Ајде да зборуваме за нормално. Уште поважно, ајде да зборуваме за тоа кој одлучува што е нормално?
Дали единствено ако се има дете со типичен развој е нормално? Или и децата со ментални и физички предизвици може да ги гледаме како нормални?
Разбирам и нема да лажам – пред да станам родител и јас имав мислење за тоа кои деца се “нормални“, какво што имаат повеќето.
А денес знам дека “нормално“ не треба да се користи како опис на човечки суштества, затоа што е етикета која не одговара.
Затоа што не постојат двајца – со попреченост или без, кои се исти.
Секој има различни желби, приоритети, соништа, перспективи и способности. Сите ние го живееме животот од различна перспектива и секој би сакал да го искуси најдоброто од она што ни се нуди. Бидејќи ова е заедничко за сите нас, тоа значи дека сите сме различни, но сите сакаме да уживаме и да се чувствуваме добро.
Кој може да одлучува што е нормално?
Дали општеството смета дека семејство со мајка, татко и дете со типичен развој е нормално? А што е со семејства со мајка, татко и дете со попреченост? Тоа се смета ли за нормално? А што ако на пример, имаме двајца родители и здраво дете, а родителите имаат некаква попреченост? Тоа нормално ли е?
А зошто да не биде? Се разбира дека и тоа е нормално.
Секогаш кога некој означува некоја личност како “ненормална“, треба да земе во предвид дека дава изјава дека нечие постоење не е нормално. Става етикета и ознака на нечиј цел живот. Кој има право да го прави тоа?
На пример, вие живеете онака како што можете, јадете, спиете, работите, имате пријатели, немате здравствени проблеми, имате хоби и така натаму, ок?
А некои семејства имаат член со попреченост кои имаат различни рутини од вашето семејство. И тие исто така јадат, спијат, имаат пријатели, одат на доктор малку почесто и прават различни работи… И некој ќе дојде и ќе каже: Оваа ситуација не е нормална.
Навистина?
Дали затоа што е различна од вашата ситуација?
Знам дека тоа е само форма на изразување, но значењето е малку подлабоко.
Никој нема право да суди.
Нема нормална и ненормална личност кога станува збор за попреченост. Секој заслужува да биде третиран со почит и достоинство.
Без разлика кои предизвици ги има вашето дете, третирајте го еднакво, како да го разбира секој збор. Признајте дека вашето дете е нормално такво какво што е. Не ги истакнувајте неговите ограничувања цело време како изговор да не направите нешто или не отидете некаде.
Како посебни родители ние придонесуваме кон колективната свесност. И ако почнеме да делуваме од точка на потполно прифаќање, другите надвор од нашата фамилија нема да мислат дека нешто абнормално/чудно/тажно ни се случува. И наскоро, кога нови родители ќе откријат дека нивното дете има попреченост, нема да се чувствуваат како светот да се руши над нивните глави.
Затоа што голем дел од шокот и тагата кога ќе се дознае каков предизвик имаме на патот, припаѓа на стравот дека ќе бидеме отфрлени. И од стравот дека ќе бидеме осудувани и нарекувани “ненормални“.
Вие сте доволни како родители. И не грижете се ако другите го етикетираат вашето семејство како “ненормално“ или слично. И на вас ви требаше време да прифатите и да ги реконструирате вашиот поглед на работите.
И конечно, единственото нешто што е важно е вие да се чувствувате добро. Важно е вие да живеете убав живот и да уживате со вашето семејство.
Ако мора да ги етикетираме и разграничиме работите како нормално и ненормално, тогаш ќе кажам дека:
- Нормално е да сакате да бидете среќни;
- Нормално е да сакате да правите најдобро што можете;
- Нормално е да сакате да се смеете и забавувате;
- Нормално е да сакате да сакате и да бидете сакани;
- Нормално е да сакате да имате пријатели;
- Нормално е да уживате во музика;
- Нормално е да сакате да ве третираат добро;
- Нормално е да сакате да се осамите понекогаш;
- Нормално е да сакате да живеете во мир и хармонија.
Дали ги сакате сите овие работи? Дали вашето дете исто така? Гледате? Нормално.
Вие бидете пример и останатите ќе ве следат.
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.