Овој текст е за сѐ околу новогодишни резолуции и поставување на цели.
Исто така е и за станување свесен за благословите во вашиот живот, освестување на благодарност и личен раст.
Но, не планирам да зборувам за цели како едноставно посакување, сонување и држење позитивен став. Сакам да споделам што функционира за мене.
Како некој што е многу заљубен во личен развој и спиритуалност, сфатив дека ако сакам да ми се промени животната ситуација, морам да променам добар дел од моето однесување.
Секоја успешна личност коja има напишано книга во која ги дели советите за успех кажува дека треба да се напишат целите на хартија. Ако имате цели кои сакате да ги постигнете и не ги напишете, тогаш тоа не се цели. Тоа се само желби. Но, ставете ги на хартија – и стануваат акциски планови. Стануваат дестинација до која сакате да стигнете.
Знам дека многу од вас направиле до сега ваква листа. Претпоставувам и дека многу од нив биле новогодишни резолуции. И насетувам дека сѐ што сте напишале останало само на хартија. Затоа има многу хумористични коментари на интернет, како: “Дај Боже сите проблеми да ти траат колку и новогодишните резолуции“ или “Се надевам дека светот ќе заврши во 2020 за да не морам да се правдам зошто не си ги исполнив целите“.
И затоа некои пишуваат текстови тврдејќи дека “таблата на желби“ (vision board) и новогодишните резолуции не успеваат. Ако ги направиш, големи се шансите од разочарување, па подобро ич не се мачи.
Сите вакви шеги и сомневања постојат заради луѓето како мене. И јас исто бев личност која не мрда со прст кон остварување на тие цели штом дојде јануари/февруари. До март, веќе сум заборавила што сакав да постигнам.
Знам дека многу луѓе се такви и после некое време се откажуваат и не ни поставуваат цели повеќе затоа што губат доверба во себе. Тие знаат (и очекуваат) дека не многу ќе се промени за нив.
Но, пробав нешто што функционира и сакам да го поделам со вас. Користејќи го овој трик успеав да постигнам 80% од целите кои ги напишав за себе минатиот декември.
Не е важно за што се работи. Ќе набројам примери што најчесто се наоѓаат на листите на секој од нас:
- Да ослабам
- Да се здебелам
- Да научам странски јазик
- Да стекнам нова вештима
- Да променам кариера
- Да ја подобрам финансиската состојба
- Да работам повеќе на прогресот на детето со почесто вежбање физикална и логотерапија
- Да поминувам повеќе време со партнерот на само, без децата, барем еднаш месечно
- Да се преселам во друга земја
- Да започнам блог
- Да ги организирам сликите и видеата во компјутер
- Да се осмелам јавно да ги покажам тортите што ги правам и да почнам да ги продавам
И така натаму.
Не сакам долго да се задржувам на целите. Секој има различни желби и полиња на интерес и сам може да си напише што преферира. Сакам да зборувам за причината зошто повеќето од нас забораваат на сето ова до јануари?
Како всушност можете да го постигнете она што го сакате?
Единствените непријатели кои нѐ спречуваат во тоа се: однесувањето и навиките кои ги имаме. Дури и ако целта не е многу голема, ќе ни биде тешко да ја постигнеме ако продолжиме да ги имаме истите навики и однесувања како и порано. Знаете ли дека многу луѓе сакаат да напишат книга, но никогаш не ни започнуваат?
Затоа што е многу обемна и комплицирана задача. Треба многу време додека да се спроведе процесот од почеток до крај. Пишувањето трае со месеци. Идеата за поминување низ процедурата за издавање, полна со можности за одбивање, може да креира анксиозност. Може да се одбере и опцијата само-издавање, но тоа подразбира посветување на недели или месеци истражување за како тоа функционира. И кога ќе почнеш да мислиш на сето ова, не се ни мачиш да започнеш.
Ете затоа поставувањето (новогодишни) цели не функционира за повеќето луѓе. Она што би функционирало кај секој (ако направат таков избор) е да ја поделат секоја цел на најситни чекори.
Тешко е да се наканите да започнете нешто што ќе одземе многу време и уште е и несигурно дали ќе успее. Но многу е лесно ако го поделите тој процес на само два часа на ден – неколку пати неделно (или било кој распоред кој ќе одговара најмногу за вас). Тоа многу ги менува работите.
Ајде да кажеме дека сакате да напишете книга до крај на 2021. Тоа не значи дека треба да седнете одма после Нова Година и да пишувате дење и ноќе додека книгата не е завршена. Можете да се организирате да пишувате два часа на ден. Или да најдете ритам кој за вас одговара најмногу. И да одите чекор по чекор.
Без разлика на целите, фокусирајте се на промена и подобрување на вашите навики. Ако и мала промена воведете, ќе направи голема разлика во резултатите на секое животно поле. Ќе има влијание на ситуации, околности, можности и луѓе кои ќе ги сретнувате на патот, итн.
Затоа, она што функционираше за јас да исполнам 80% од моите цели не беше само конкретното работење, туку и активностите кои ги превземав пред да започнам со работа. Минатата година напишав една дополнителна листа, до таа со целите. Запишав што е потребно да направам за тие цели да ги исполнам? (Буквално кои чекори треба да ги правам секој ден или најчесто што можам, како подготовка пред акција)
- Вежбање
- Утринска рутина (медитација и визуелизација)
- Станување рано (не мора баш во 5 ама – времето е пластично и може да се креира)
- Читање книги (кој применува – знае)
- Онлајн курсеви од моето поле на интерес
- Прошетки во природа колку што е можно почесто
- Возење велосипед
- Подобрување на германскиот (или за вас може – учење на нов јазик)
- Слушање подкасти на различни теми и информирање
- Пишување дневник (неверојатен алат за постигнување јасност)
- Контактирање со луѓе од мојата бранша
- Хоби
- Слушање музика
- Волонтирање
- Вечерна рутина, која ќе вклучува подготовка на утринска рутина. Мојата е рутина од два дела: прво, ја запишувам секоја задача што ме чека утре, и второ, подготвувам однапред се’ што можам за следното утро. Ја ставам облеката покрај креветот; ја спремам шолјата за кафе, чаша за вода и витамините – едно до друго. И ја чистам (ок, раскревам?) дневната соба за да влезам утрото во удобна атмосфера и да уживам со кафе и книга пред да ми започне денот. Штом почнав со оваа пракса ми се тргна голем дел од стресот. Да не спомнувам дека така ретко може да се случи да заборавам работи.
Присвојување на некои од овие навики ќе направи голема разлика за дали нешто ќе промените кон подобро. Можете да си направите ваша листа на активности со кои ќе постигнете повеќе. Можеби ќе додадете танцување или фотографирање, пеење или сликање на дневна или неделна база. Што и да функционира за вас.
Драги родители, не го правете детето центар на вашиот живот. Вие сте центар на вашиот живот.
Не го користете вашиот предизвик како изговор да зборувате за тоа цело време и да мислите на тоа цело време. И секако не го користете како изговор да не направите прогрес и станете нешто повеќе. Зборувавме во минатите текстови дека промени се случуваат вака или така. Ништо не стои непроменето во природата. Сѐ се менува и се движи. Зошто да не се промените на подобро? Изборот е ваш.
Зошто да не го следите чувството на сатисфакција? И ако не успеете, па што ако? Пак ќе се обидете. Да не успееш е многу подобро отколку воопшто да не се помрднеш.
Не го сфаќајте животот толку сериозно.
Побарајте го детето во вас. Зошто да не направите vision board? Дури и да не верувате дека ќе функционира истата за вас, сепак ќе ви биде забавно да ставате слики од сѐ што сакате на едно место. Бидете дете, забавувајте се. Купете убав шарен нотес и пишувајте во него што сакате да постигнете.
Сето ова е само бла бла ако не се обидете да го примените во пракса. Но сигурна сум дека сега сте љубопитни да видите дали мојот трик ќе функционира и за вас?.
Со ова, сакам да ви посакам Среќен Божиќ и Среќна Нова Година. Нека сите ваши соништа станат реалност.
Ви посакувам љубов, здравје, смеа, радост, просперитет, забавни спомени и многу повеќе.
Не губете ја надежта за подобри времиња.
Маја.
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината web-страница https://mayastoychevski.com/. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.