Како одминуваат деновите на живот во ова време/невреме сè поголем е бројот на оние кои од мене бараат помош како да се ослободат од анксиозноста. Факт е дека следната епидемија е токму таа: анксиозноста. Во времето кога јас се борев со оваа (тогаш мислев дека е состојба) таа немаше ни име, кога луѓето ќе ме погледнеа таква стресена, згрчена, со огромна доза на страв во очите, си велеа, нешто не му е арно на девојчево.
За среќа сега е сосема поинаку и добрата вест е дека многу се едноставни техниките кои треба да ги практикуваме за да научиме да живееме со неа.
Да добро слушнавте: да научиме да живееме со анксиозноста.
Но да започнам од почеток. Сега е повеќе од јасно дека анксиозноста не е состојба, туку емоција. Една од илјадниците емоции со кои ние секојдневно живееме, односно една од основните емоции. Таа е природна реакција на нашето тело на стрес. Можеме да ја дефинираме како страв или предвидување на нешто што доаѓа – прв ден на училиште, селидба, интервју за работа или пак држење на јавен говор, сето тоа може да направи да се почувствуваме исплашени или нервозни. Анксиозноста во граници на нормалата е емоција која доаѓа и си оди. Всушност таа отсекогаш била најдобар пријател на човекот во борбата за опстанок.
Запомнете: анксиозноста е механизам за преживување кој е вграден во нашата биолошка структура за да нè заштити, а не да нè повреди.
Тој механизам т.е. емоцијата на анксиозност се вклучува во момент на опасност или закана. Во минатото тој механизам се вклучувал за да ни алармира дека ни се приближува диво животно кое може да нè нападне или дека ќе се одрони карпата под којашто стоиме. Нашата реакција на борба или бегство била многу брза и од кога ќе сме се нашле на сигурно алармот се исклучувал и анксиозноста се повлекувала до следниот момент кога ќе се најдеме во соостојба на опасност.
Се надевам дека во овој момент имате сосема нова слика и дефиниција за анксиозноста. Дека целта не ѝ е да нè убие туку напротив, да нè спаси.
Она што во ова време ни се случува се постојаните дразби кои доаѓаат од сите страни, а нашиот организам ги препознава како закани и опасности. Од таа причина, алармот за известување дека ќе ни се случи некаква опасност е повеќе вклучен отколку исклучен. Од оваа причина емоцијата анксиозност почнуваме да ја третираме како состојба. Отсекогаш сум мислела дека сè е поедноставно кога го знаеме името на нашиот непријател. Во случајов всушност се работи за еден наш исклучително добар пријател и пред сè заштитник – нејзиното величество АНКСИОЗНОСТА.
Сите кои минувате низ неа во одреден период во животот си велите “е сега малку претера”, но верувајте, истражувањата кои ги имам направено, техниките кои ги користам за справување со неа даваат исклучителни резултати кај моите клиенти.
Ќе напоменам уште еднаш дека се работи за емоција од која не можеме да се ослободиме, туку треба само да научиме да живееме со неа, односно да ги земеме уздите во своите раце и да ѝ дозволиме да ни стане пријател кој ќе нè штити во ситуации кои за нас се навистина закана или опасност. Замислете да ја немате таа емоција, ако пред вас почне да се руши некој зид вие нема да добиете аларм да бегате.
За полeсно да ме разберете ќе ви објаснам како да користите една алатка во одреден момент пред да се случи емоцијата на анксиозност.
Грижата и неизвесноста се клучни виновници кои не носат кон оваа емоција, ако ги намалиме нив ќе се намали и вклучувањето на алармот за опасност.
Ако се грижиме за нешто што можеби во иднина нема ни да се случи, ѝ помагаме на неизвесноста да премине во страв кој е постоечки, но не ја знаеме вистинската причина.
Па последователно, ако тргнеме од дефиницијата за страв која гласи вака некако: страв е неприфаќање на неизвесноста, тогаш решението е во прифаќањето на неизвесноста, а со тоа, во тој момент нашиот живот ќе стане авантура.
Сега кога знаете што е навистина анксиозноста, обидете се барем еден ден да заборавете на грижите за нештата кои можеби никогаш нема да се случат.