Another way of living

Личен развој: Осум типови на личности кои треба да ги избегнувате во животот

Везилка Магазин

 

Во секојдневниот живот се среќаваме со голем број луѓе. Некои од нив имаат позитивно влијание врз нас и поради тоа, сакаме да ги задржиме во нашите животи. Меѓутоа, понекогаш дозволуваме некои негативни личности да станат дел од нашиот живот. Следува описот на осумте типови на личности кои треба да ги избегнувате во животот:

 

1. Озборувачи – Озборувачите обично сакаат да предизвикуваат кавги и да ги разделат луѓето. Некому може да му биде забавно и интересно да биде во тек со најновите озборувања. Но, имајте на ум дека овие лица најверојатно зборуваат и за вас, зад вашиот грб. Избегнувајте ги луѓето кои намерно сакаат да ги уништат другите. Во спротивно, еден ден, тие и вас ќе ве уништат.

2. Манипулатори – Верувам дека секој од нас во одреден момент од животот сретнал некоја манипулативна личност. Манипулаторите се претставуваат како добри пријатели и добро знаат што ве прави среќни. Тие ќе направат сѐ за да го добијат она што го сакаат од вас, но ништо нема да ви дадат за возврат. Бидете претпазливи, бидејќи не е секогаш лесно да ги препознаете нивните вистински намери.

3. Критичари – На секој од нас ни треба некој кој ќе ни даде конструктивна критика, искрена сугестија или пријателски совет. Меѓутоа, критичарите постојано ве критикуваат, фокусирајќи се само на вашите недостатоци и маани, со цел да ве омаловажат или да ве понижат.  Тие постојано ги критикуваат вашиот изглед, став или мислење, бидејќи во основа, сакаат да се чувствуваат супериорни во однос на вас. На пример, критичарот може да рече: „Ти си многу злобна“, наместо „Можеби твоите зборови ја повредија твојата пријателка“. На овој начин, со своите зборови и однесување, тие може да ја нарушат вашата самодоверба. Тие се типови на луѓе кои треба што поскоро да ги отстраните од вашиот живот.

4. Нарциси – Нарцисот се однесува како да е Бог на Земјата – тој знае сѐ и е најдобар во сѐ. Без оглед на тоа колку вие сте способни или искусни, тие секогаш ќе направат да се чувствувате инфериорни во споредба со нив. Тие секогаш себеси се ставаат на пиедестал, а сите останати ги гледаат одозгора. Нарцисите се познати по нивната неподготвеност за компромиси и недостаток на емпатија. Тие се во состојба да уништат прекрасни прилики, како што е на пример, вашиот роденден, бидејќи постојано сакаат да бидат во центарот на вниманието. Внимавајте, ако нарцисот се почувствува повреден или отфрлен од вас, тој е во состојба да направи сѐ за да ве уништи.

5. Љубоморни луѓе – Овие личности се љубоморни на секое ваши достигнување, успех и среќа. Во суштина, тоа се површни личности кои ја мерат среќата на луѓето само врз база на материјалистички критериуми. Тие ќе направат сѐ за да се осигураат дека никој не е подобар од нив. Поминувањето подолго време со љубоморни луѓе може да ви наштети, бидејќи нивното негативно гледиште може да ве натера да почнете да се сомневате во сопствените избори, одлуки и цели во животот.

6. Емоционално непристапни луѓе – Овие луѓе одбиваат да разговараат или да ги изразат своите вистински чувства кога ќе се соочат со проблеми во животот. Ова често доведува до тоа партнерот да се чувствува недостоен за отворен дијалог. Емоционално непристапните личности одбиваат да признаат дека постои проблем. Одбивањето да се комуницира предизвикува негативни чувства кај партнерот и создава ѕид во врската. Неподготвеноста на овие личности да комуницираат отворено, искрено и јасно, често може да предизвика чувство на фрустрација и гнев кај соговорникот. Затоа, доколку сакате отворена комуникација и длабока поврзаност со партнер кој е емоционално непристапен, важно е да ја преиспитате таа врска.

7. Екстремно негативни луѓе – Екстремно негативните луѓе се еден од најштетните типови на луѓе кои постојат на Земјава. Тие имаат неверојатна способност да ги направат работите полоши отколку што навистина се. Доколку се обидете да им ја покажете позитивната страна на животот, тие ќе најдат начин да ве убедат дека само нивното гледиште е реално.

8. Самоуништувачи – Овие личности имаат негативен став кон животот, но истовремено одбиваат да ја прифатат одговорноста за своите погрешни одлуки во животот. Внимавајте да не дозволите нечија драма целосно да ве обземе и да ви ја црпи животната енергија. Проблемот е што доколку се обидете да им помогнете, самоуништувачите стануваат одбранбени, конфронтирачки настроени и се полни со изговори. Затоа, подобро е да се држите подалеку од овој вид на луѓе. Во спротивно, вашиот обид да им помогнете може да ви предизвика стрес и бескрајна фрустрација, бидејќи тие немаат желба да созреат и да пораснат.

Се надевам дека сето ова ќе ви помогне да ги елиминирате негативните луѓе од вашиот живот кои постојано ја црпат вашата енергија. Како што Буда умно рекол: „Важен дел од среќата е да се оттргнете од луѓето кои го попречуваат вашиот раст и развој.“

 

 

Докторка по медицина, психолошки советник и доктор на психолошки науки, Д-р Снежана Џамбазова -Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.

Авторка на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, таа е исто така основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.

За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.

Везилка Магазин