ЛичноРодителство

Лично: „Зошто родителите треба да ги прифатат предизвиците и ограничувањата на своите деца?“

Везилка Магазин

 

Ајде да позборуваме за тоа зошто е важно да го прифатите фактот дека имате посебно дете. Прво, тоа ќе ве донесе до голем мир и јасност.

Ако знаеме дека сме ја прифатиле ситуацијата, тогаш знаеме и дека пред прифаќањето сме се мачеле или сме биле очајни и фрустрирани.

Лично, се чувствував како животот да ми се движи во погрешна насока и како да сум во погрешен филм. Откако се посветив извесно време на личен развој, чувствувам како дојдов до прифаќање и во потполност го живеам животот. Чувствувам среќа, радост и оптимизам. Зборував за овие работи во Нашата приказна како и во останатите текстови.

Но, никогаш немам објаснето ЗОШТО е важно да се дојде до прифаќање. Затоа што реалноста е таква што не сите посебни родители доаѓаат до оваа мирна фаза за која зборувам. Некои остануваат огорчени, можеби и цел живот.

Мило ми е што дојдов до прифаќање затоа што немам право да барам причини и да пребројувам постојано кои аспекти во мојот живот стагнираат. Немам право да го правам тоа, имајќи ја Јоана покрај себе*. Таа е со нас, носејќи ни светлина во нашите животи само затоа што постои. Таа дели толку прекрасна енергија со светот.

И покажува неверојатна волја за живот. Таа преживеа ситуации за кои денешната медицина тврди дека не може да се преживеат. Прашајте го Google.

(*п.с. текстов оригинално е пишуван во Јули 2020. Повеќето од вас знаат дека Јоана го заврши земното патување во Ноември 2020. Ќе напишам текст во кој ќе објаснам како моето прифаќање премина во наредна фаза, со оглед на тоа што и покрај тагата, мојот мир и чувството на ентузијазам и радост кон животот не се променија. Засега уживајте во перспективата што тогаш ја имав за посебното родителство. Се надевам дека ќе ви донесе олеснување и надеж.)

Родена е со непозната дијагноза, со мозочно оштетување кое беше малку полошо кога имаше 14 месеци споредено со кога беше 6 месечно бебе. А уште повеќе е влошено денес, откако преживеа напад и 43 степени температура пред девет месеци. Една моја пријателка која е медицинар еднаш ми рече: “Јоана како да е родена за да ги бутка границите на медицината. 43 степени температура е огромна работа.“

Очигледно е колку сака да живее. Сите посебни деца покажуваат извонредна волја за живот. Што е важно какви способности имаат?  Како да не ја поддржувам со се’ што можам? Не можам да се замислам себе си тажна, празна и разочарана затоа што таа не може да оди, да зборува, да си игра, да оди во школо, а во исто време таа е до мене со една желба: да ја гушкам и да си пееме.

Абсурдно би било да прашувам: Зошто јас? Зошто моето дете? Зошто е вака? Како можеше ова да се случи? … А таа седи покрај мене и си мисли колку сака да ја гушнам и да си уживаме заедно. Вредно ли е да се пропуштат тие моменти заради бескорисна грижа и самосожалување?

И дали се тие моменти мала работа? Тие моменти го прават родителството вредно искуство.

Наидов на одличен текст на веб страната: https://themighty.com/2019/05/parents-accept-childs-disability/.

Ова е напишано од личност со ментален и физички предизвик:

“Исто така открив и дека посебните деца чии родители не ја прифатиле нивната ситуација, често не се прифаќаат себе си. Најпосле, како би можело детето да расте задоволно со себе си ако неговите сопствени родители постојано ги презираат картите што животот им ги доделил? Не велам дека прифаќањето на недостатоците е лесно и секако не се случува преку ноќ. Исто така и сигурна сум дека многу родители „fake it until they make it“ (фраза за преправање дека прифатиле се додека вистински тоа не се случи), во смисла што иако се чувствуваат поразено, сепак се трудат пред детето добро да се држат. Запамтете, недостатоците не значат дека вашето дете не може да живее среќен и исполнет живот – и вие играте голема улога во тоа.“

Колку родители постојат кои на нам, посебните родители ни изгледаат дека живеат совршени животи? Си мислиме, ете, имаат здрави деца, па за што воопшто би се грижеле, така? 

Кога всушност, поминуваат години, а некои од нив не се способни да ја почувствуваат убавината на сега, овој момент со нивните деца. Постојано се фокусирани на некои идни настани. Чекаат децата да им пораснат, да одат во градинка, во школо, на факултет… Многу од нив не ни помислуваат дека би се чувствувале убаво ако сопрат на минута и бидат свесно благодарни за изобилството на здравје во нивниот дом. И треба радосно да го слават тој факт.

Наместо тоа, се занимаваат со сосема различни предизвици во нивните животи. И треба да знаете дека да се има здраво дете, не е гаранција за среќа. Тоа е само илузија, ако мислите: “Кога би имал/а здраво дете би бил/а среќен/на.“ Но искрено, ако не можете да пронајдете среќа во сегашната ситуација, вака како што е, мали се шансите дека ќе бидете среќни и во помалку тешки околности.

Среќата е состојба на умот.

Зависи од тоа на што ви е фокусот и како гледате на работите.

Услов за радост е да живеете во сегашниот момент. Да бидете ослободени од товарот од минатото и без размислување за неизвесната иднина.

Радост и среќа се да се биде сега и тука, уживајќи и изразувајќи благодарност. И да се ужива во бескрајни гушкања и создавање спомени со нашите прекрасни деца кои го живеат животот од друга перспектива.

И кои навистина малку бараат за да се чувствуваат задоволно.

Како можете да бидете сигурни дека сте дошле до прифаќање?

По начинот на кој што се чувствувате. Кога ќе можете да почувствувате олеснување од долгорочната тага и искрена благодарност за се’ што имате. И кога ќе можете да го цените вашето дете од таму каде што е.

Тогаш сте подготвени да примите повеќе.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината web-страница https://mayastoychevski.com/. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин