Како терапевт за љубовни врски, честопати припадничките на понежниот пол ми го поставуваат следново прашање: „Како мажите се чувствуваат сакани во врската?“
Важно е да разберете дека на мажите, исто како и на жените, им е потребна романса за да бидат среќни и задоволни во своите љубовни врски. Интересно е да се спомене дека научните истражувања во областа на романтичните врски покажуваат дека мажите и жените копнеат за различни видови на романса. Во 1995 година, американскиот психолог Гери Чепмен, за првпат ги опиша „јазиците на љубовта“, објаснувајќи дека паровите имаат тенденција да ја изразуваат и да ја примаат љубовта на еден од следниве пет начини:
· Афирмативни зборови
· Чин на услуга
· Подароци
· Време поминато заедно и
· Физички допир
Иако и двата пола подеднакво ги ценат љубезните и афирмативните зборови, Чепмен дошол до заклучок дека жените имаат тенденција да ја искусуваат љубовта и романсата преку чин на услуга (помош околу домашните работи) или преку подароци (да им се купи цвеќе, или пак нивното омилено чоколадо и тн.), додека мажите се чувствуваат сакани кога нивните партнерки минуваат квалитетно време со нив и им покажуваат физичка наклонетост. Со други зборови, мажите најмногу се чувствуваат сакани кога нивните партнерки ги гушкаат, ги бакнуваат, им се насмевнуваат и експлицитно им изразуваат благодарност или пофалба, т.е. вербално им ја искажуваат својата љубов.
Постои едно општо прифатено верување (кое е погрешно), дека мажите не копнеат за блискост, поврзаност и емоционална интимност со својата животна сопатничка. Како брачен советник, не можам да ви кажам колку потресни разговори сум имала со многу осамени мажи кои единствено што сакаат е да се чувствуваат сакани од најважната жена во нивниот живот. Кога ќе ја добијат љубовта и наклонетоста што силно ја посакуваат, тие се чувствуваат како цвеќиња кои постојано се наводнуваат.
Според моето професионално искуство, еден од главните проблеми во љубовните врски кога станува збор за мажите е тоа што нивните чувства и емоционални потреби често не се препознаени, ниту пак се задоволени. Важно е да се напомене дека на многу мажи им е тешко да ги искажуваат своите чувства, поради што нивните партнерки не можат целосно да ги разбираат.
Научниот истражувач Ендру Рајнер укажува на тајната желба за емоционална интимност кај мажите, која за жал, многу често е занемарена во врската. Ова може да создаде бариера кај мажите целосно да се самоактуелизираат себеси, како и да изградат висококвалитетна врска со својата животна сопатничка. Запомнете дека романсата во врската започнува и завршува со обрнување посебно внимание на чувствата на партнерот!
Покрај физичкиот допир и суптилните разлики помеѓу она што најмногу го сакаат мажите и жените, најголемата грешка што паровите ја прават во врските е тоа што забораваат дека романтиката треба да се изразува во контекст на меѓусебно почитување и меѓусебна грижа. Ако мажот не ја почитува својата сопруга, туку само ѝ купува цвеќиња и ја опсипува со подароци, или пак ако жената го мрази својот сопруг, но постојано го гушка, тогаш таа врска нема да функционира.
Според моето професионално искуство, многу мажи копнеат да се чувствуваат почитувани и поддржувани од страна на своите партнерки во остварувањето на своите цели и интереси во животот, бидејќи на тој начин тие се чувствуваат вистински сакани. Запомнете дека да сакате некого, значи да му дадете слобода да биде свој. Оттука, повеќето мажи чувствуваат огромно задоволство кога се чувствуваат прифатени и ценети токму онакви какви што се.
Почит + Слобода = Љубов
Постои едно златно правило: „Однесувајте се кон другите токму онака како што би сакале тие да се однесуваат кон Вас.“ Меѓутоа, кога станува збор за љубовната врска, предност има следново правило: „Однесувајте се кон својот партнер токму онака како што тој сака да се однесувате кон него.“ Никогаш не заборавајте дека вашиот маж сака да знае дека ви се допаѓа, дека имате почит кон него и дека го сметате за сексуално привлечен.
Сепак, доколку сѐ уште не сте сигурни како вашиот маж се чувствува најсакано, најдобро е да го прашате. Најдете време да разберете што е најважно за најважната личност во вашиот живот! Тоа е вистински подарок за љубовта, којшто само може да ја зацврсти вашата врска и да му помогне на вашиот партнер да се чувствува длабоко разбран, целосно прифатен и вистински сакан.
Доколку не сте сигурни за цврстината на вашата врска, можете да ме контактирате за совет или стручна помош, така што директно ќе закажете онлајн сесија со мене на нашиот прекрасен македонски јазик на следниов имејл.
Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.