Денес една тема која е постојано актуелна и која навистина може да се разработува на различни начини и да се гледа од различни агли. Јас ќе ја започнам со една зен приказна која оди вака….
Еден ден двајца монаси патувале заедно по каллив пат. Сето време врнело силен дожд. Свртувајќи зад свиокот, тие сретнале една убава девојка во свилено кимоно со појас, којашто не можела да помине на другата страна од патот. „Ајде девојко“, ѝ рекол првиот не размислувајќи ни секунда. Кревајќи ја на раце, тој ја пренел преку калта.
Вториот веќе не проговорил ни збор, сè додека доцна таа вечер не стигнале во храмот во кој требало да ноќеваат. А потоа веќе не можел да се воздржи. „Ние, монасите, не им приоѓаме на жените“, забележал тој, „Особено ако се млади и убави. Тоа е опасно. Зошто го направи тоа?“
„Јас девојката ја оставив таму”, рекол првиот смирено. „Зар ти сè уште ја носиш со себе?”
Длабока приказна што ни помага да станеме свесни колку долго една емоција останува да владее со нас. Ако ни се случи нешто што ќе нè разбесни, сè додека го повторуваме и прераскажуваме настанот, таа емоција живее во нас. Предолгото задржување на емоција на бес, страв, каење и на сите други ниски емоции може да предизвика психички, а неретко и физички промени во нашиот организам.
Ова не значи дека не треба да ѝ се посветиме на емоцијата, напротив. Секоја емоција што ја чувствуваме во кој било момент е валидна и вистинска и треба да биде прифатена и истражена, затоа што само нашите емоции ни се водилка во животот за да ни покажат што е тоа што сакаме во секој момент.
Секоја емоција што постои – постои со причина. Емоциите се мерен инструмент за нашата вибрација. Затоа започнавме со емоциите со ниска вибрација. Ако кон нив имаме став дека се лоши или непотребни, тоа значи дека сето време ќе ги потиснуваме и ќе се манифестираат потсвесно на многу штетни начини во нашиот живот и во нашето здравје, и тоа не само за нас туку и за другите.
Без разлика на која вибрација е дадената емоција, ПРИФАЌАЊЕТО на нејзината валидност без разлика колку е болна или непријатна е, всушност, она што ја лекува и на тој начин таа станува дел од нашето искуство и ја унапредува нашата личност. Секоја емоција што ја чувствуваме е наш пријател. И најбитно – треба да биде почувствувана. Дозволете си секоја емоција да ја почувствувате, да ја доживеете, прифатете ја, поразговарајте со неа, ако треба и замислете ја во облик на дете, гушнете ја и ако е со ниска вибрација испратете ја да си замине.
Емоциите ги имаме за да ги покажеме, не за да ги криеме. Слободно покажете ги своите емоции, кажете: се чувствувам навредено. Никогаш не велете: навредена сум. Бидејќи ЈАС СУМ е поистоветување со себе, а емоцијата е нешто што го имаме во одредена ситуација, не нешто што сме.
Дали некогаш сте почувствувале директна поврзаност на емоцијата со промена во телото, дури и физичка болка или леснотија на целото тело? Сигурна сум дека ДА. Кога се работи за емоција со ниска вибрација таа труе одреден орган, бесот го гори желудникот и создава чир, додека емоцијата со висока вибрација, на пример, среќа, прави целото тело да подрипнува.
Отвореноста за искажувањето на нашите емоции е особина која може да го подобри нашиот квалитет на живот во секој поглед. Искажете ги и оние што имаат повисока вибрација: те сакам, прости ми, ти простувам, благодарна сум… нека бидат ваше секојдневие. Животот ќе ви добие поинаква димензија.