Прегледувајќи ги прашањата кои ми ги испраќате, наидов на ова: Зошто ми треба тренинг/coaching за посебни родители?
Мислам дека ова прашање заслужува цел текст затоа што можеби и други се прашуваат истото. Цело време ќе го користам терминот онака како што го слушнав за прв пат, а не „тренер за личен развој“, зошто ми е полесно и на уво поприродно ми звучи вака.
За почеток, ќе ви раскажам како ангажирање на тренер ми помогна мене.
Зошто тренинг/coaching?
Кога требаше да одлучам дали да се пријавам на онлине курс за affiliate маркетинг, или да почнам да пишувам книга, најмив тренер. Во тоа време бев на добро место, ја имав прифатено состојбата на Јоана и сите предизвици и решив да инвестирам време во правење и создавање нешто што ќе придонесе за мојот личен раст. Како што Марта Бек кажува во нејзината книга „На патот кон вашата Ѕвезда Северница“ (Finding your north star): Кога ќе постигнете се‘ што сакате, на тоа место може да останете само ако има простор за иновација и раст.
Најмив тренер без да знам што да очекувам. И многу ми се допадна. На пријателите им објаснував дека тренингот е како да си подарувам екстра грижа. Како кога ќе одлучите да си дозволите масажа или луксузно спа искуство, ама со тренингот тоа се однесува на вашиот ум и дух.
Многу резонираше со мене да имам личност покрај себе која е интуитивна, без осуда и без сопствено мислење за работите во мојот живот. Некој на кој му ги кажувам своите цели и каде сум сега. Каде сакам да стигнам и со какви предизвици се носам. И потоа да ми се постават правите прашања кои ќе ме доведат до јасност. Сакав јасност за тоа што треба да правам, и тоа го добив. Едвај чекав да почнам да работам на своите цели. Се чувствував енергична и знаев што сакам.
Цело време бев свесна дека сето ова можам и сама да го постигнам. Можам да продолжам да читам, да гледам видеа, да правам IKIGAI вежби, да размислувам и да се концентрирам на медитација и така да дојдам до одговори. Секој може ова да го постигне сам. Не е невозможно. Само трае подолго време, и ќе биде без енергијата на уште една личност чија страст е да им помага на луѓе да постигнат јасност преку тренингот.
И помислив, тренингот ми помогна да дојдам до идејата да напишам книга и да креирам содржина базирана на мојата приказна, за да мотивирам и инспирирам посебни родители кои поминуваат низ тешки времиња. Ми помогна да ми се расчисти моментот дека сум повеќе креативна личност отколку некој што би се занимавал со продажба (а affiliate маркетинг е токму тоа, продавање работи на интернет).
Помислив, па баш ми се допадна работата со тренер. Овие тренинг техники може да се искористат на скоро секое животно поле: кариера, односи, фамилијарни ситуации, финансиски предизвици, самодоверба, итн. Се сеќавам ми се вртеше низ глава: секој треба барем одвреме на време да работи со тренер. Посакувам јас да имав најмено во првите години кога се роди Јоана, да ми помогне да си ја променам перспективата и некои мои ограничени уверувања и да ја видам убавината на животот, што би ми помогнело побрзо да стигнам таму каде што сум сега… тоа беше тоа.
Следната мисла, јасна како сончев ден, ми беше дека сакам да бидам тренер за посебни родители. Ќе работам со родителите и ќе им давам алати и методи за постигнување прифаќање, благосостојба, радост, ентузијазам, оптимизам, и како да се чувствуваат добро во нивната ситуација. Знам како и знам дека зборовите не не‘ учат, туку искуството. Моето искуство е огромно и го делам со љубов и радост.
Што е тренинг/coaching?
По дефиниција, coaching е форма на личен развој во која искусна личност, наречена тренер, поддржува клиент во остварување на специфични лични и професионални цели преку тренинг и водство.
Родителски тренинг и конкретно – тренинг за посебни родители, може да ви помогне во самодовербата и да ви донесе мир, прифаќање и благодарност.
Тренерот не осудува, нема свое мислење за работите што ви се случуваат и не нуди решенија. Но е некој кој ќе ви ги постави вистинските прашања преку кои ќе станете свесни за својот потенцијал.
Што се очекува од coaching за посебни родители?
Јас сум целосно ориентирана кон родителите и мојата цел е на нив да им помогнам. Нашите деца добиваат доволно внимание од нас, од остатокот од фамилијата, од докторите и цел медицински персонал. Вие сте мојот приоритет. На нашата прва сесија вие ќе ми кажете зошто барате тренинг и што се надевате дека ќе добиете од сесиите. Ќе ви поставам исто и прашања за да ги разберете вашите сегашни предизвици и како точно се чувствувате.
Методите и техниките кои ги употребувам вклучуваат пишување, читање, практикување благодарност, разгледување на проблемите од повеќе перспективи (што е многу моќна алатка за промена на негативните емоции кои ги носите), разни вежби и тренинг модели. Ќе добивате прашања кои кога ќе ги одговорите, ќе добиете јасност за тоа каде точно стоите, што сакате од вашиот живот и како да ги постигнете вашите цели. Кога ги работам овие вежби со своите клиенти, скоро секогаш велат дека сега гледаат нови можности за нив. Не само што целосно постигнуваат мир со својата животна ситуација, туку осознаваат дека сакаат да се насочат кон нови цели, или да напредуваат во кариерата, или да променат професија, или да ги подобрат односите со луѓето околу нив.
Можеби ќе ви предложам кои книги да ги прочитате околу она што сега ви е предизвик или некој документарен филм да погледнете – тоа зависи од вас и колку длабоко сакате да одите. Можно е да ви предложам и некоја дневна рутина за да научите како да бидете присутни во моментот, а не преоптеретени од минатото (кое веќе е завршено), или иднината (нешта кои не се ни случиле, а вие веќе ги преживувате како негативни сценарија, кои некогаш многу болат).
Вака ќе ви кажам: тренингот игра голема улога во личен развој и може да биде прв чекор во подобрување на вашиот живот. Кога ќе се посветите на работа на себе, знајте дека тоа е долгорочен процес и ако сакате да ги постигнете посакуваните резултати, мора да инвестирате време и труд. Вашата среќа и вашиот живот се ваша одговорност. Поништувањето на старите програми и мисловни шаблони кои ве довеле каде што сте сега, не можат да бидат променети преку ноќ.
Иако сите методи и техники кои ги користам можат да се применат генерално на секого, сепак секоја личност е единствена и има специфични нешта кои сака да ги разреши. Тоа значи дека изборот на методите ќе зависи од вас и вашите околности.
Што можам да направам за вас?
Справување со стрес и фактори кои го предизвикуваат; Мојот фокус сте вие како родители и ќе работиме заедно на откривање на најдобрите начини за водење грижа за себе и справување со стрес.
Стил на родителство; Најважно е какви зборови и енергија употребувате кога сте околу вашето дете. Не е важно дали тоа разбира зборови или не. Сите тие разбираат енергија многу добро. Животот ми се смени кога одлучив свесно да останам смирена кога Јоана плачеше со саати. Наместо моето вообичаено колабирање во самосожалување и очај, почнав да ѝ шепотам на уво дека ѝ верувам. И дека повеќе нема да пробувам да ја поправам. И ѝ допуштам да биде кој таа сака да биде. И тогаш Јоана се смири. Прочитајте ја нашата приказна на мојата веб-страница. А добар дел од истата имате и овде.
Справување со транзициски периоди и кризи; Животот е полн со подеми и падови и ништо не останува непроменето засекогаш. Можам да ви помогнам да поминете низ тие периоди како најдобрата верзија на себе. Настаните може да се нижат еден по друг, како на пример – можеби сте ја промениле земјата на живеење (како ние што направивме штом дознавме за состојбата на Јоана), можеби детето е се‘ подобро и подобро, а потоа нова криза доаѓа (како во нашиот случај). Можеби минувате низ развод или сте изгубиле некој што го сакате. Справувањето со сето ова со помош од страна е многу полесно.
Градење на самодоверба; Ако мислите дека не вредите доволно, дека сте направиле премногу грешки, ако паничите дека премногу долго сте чекале за нешто да направите со детето, јас ќе ви покажам 1.000 причини зошто тоа не е вистина. Имате се‘ што е потребно за да бидете добар родител на вашето дете; само треба да верувате во себе.
Баланс помеѓу работа и приватен живот; Колку и да е стресно посебното родителство, и сега се соочувате со многу предизвици, сепак барем едниот родител мора да работи. Тренингот може да ви помогне да пронајдете баланс помеѓу вашата кариера, семејство и социјален живот.
На мојата веб-страница може да видите што велат клиентите за заедничкото работење.
Се‘ што сакате, можете да постигнете сами. Само зависи колку брзо сакате да одите.