секое човечко суштество сака да живее живот исполнет со мир, радост и љубов постојано. Длабоко во себе, секој од нас посакува да го има следново: чувство на внатрешен мир, оптимално здравје и благосостојба, идеален партнер во животот, идеална професија и живот во изобилство.  Тоа е можно, но многумина од нас имаат различни идеи и верувања како да го остварат тоа.

На пример, многумина од нас имаат ограничувачко верување дека се нема доволно во животот. Многумина од нас веруваат дека се нема доволно време, дека се нема доволно љубов, дека се нема доволно пари и тн. Треба да разбереме дека тоа е само едно ограничувачко верување кое многумина од нас, за жал, го прифатиле како факт, а е всушност базирано само на нечии туѓи искуства, мислења или претпоставки.

Додека не ги преиспитаме и промениме нашите погрешни верувања кои сме ги прифатиле од другите и истите ги трансформираме во здрави и позитивни верувања и со тоа постигнеме повиско ниво на свест, за жал, ќе продолжиме да страдаме. На тој начин, само ќе си го нарушиме сопственото здравје и среќа. Не треба секое туѓо мислење или верување, макар и да доаѓа од најблиските, да се прифати без да се преиспита.

 

Како може да го промените верувањето дека се нема доволно во животот?

 

Поставете си го себеси следново прашање: „Доколку верувате дека немате доволно во животот–какви чувства ви создава тоа верување?“ Најверојатно ќе ви предизвика непријатни чувства, како што се чувствата на страв, вознемиреност, стрес и сл. Како резултат на тие негативни мисли и чувства, вие ќе се доведете во ситуација да се натпреварувате со другите, да станете компетитивни и да се борите еден против друг само за да имате повеќе од другите. Значи, тоа верување може да предизвика внатрешен немир, нарушување на односите со другите, конфликти, па дури и агресивност.

Според законот на природата, преку нашите доминанти мисли и длабоки верувања ние привлекуваме сѐ во животот. Оттука, доколку продолжите да верувате дека немате доволно пари, љубов, време и тн., токму тоа и ќе го привлечете во вашиот живот. Но, тоа е само едно ограничувачко верување кое што сте го стекнале од другите, а кое е базирано на страв. Вистината е дека има доволно за сите. Универзумот е извор на неограничени материјални богатства и е во состојба да ни ги исполни сите наши потреби, желби и сништа. Меѓутоа, секој од нас ќе го добие во животот токму она што длабоко во себе верува дека ќе го добие.

Еве еден пример од моето психолошко советувалиште кој што автентично ја илустрира моќта на нашите верувања. Едно 28 годишно факултетски образовано момче, без никакви надворешни физички или психички недостатоци, побара помош од мене бидејќи и покрај неговите огромни напори, никако не можеше да најде работа во неговата сфера. Кога во текот на сесијатата го прашав какви мисли му поминуваат низ главата пред секое интервју за работа, тој ми одговори: „Секојпат се плашев дека нема да успеам да ги задоволам барањата во врска со одреденото работно место. Длабоко во себе не верував дека мене ќе ми ја понудат работата.“ Јас тогаш благо се насмевнав и му реков:

„Токму затоа и не можеш да успееш да најдеш работа. Од една страна имаш огромна желба да се вработиш, а од друга страна, се плашиш дека не си доволно добар за одреденото работно место.  Ти не веруваш во себе! Отсега натаму, кога ќе одиш на следно интервју за работа, ќе ги фокусираш мислите само на она што посакуваш да се случи – на најдоброто можно сценарио. Но, најважно од сѐ, секое утро заблагодари му се на Бога за тоа што си жив и здрав и за сето она што си го постигнал досега во животот. Потоа свесно ќе ги насочиш мислите само на она што силно го посакуваш, а тоа е да ја добиеш работата за која сонуваш. Тие мисли ќе ти предизвикаат пријатни чувства и според законот на природата, ќе го привлечеш токму она што го сакаш.  Ова ќе го практикуваш сѐ додека не стане твоја нова навика.“

Тој ми се заблагодари и си замина со надеж, верба и насмевка. Веќе следната сесија ми соопшти радосна вест – дека го применил мојот совет и ја добил работата којашто отсекогаш ја посакувал.

Благодарноста и позитивните мисли ни овозможуваат да се поврземе со мирот, радоста и љубовта кои вечно царуваат во нашите срца. Само кога секојдневно изразуваме искрена благодарност и целосно се фокусираме на нашите значајни цели, ќе успееме да го добиеме сето она што отсекогаш сме го посакувале во животот. И како резултат на тоа, ќе се исполниме со позитивна енергија која ќе има позитивно влијание не само на луѓето во нашата непосредна околина, туку и на целата планета.

 

Докторка по медицина, психолошки советник и доктор на психолошки науки, Д-р Снежана Џамбазова -Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.

Авторка на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, таа е исто така основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.

За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.

Везилка Магазин