Последните два месеци ги посветивме на разговорите за работа. Како да се подготвиме за таканареченото интервју за работа, кои се најчесто поставувани прашања и како да се подготвиме за да се претставиме во најдобро можно светло и при тоа да се чувствуваме опуштено во самиот чин на комуникација.
Еден чекор пред ова треба да биде нашата одлука КАДЕ ќе конкурираме за работа. Кој ќе биде нашиот избор. Дали ќе се пријавиме онаму каде имаме врски, онаму каде имаме соодветна едукација или онаму каде нѐ влече срцето? Кога последните две би биле во иста насока, тогаш би требало да сме среќни и задоволни.
Но, не секогаш можеме да си ја следиме желбата, околностите и уверувањата знаат да не повлечат толку јако што ќе заборавиме каде сме тргнале.Секогаш кога треба да донесеме некоја одлука, тие воскреснуваат и имаат милион причини да не ги одобрат нашите аргументи и да нѐ побијат со контра аргументи во најкраток можен рок. Ах тие уверувања…
Но, ако постапиме малку помудро, можеме да откриеме што е она што навистина ќе го работиме со полно срце и ќе уживаме во тоа до таа мера што нема да го доживуваме како работа, туку како уживање.
Ова можеме да го направиме преку еден многу едноставен тест, ако нешто посакуваме од длабочината на душата, а имаме стотици спротивставени мисли, да знаеме дека и покрај тоа што сме веќе возрасни, немаме возачка дозвола, не говориме јазик на таа држава….сепак треба да донесеме одлука и цврсто да зачекориме кон остварување на нашите соништа.
Во програмот Dream Builder na Mary Morrissey има конкретен тест за нашите соништа и тој оди вака:
1. Дали ми нуди повеќе живот? Кога ќе помислите на вашата работа од соништата дали се чувствувате повеќе живи? Дали наеднаш нешто заигрува во вас и низ телото се шири чудесна енергија која ќе ве поддржи што и да правите…колку и да трае тоа…
2. Дали е во склад со моите срцеви вредности? Дали е тоа тоа што навистина го посакувам од длабочината на душата, без оглед на сите околности и уверувања? Дали ме води срцето или умот пред него го пали црвеното светло…
3. Дали бара мој раст? Дали постојано ќе треба да се надградувам, да одам напред, да се усовршувам и да откривам нови хоризонти…воу, каков предизвик!
4. Дали ми е потребна виша помош? Дали ми треба поддршка од универзумот, од ментор, од соработник…Секогаш е полесно кога се има поддршка, кога некој верува во тебе, а ти можеш едноставно – да си ја позајмиш неговата верба во тебе!
5. Има ли во оваа моја работа нешто добро и за другите? Прекрасно е чувството да можеш да споделиш, да помогнеш, да поттикнеш, да направиш некого среќен…
Драги мои, ако одговорите на сите овие 5 прашања се ДА, на најдобриот пат сте да ја одберете професијата која ви е во крвотокот и во секоја пора, професија која ќе дава енергија на секоја ваша клетка, која ќе носи радост во вашето срце и насмевка на вашето лице.
Сите уверувања и околности паѓаат во вода или се повлекуваат пред овој ураган на позитивна енергија и сосема бесмислено е да се откажете од него само заради некое мувлосано уверување или околност која навистина нема ништо со вас.
Дозволете си да сонувате бидејќи само така еден ден ќе се разбудите во простор КАДЕ ЈАВЕТО Е ИСПОЛНЕТ СОН.