РепортажиСвет

Лична репортажа: Животот во Бенгази, Либија низ очите на една Македонка

Репортажа на Наташа Спасовска, Македонка која живее во Бенгази, Либија

Везилка Магазин

„Веќе сум во шестиот месец од моето живење во Бенгази, Либија и бидејќи се работи за малку поинаков начин на живот, менталитет и култура, мислам дека ќе биде интересно за читателите на Везилка да дознаат за нешто поинакво од она што го гледаме во нашата земја и земјите кои обично ги посетуваме.

Либија е неофицијално поделена на два дела и е под протекторат на ОН заради револуцијата која се случила пред неколку години. Главен град е Триполи, а Бенгази е втор по големина и „главен“ град на источна Либија. Она што се случило овде по погибијата на Гадафи е концентрирање на голем дел терористички групи, најмногу во Бенгази и очајно лоша состојба за локалното население, малтретирања, убиства, кражби…

Револуцијата овде всушност била покрената од населението со цел да се избркаат сите терористички групации, кои неофицијално, но скоро сигурно, биле поддржани од западниот дел на Либија и некои странски земји.

Народот претрпел големи човечки и материјални штети, кои и денес се чувствуваат. И иако населението од источна и западна Либија официјално комуницира, сѐ уште има преговори, различна војска и мониторинг од ОН. Всушност најголемиот проблем е што сите ресурси за нафта и драгоцени камења се наоѓаат тука кај нас, во источниот дел, и најголемата борба е за поделбата на истите.

Популацијата е чист муслимански етникум и религијата е нешто што преовладува во нивната култура на живеење. Најзастапени се Арапите, меѓутоа интересно е што има малку чудна комбинација на присутни етникуми како Берберци, Туарци (по нив е крстен и џипот), Табутанци, Грити (по потекло од Крит), Турци, Чеченци.

99% од жените носат хиџаб и не се вработени, многудетноста е сѐ уште многу застапена, иако се чувствува промена кај помладите генерации.

Една од работите кои ме воодушевуваат е јаката нишка на семејството. Тука најблиската фамилија е многу посветена на своите односи, почит, а помагањето е како нешто задолжително. Каков проблем и да се појави, здравствен, финансиски, се собира цела фамилија и веднаш помага.

Особено се чувствува почитта кон жената, која има привилегирана позиција и на која ѝ е обезбедено сѐ што ќе посака и тоа задолжително, не по желба.

Народот е питом и кроток, што мене генерално многу ми се допаѓаше и кога живеев во Македонија и тука, ама овде посебно го чувствувам и ми е убаво. Особено сакаат странци од Европа и имаат посебна почит кон европската култура.

Семејство на Туарег народ

И нормално има и неколку „ама“…Постои една чудна поделба кај народот – црно и бело, или се питоми и чесни до коска или агресивни и едвај чекаат странец за да го изиграат (за среќа се помалку, барем во нашето опкружување), но ние си добивме крштевање и си го осетивме тоа на своја кожа.

Нејсе, она што ми се допаѓа исто е што нема бездомници, овде никој не е гладен. Туѓинец на улица ќе ти подаде храна. Нема питачи и луѓе што спијат на улица.

Кујната им потекнува како и на сите афрички земји од Сириската кујна, бендисав многу од нивните јадења и искрено јас како љубител на готвењето дел од нив веќе се на моето мени. Јадат многу луто, дури и мали деца, и премногу, премногу слатки.

Омилено солено јадење ми е морската храна (можат да се стават рамо до рамо со Италијанците), сафика (преклопено тесто со многу зеленчук и мелено месо, потекло од Либан), копа (вид на пирошка со мелено месо, преубаво!). Слатки нормално слични на турските, арапски благи, баклави…ама мојата омилена тулумба е баспуса и е превкусна, нешто слично на нашата раванија ама со прекрасен вкус.

Негативното е што нивниот начин на исхрана е многу нездрав, 90% исполнет со јаглени хидрати и јас искрено до сега никаде во светов не сум ги видела толкави количини на конзумирани слатки. Последицата од тоа е што над 60% од населението има дијабетес и проблеми со коски и мускулатура, како и чести срцеви заболувања. Од друга страна, имаат преубаво овошје и зеленчук, особено егзотичното и еден зеленчук кој го има само тука во Либија – гамол.

Она што изненадува е спортот. Овде јас до сега не видов семејство каде децата уште од мали не спортуваат, има неколку одлични клубови, а најпопуларни се фудбалот и кошарката и многу се сите посветени и заинтересирани за спортот. Прва работа кога ќе кажам од каде сум е „Пандев“!

Сега малку ќе се осврнам на оние работи кои мене лично не многу ми се допаѓаат, ама се само мое видување и неподложно на критики. Во градот скоро и да нема места каде можат жени да седнат и да се напијат кафе, сами никако. Има убави ресторани, и таму е повторно со машки и женски дел.

Мојата најголема болка – жените не смеат да пушат, особено надвор, иако мислам дека имаат разбирање за странци. Ама сепак не се осудувам, освен на едно место каде има повеќе странци, ресторан на отворено, на брегот, во најубавиот хотел и таму си го дозволувам.

За жените, кои веќе кажав дека повеќето се со хиџаб, има исто еден интересен податок кој не баш соодејствува со генералната слика. Носат марама, нормално од религиски причини, а 99,9% се со филери на секој дел од лицето. Зборувам за јако изразени филери, не ситни корекции. Малку чудничко, нели?

Она што е најзастапено на улиците се маркети (многу,многу храна се конзумира, а и фрла), аптеки и перални, што е исто малку чудно… По револуцијата кај народот има и премногу оружје, па секоја вечер е исполнета со огномети, пукања и калашњикови, ама буквално секоја и многу често завршува со жртви. Тоа ми е сѐ уште најнепријатниот дел од денот, вознемирувачки.

Исто има делови од градот каде не се препорачува да одат странци (од таа причина и дел од фотографиите кои ќе ги објавам се од интернет). Остатоците и траумата од револуцијата сѐ уште поприлично се чувствуваат.

Една од најголемите маани на Бенгази е хигиената. Јас искрено, после Каиро, не сум видела повалкан град (не сум била во Индија, за таму сум слушала слични работи). Апсолутно нема култура за хигиена, фрлаат сѐ на улица, дури и во затворени простории (како клиники) – цигари, опаковки од чоколада, хартија од храна…ужас!

И на крај, сообраќајот. Драги мои, ова не сте го виделе никаде – никакви правила, предност, култура. Предност има тој што има поголема кола или е најхрабар . Сите коли се испочукани, се удираат и си продолжуваат да возат како ништо да не се случило. Жените, нормално, и тука имаат предност и се во право, па ако те удри и да е крива, таа е лута и ти се дере! Циркус без пари.

Инаку, морето е преубаво, чисто (бидејќи скоро и да не влегуваат) и тука е уште една моја мака, како голем љубител на морето – смеам да се бањам само облечена од глава до пети, што нормално ми е неприфатливо, па како скарано дете си седам на плажа и си тажам. Истата тага е и за свинското месо и алкохолот 🙂

Ете драги мои, толку за сега…се надевам дека ќе ви биде интересна приказната за Либија, со оглед на тоа што поголемиот дел од вас немале прилика лично да дојдат. Се надевам интересни ќе ви се и фотографиите, кои дел се мое дело, дел од интернет, заради причините кои ги наведов. На една од нив можете да видите веројатно единствен случај како се поставува бојлер од надворешна страна.

Останете во добро здравје, чувајте се вие и вашите најблиски и се надевам само убави работи ќе имаме за споделување преку нашата Везилка.“

Наташа Спасовска од Бенгази, Либија

Повеќе фотографии од Бенгази

Везилка Магазин