Личен и бизнис развојЛично

Личен развој: „Трансформација“

Текст на Тања Брковска, тренер за личен и бизнис развој

Везилка Магазин

 

Самиот збор трансформација има значење – преобразба, претворување, видоизменување.

Колку сме спремни за еден ваков процес?

Почеток на една нова година, предизвик, планови, промени…

Дали треба вака да ѝ пристапиме?

Да, тоа е една сосема нова година во нашиот живот, но зар не е секој ден, една мала Нова Година?

Можеби само треба да ја прифатиме, со прегратка, насмевка и спремни да се менуваме преку ослободување од сето она што не сме ние.

Нашата желба всушност е да се менуваат околностите и cè околу нас, а ние да си останеме такви какви што сме. Зошто е тоа така ? Заради стравот од промена кој е доминантен кај многумина од нас.

А што е страв од промена?

Тоа е страв од непознато.

Сигурно и безбедно се чувствуваме во зоната на познатото која многумина ја нарекуваат комфор зона.Таа зона е сѐ, само не комфорна зона, во неа некогаш воопшто не ни е удобно, напротив , многу нѐ измачува, неудобна е како тесни чевли, но тоа е нашата зона на познатото.

Добрата вест е во тоа што ние сепак можеме да ги менуваме околностите во кои живееме  со тоа што ќе ја обликуваме околината.

Многу често ги слушате мотивациските говорници кои велат „Работам на себе“. Мене лично таа терминологија не ми се допаѓа. Мое мислење е дека е огромна моќта на зборовите и енергијата која ја имаат во себе. Поради тоа, терминот „работам на себе“ ме асоцира на нешто што е расипано, па треба да работам на него за да го поправам. Јас повеќе сакам да го користам терминот ТРАНСФОРМАЦИЈА – процес во кој ќе се ослободам од сите оние нешта кои попатно во животот сум ги наталожила врз себе како уверувања или нечии дефиниции. Со еден збор – да се ослободам од сето она што не сум јас.

Бидејќи секој од нас е единствена, посебна, автентична, прекрасна личност која некаде по патот наречен живот сме ја загубиле, сега ќе се потрудиме да ја ослободиме од тежината на сѐ она што не ѝ припаѓа.

Ајде да замислиме дека кога ќе се родиме, ние сме всушност како еден нов мобилен телефон. Со текот на времето во него ги внесуваме апликациите, мама, тато, градинка, другарчиња, соседи, тетки, училиште, друштво, шеф, колеги…. ако повремено не го прочистуваме, не бришеме делови од податоците во апликациите нема да издржиме долго, едноставно ќе прегрееме. Можно е да доживееме физичка промена како болест на некој орган или депресија или панични напади…

За да не ни се случи тоа, треба да се ослободиме од уверувањата кои не нѐ поддржуваат за да повторно бидеме ние, автентични и единствени.

Нека оваа година, но и секој нејзин ден поединечно, биде посветена на нашата трансформација.

Да си поставиме цел на почетокот на идната година да бидеме – моето автентично ЈАС.

Да заборавиме на опцијата дека сите околу нас се виновни за тоа што ни се случува, да го земеме сопствениот живот во наши раце и да ја побараме страста во себе која ни кажува дека сме живи и нѐ прави среќни.

Кога е правото време за да се започне со наша лична трансформација ?

СЕГА!

Знаете што, минатото е нешто кое не трпи трансформации, а иднината едноставно ќе мора да ја прифати бидејќи тоа е процес што, кога еднаш ќе се започне, повеќе не може да се сопре, трае целиот наш живот.

Како да ја започнам трансформацијата?

Едноставно!  Со донесување на ОДЛУКА!

Дали забележувате колку е едноставно да се пристапи на овој процес што ќе ни донесе огромна радост и ослободување?

Во природата пример за процесот на трансформација е на цветот во плод или на гасеницата во пеперутка. Гасеницата треба да се затвори во една неугледна чаура за да ја доживее својата трансформација и потоа од неа да излезе како прекрасна, шарена пеперутка која покрај тоа што изгледа волшебно, сега може и да ЛЕТА, што мене лично ме восхитува.

Зар не е прекрасно чувството дека од оваа состојба во која се наоѓаме, каква и да е, колку и да е неудобна или просечна, со кратко задржување во себе, откривање, обликување и остварување на нашите желби ќе можеме да се вивнеме кон височини кои до сега само сме ги гледале од подножјето и ќе ја почувствуваме слободата што ја даваат крилјата?

Ако ви се допадна идејата, дозволете си да бидете тоа што сте, со сите мани и доблести, бидејќи сте единствени, нема друг како вас на планетава, верувајте во себе, во својата моќ да го живеете сопствениот живот по ваша мерка, на ваш начин што ќе ве прави среќни во секој миг, бидејќи го имаме само него – сегашниот миг.

Одберете среќа, радост и мир за себе и своите најблиски и останете доследни на своите цели.

Неодамна прочитав некаде: нашиот втор живот започнува кога ќе сфатиме дека имаме само еден!

Да си дозволиме да го живееме на наш, автентичен начин.

 

Тања Брковска е животен и бизнис тренер и им помага на сите кои имаат желба да го живеат животот по своја мерка со тоа што ќе ги откријат, обликуваат и остварат своите желби и соништа. Работи преку онлајн тренинзи еден на еден или во групи.
За сите наши Македонци секаде низ светот на македонски, бидејќи можеме да зборуваме и да размислуваме на било кој јазик, но чувствуваме само на мајчиниот.
Живее и работи во Скопјe.
Контакт: tanjabrkovska@gmail.com 
Везилка Магазин