Знам дека мислите не ви се секој ден насочени кон ова што го пишувам денес, но овие работи се многу важни. Можат да направат огромна разлика во вашето зборување и изразување, енергијата и изборите кои ги правите доколку станете длабоко свесни за следниве факти.
Ако имате дете со посебни потреби (не сакам да го користам терминот “посебни потреби“ но разбирам кога другите го употребуваат за да опишат дете со физички и ментални предизвици), треба да знаете дека:
- Децата ја разбираат и ја чувствуваат секоја ваша емоција. Без оглед на тоа колкаво е мозочното оштетување, тоа може да чувствува вина и дека е некаков товар. Ако постојано сте тажни и вознемирени заради неговата состојба, вашето дете ќе го знае тоа и ќе се чувствува како промашај. Како ова да е нивна вина. Затоа, најдете начин да како да прифатите и да се носите со ова.
- Вие сте еднакво важен дел во оваа приказна. Треба да водите грижа за себе исто така. Едноставно морате и ова не е предмет на дискусија. Кои начини на грижа за себе практикувате дневно, неделно или месечно?
- Постои една поголема слика и логична причина зошто го имате ова искуство во вашиот живот. Вие не сте казнети. Кога вистински ќе прифатите и ќе постигнете внатрешен мир, ќе дознаете што е тоа, а со тоа ќе се најдете на пат кон најголемата среќа што може да си ја замислите.Тоа ми се случи и мене, а знам и многу други кои имаат исто искуство.
- Секоја ситуација поминува. Секоја фаза на напади, плачење, врескање, тантруми… сѐ поминува. И со време станува подобро. Надежта ќе ви помогне да истраете во овие периоди.
- Вашето дете можеби ќе си замине пред вас. Знам дека веќе сте мислеле и на ова и знам дека не сакате да го искусите. Но, не го поминувајте денот замислувајќи слики од како ќе биде и како ќе се чувствувате кога тоа ќе се случи. Вие не ни знаете со сигурност дека тој момент ќе дојде. Уживајте во секој ден со вашето дете и бидете во мир.
- Вашето посебно дете често минува низ кризи и потешкотии. Животот за нив е потежок во споредба со просечна личност. Вие како родители страдате во тие кризи исто така. Вашата реалност е можеби дете со оштетен мозок, церебрална парализа, аутизам, АДХД, Даунов синдром или некој друг синдром. Вистинската љубов е безусловна, но оваа ситуација ги тестира вашите граници и нерви секој ден.
Тоа влијае на вашите партнерства и на врските со останатите членови од фамилијата. Најдобар начин да се дојде до олеснување во животите на сите вклучени во вашата приказна е да се научи поинаков мајндсет за справување со секојдневните емоционални предизвици.
Едуцирајте се на кои начини може тоа да го постигнете.
- Вашето дете има свој ум, мисли, чувства и перцепција. И може да ги изрази без разлика на ограничувањата. Набљудувајте го внимателно за да забележите сѐ што ви кажува.
- Вашето дете ги разбира вашите емоции. Тоа знае кога сте тажни, лути, нервозни, среќни или во мир. Можеби нема интелектуални мисли, но го чувствува ова на енергетско ниво.
- Славете ги и најмалите победи и поставете ги правилно вашите очекувања. Ќе поделам мала лична приказна која веќе ја спомнав во минатите текстови и видеа. Во 2018 година прв пат прочитав за Законот за привлечност. И како што вообичаено се случува со секој што има многу малку информации на нова тема – го разбрав многу буквално и многу површно. Мислев дека САМО треба да мислам позитивно и да кажувам афирмации некое време и Јоана комплетно може да се исцели за шест месеци (уште и рок имав).
Таа желба колку и да е природна (и очекувана од секој посебен родител), беше осудена на пропаст. Не можете да очекувате дека со мисли можете да влијаете на друго човечко суштество, па дури и да е тоа вашето дете. Погледнете уште еднаш под број 1. Вашето дете си е своја индивидуа со свој животен пат, перцепција и искуства. Вие може да влијаете само на себе, својот мајндсет и своите избори.
Природно е вашата примарна желба да биде доброто на вашето дете, но поставете си правилни очекувања и научете која е вашата улога во сето ова.
- Не се споредувајте со други луѓе, деца, семејства – тоа само ќе ви донесе стрес и фрустрација. Вие сте уникатна личност со квалитети и своја вредност. Ценете и негувајте го тоа.
- Прифатете ги негативните чувства кога ќе надојдат. Во ред е кога ќе шетате во парк со вашето прекрасно дете кое си дреме во количката и кога ќе видите други деца како трчаат по топка, да почувствувате бран на тага. Тоа не ве прави лоша личност. Само ве прави човечко суштество. Кога и да се справувате со негативни чувства, прифатете ги без осуда. И тие се дел од вашиот процес.
Можеби веќе го знаете сето ова, можеби не. Добро е да имате вакви потсетници блиску до вас. Затоа што многу често сме оптеретени со мисли на грижа, страв и анксиозност и забораваме да бидеме свесни за оние работи кои ни носат смиреност и надеж.
Како мислиме влијае на тоа како се чувствуваме. А како се чувствуваме влијае на тоа што правиме и какви идеи добиваме.
Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.