Ние луѓето имаме една голема маана – сакаме сѐ во животот да биде точно онака како што сме си замислиле. Со други зборови, сакаме сѐ да биде под наша контрола. Повеќето од нас сакаат да ги контролираат ситуациите и настаните во животот, а најмногу од сѐ сакааат да ги контролираат мислите, зборовите, постапките или реакциите на другите луѓе.
Но, токму поради таа незапирлива желба да контролираме сѐ и сешто, често се чувствуваме вознемирено, фрустрирано или тажно однатре. Реалноста е дека колку и да сакаме, не можеме да имаме контрола врз сѐ и сешто во животот, бидејќи некои работи едноставно се надвор од нашата контрола. Следува описот на оние нешта кои не може да ги контролирате во животот:
Не можете да го контролирате однесувањето на другите луѓе
.
Невозможно е да ги контролирате другите луѓе, т.е. нивните реакции, постапки, мисли, чувства или верувања. Најважно од сѐ е да разберете дека никој не може и не треба да презема лична одговорност за чувствата на другите. За да можете суштински го разберете ова, поставете си ги себеси следниве прашања: „Дали јас сум одговорен за тоа како другите се чувствуваат? Дали јас сум одговорен за среќата или за страдањето на другите луѓе? Кому му припаѓа одговорноста за сопствената среќа?” Одговорите на овие прашања ќе ви помогнат да престанете да се обидувате да ги контролирате другите и да преземате преголема одговорност во својот живот.
Не можете да имате контрола врз минатото или врз иднината
Никој не може да го промени минатото, бидејќи тоа е надвор од нашата контрола, но важно е што сме научиле од истото. Дали минатото ви помогнало да научите важни животни лекции? Дали можете целосно да се ослободите од него или не? Само вие може да одлучите дали ќе се ослободите од непријатните спомени од минатото или засекогаш ќе останете заробени во нив.
Исто така, колку и да сакате, не можете да ја контролирате иднината. Може да ја планирате иднината, опишувајќи го секој чекор во детали, но вистината е дека иднината е непредвидлива. Запомнете дека само доколку престанете да се обидувате да го промените минатото или да ја контролирате иднината, можете да го пронајдете мирот во себе. Минатото и иднината постојат само во вашиот ум. Вие постоите сега. Уживајте целосно во сегашниот момент.
Не можете да го контролирате расположението на другите луѓе
Секој од нас посакува нашите најблиски да бидат среќни, но сепак, тоа е надвор од нашата контрола. Тоа е така, бидејќи само од нив зависи како ќе го живеат својот живот. Запомнете дека нивните проблеми не се ваша одговорност. Можете да се обидете да им помогнете да ја видат светлата страна во ситуацијата во која се наоѓаат, но потоа треба да се повлечете и да се погрижите да ги оддржите својот внатрешен мир и благосостојба. Во спротивно, ќе се чувствувате исцрпени кон крајот на денот, обидувајќи се да ја играте улогата на спасител.
Треба да разберете дека вашето сопствено здравје и благосостојба се ваша одговорност. Оттука, фокусирајте се на тоа да бидете среќни за да можете да ширите љубов и позитивна енергија околу вас.
Не можете да ја контролирате природата
Некои луѓе сакаат да ја контролираат природата. Но, природата е нешто многу поголемо од човечкото его, кое во основа сака сѐ и сешто да контролира. На пример, колку и да сакате, не можете да ги контролирате временските услови. Можете да ги контролирате вашите мисли и чувства поврзани со временските услови, така што и кога времето не е убаво, можете да се исполните со љубов и да се чувствувате убаво одвнатре.
Не можете да го контролирате времето
Времето е вечно. Тоа е нешто што не може да се запре. Колку и да сакате, не можете да го контролирате или да го запрете времето. Меѓутоа, можете да го искористите времето за да се свртите кон себеси и да се фокусирате на своите значајни цели и сништа во животот.
Драги мои, променете го вашиот поглед кон животот. Доколку суштински сфатите дека животот е убав и е секогаш на ваша страна, повеќе нема да се обидувате да контролирате никого и ништо. Ќе бидете отворени кон можностите кои животот ви ги нуди и со радост ќе ги прифаќате. Како што Буда мудро рекол: „Ако не можете да го контролирате она што се случува, обидете се да ја контролирате вашата реакција во однос на она што се случува.“
Колку повеќе се обидувате да ги контролирате нешатата, толку повеќе тие вас ве контролираат. Ослободете се од потребата да ги контролирате сите нешта и дозволете природен тек на истите. Така ќе имате мирен и спокоен живот. Запомнете дека вистинската слобода доаѓа токму тогаш кога ќе се ослободите од потребата за контрола!
Докторка по медицина, психолошки советник и доктор на психолошки науки, Д-р Снежана Џамбазова -Попорданоска им помогнала на илјадници луѓе од преку 100 земји во светот да го надминат страдањето, да го пронајдат мирот во себе и да зрачат со безпричинска радост.
Авторка на популарната мотивациска книга за личен развој „Да се живее понаку,“ која е издадена на македонски, англиски и шпански јазик, таа е исто така основач на интернационалната непрофитна организација за личен развој „AnotherWay Life Education” со седиште во Мелбурн, Австралија.
За повеќе инспиративни содржини во областа на личниот развој, приклучете се на нејзиниот Јутуб Канал Dr Snezhana.