Многумина од нас ја прават истата грешка –одбираат партнер врз основа на една или две убави карактерни особини, наместо целосно да ја спознаат неговата личност. Клучот при изборот на вистинскиот животен сопатник е да се одбере личност со добар карактер, а не само некој кој поседува неколку добри особини. Карактерот одредува како вашиот партнер ќе се однесува кон вас, кон пријателите, како и кон вашите деца. Запомнете дека карактерот на партнерот е основа за една здрава и успешна врска. Поради тоа, прашањето кое треба да си го поставите при изборот на својот животен сопатник е следново: „Дали и колку мојот партнер умее да сака?“
Кои квалитети треба да ги поседува вашиот партнер за да имате среќна и исполнета врска?
Една од најважните особини која треба да ја поседува вашиот партнер за да имате хармонична врска е посветеност кон својот личен раст и развој. Тоа значи дека:
· Вашиот партнер е подготвен да научи сè што е потребно за да стане подобра личност, а со тоа и подобар сопруг. Без оглед на тоа дали станува збор за мало несогласување, кофликт или за поголема криза во врската, вашиот партнер е подготвен да работи на својот личен развој за да стане пољубезен, почувствителен и поемпатичен. Повеќедецениските научни истражувања покажуваат дека само во оние врски во кои двајцата партнери работат на својот личен развој, љубовната врска станува сѐ подлабока и сѐ поцврста со текот на времето. Во спротивно, врската обично се претвора во игра за моќ и контрола, при што секој од партнерите се обидува да го наметне своето мислење, честопати повредувајќи ги чувствата на другиот.
· Вашиот партнер е подготвен да побара помош преку читање на книги за самопомош, посета на едукативни семинари или психолошко советување. Искуството покажува дека најголемиот број на љубовни врски доживуваат криза кога едниот партнер ја препознава потребата за помош, а другиот одбива да учествува во тој процес. За жал, врската нема да може да функционира доколку едниот партнер одбие да побара стручна помош кога таа навистина му е потребна.
· Вашиот партнер е свесен за своите слабости, недостатоци и маани, како и за своите емоционални трауми од детството и е подготвен да работи на својот личен развој под водство на психолог или советник за ментално здравје.
· Вашиот партнер има поставено цели за само-подобрување и може да се видат позитивни промени кај него. Ако вашиот партнер е мотивиран да стане подобра личност (на пример, доколку навистина сака да престане да пуши или да пие, или пак се обидува да биде потрпелив кон вас), вие ќе имате поголема почит кон него. Тоа, за возврат, ќе ја продлабочи вашата врска.
Важно е да се разбере дека интимната врска не се заснова само на споделување на дом, кревет или купатило. Здравата љубовна врска е заснована на споделување на чувствата помеѓу двајцата партнери. Оттука, уште една важна особина која треба да ја поседува вашиот партнер е емоционалната отвореност. Личноста која е емоционално отворена:
- е свесна за своите чувства;
- ги изразува своите чувства со зборови;
- отворено и искрено ги споделува своите чувства со вас.
Доколку вашиот партнер не сака да ги споделува своите чувства со вас, тоа значи дека тој не е подготвен да биде во каква било интимна врска. А да се биде во врска со личност која не сака да ги искажува или да ги покажува своите чувства, е еден вид на самоказнување. Друг збор со кој може да се опише емоционалната отвореност е „емоционална великодушност“. Да се биде великодушен, значи да се дава во изобилство и без ограничување. Тоа значи дека вашиот партнер треба постојано да ви кажува и да ви покажува колку ве сака и колку ве почитува.
Антоним на емоционалната великодушност е „емоционална скржавост“. Да се биде емоционално скржав значи да се искажуваат чувствата како да се во ограничена количина. Емоционално скржавите луѓе ќе ве натераат да ги „молите“ за љубов, притоа очекувајќи да им возвратите многу повеќе за она што ќе го добиете од нив. Вистината е дека овие личности никогаш не научиле да сакаат некого вистински (со целото свое срце и душа). Меѓутоа, тоа е нивни проблем, а не ваш!
Запомнете дека емоционалната отвореност на вашиот партнер ви дава вам пристап кон неговиот внатрешен свет. Тоа е единствениот пат до неговото срце. Затоа, доколку сте во врска со емотивно скржав партнер, најважно од сѐ е отворено да поразговарате со него за тоа како навистина се чувствувате во таа врска. Исто така, битно е да му укажете на партнерот дека е неопходно да побара стручна помош за да се исцелува себеси за да научи да сака безусловно.
Само доколку вашиот партнер донесе свесна одлука да работи на себе и на својот личен развој, тој ќе може да ви ја пружи љубовта што ја заслужувате. Запомнете дека Вие заслужувате да имате животен сопатник кој ќе ви ја покажува својата љубов и почит постојано, сесрдно и безусловно!
Докторка по медицина, психолошка советничка и доктор на психолошки науки, д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка е на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, а исто така и основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.
Советувате многу интересни начини како врската меѓу двајца луѓе што се сакаат може да севоствари ако взаемно имаат исти интерес и се спремни да се менуваат и доградуваат за успехот и долготрајноста на таа емотивна врска.
Многу работи и ние ги знаеме веќе ама ги запосравуваме или пак понекогаш другата половина не сака да се вклучи или соработува со партнртот и тогаш проблемите се зголемуваат! Тогаш на едниот партнер му останува да,се помири со тој начин на живот и да биде несреќен или пак во краен случај да го напушти!