Another way of living

Личен развој: Како да живеете среќен и исполнет живот во денешниот модерен свет?

Везилка Магазин

Животот е најубавиот, најсветиот и најскапоцениот дар. А најважната цел во животот е да се постигне потполно внатрешно задоволство, мир, радост и благосостојба. Како што Одри Хепберн мудро изјавила: „Најважно е да се научи да се ужива животот – да се биде среќен – сѐ се сведува на тоа.“ За среќа, секој од нас може да креира живот полн со радост, изобилство и успех преку правилно размислување и свесно живеење.

Прашањето е како практично да се постигне тоа?

За да живеете среќен и исполнет живот, важно е суштински да ги разберете законите на природата и постојано да ги применувате во вашите животи. Според основниот закон на природата, вашите мисли ја креираат вашата реалност. Со други зборови, вие го привлекувате во животот токму она од што се плашите. Меѓутоа и спротивното е точно –вие го креирате во животот она што силно го посакувате. Во основа, вие сте креаторот на својот живот!

Важно е да разберете дека доколку постојано ги фокусирате мислите само на она што сакате да го добиете или да го креирате, порано или подоцна, ќе успеете да ја манифестирате вашата визија во реалноста. Запомнете дека секоја идеја која ќе се роди во вашиот ум, а е во согласност со овој закон на природата, сигурно ќе се манифестира во материјалниот свет.

Важно е да  разберете дека вашите мисли со неверојатна прецизност се материјализираат во надворешниот свет. Затоа, за да ги постигнете вашите цели во животот и да го добиете она што силно го посакувате, треба да научите како да ја употребите моќта на вашиот ум. Следува една едноставна, но моќна техника, која доколку доследно ја применувате, ќе ви помогне да го добиете она што  го сакате.

Кога ќе се соочите со некоја несакана ситуација во животот која ви предизвикува чувство на страв или вознемиреност, треба да разберете дека тие чувства се резултат на вашите негативнии мисли поврзани со таа ситуација. Оттука, наместо да мислите на најлошото можно сценарио од таа ситуација, обидете се да останете смирени и да се справите со вашите  негативни чувства. Тоа може да го постигнете на следниов начин:

Фокусирајте го целокупното свое внимание во пределот на срцето, со што ќе успееете да се поврзете со изворот на бескраен мир кој постојано царува таму. Откако ќе постигнете смирена состојба на умот,  поставете си ги себеси следниве прашања: „Што може да биде најповолниот исход од оваа ситуација? Што навистина сакам да ми се случи?” Потоа, обидете се да го слушнете гласот на вашето срце. Одговорот кој ќе произлезе директно од вашето срце, ќе предизвика промена на вашето гледиште. Штом ќе се промени вашето гледиште, неминовно ќе се променат и вашите мисли во однос на таа ситуација и како резултат на тоа, ќе настане промена и на самата ситуација.

Важно е да разберете дека мислите кои претежно ви го окупираат умот во текот на вашето секојдневие, обично се претвораат во зборови. Зборовите пак, најчесто се рефлектираат во вашите постапки и дела. А вашите постапки и дела го креираат вашето секојдневие. Како што Хераклит мудро изјавил: „Ден по ден, тоа што го избираш, тоа што го мислиш, тоа што го правиш, е тоа што ќе станеш во животот.“ Оттука, битно е да си го поставите себеси следново прашање: „Како сакам да го живеам мојот живот?”

Вистината е дека секој од нас има волшебно стапче со кое може да го креира животот од своите соништа. Волшебното стапче се состои од нашите сопствени мисли и зборови. Затоа, многу е важно да го започнете денот со позитивни мисли, како што е следнава: „Јас сум бескрајно благодарна за овој прекрасен ден. Верувам дека овој ден ќе ми донесе многу пријатни изненадувања.” Доколку секојдневно ја повторувате оваа позитивна афирмација, таа ќе се манифестира во реалноста и така ќе почнете да живеете живот исполнет со радост и среќа.

Доколку везден ги повторувате, позитивните афирмации имаат моќ да ги елиминираат вашите негативни мисли и да го подигнат вашето моментално ниво на свест. За возврат, тоа ќе ви помогне да ги привлечете посакуваните промени во животот. Запомнете дека сѐ што ќе посакате, можете да го добиете преку практикувањето на позитивни афирмации. Како што Едмонд Мбиака прекрасно напишал:„Грижете за вашиот ум така што постојано ќе го потхранувате со позитивни мисли, а за возврат, тој ќе се погрижи вие да бидете среќни.

 

 

Доктор по медицина, психолоши советник и доктор на психолошки науки, Д-р Снежана Џамбазова -Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.

Авторка на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, таа е исто така основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.

За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.

Везилка Магазин