Лично

Лично: „Игнорирање на емоционалната состојба не е решение“

Везилка Магазин

 

Овој параграф го прочитав на веб страната thespecialparent.com

 

“Страдам од депресија од време на време со години… најчесто при особено тешки фази со Катрина и нејзините постојано растечки потреби. Да се биде родител на какво било дете е тешко. Многу родители велат дека не е многу поразлично од било кое родителство, и за некои, можеби и не е. Ама за голем дел од посебните родители е тотално различно, и не се согласувам дека се мали разликите. Пеколно е тешко и премногу денови поминале кога не гледав начин како ќе го истрпам нејзиното однесување или уште еден 18 часовен ден од терапии, компликации и туби за хранење. Ако ова звучи како нешто што го искусувате и вие во вашиот живот како давател на нега, сакам да знаете дека постои помош на располагање за вас. Депресијата кај посебните родители и даватели на нега е премногу реална и премногу честа за само да се заташкува или игнорира.“

 

Ова ме натера да размислам дека е преопасно да се преправате дека сте ок. Преопасно е да кажувате работи кои не ги чувствувате за да креирате имиџ на оптимист.

 

Мора да ги процесирате вашите чувства.

 

За да го направите тоа, мора да станете свесни за тоа како се чувствувате. Ако одговорот е: – Не знам, збунет/а сум; – Преоптеретен/а сум; – Се чувствувам заглавено; – Стагнирам во место долго време; – Ништо не се менува во мојот живот; – Ништо не се движи; , тогаш, копајте подлабоко во себе.

 

Збунет/а сум – Ок, за што точно сте збунети? Што е тоа што не ви е јасно? Како точно се чувствувате кога мислите дека ви недостасува јасност? Дали можеби чувствувате дека имате неисигурна иднина и тоа ви создава чувство на збунетост?

 

Преоптеретен/а сум – Што точно е она што ве преоптеретува? Дали сте физички уморни? Или сте уморни од обмислување, организирање и планирање на нештата? Дали конкретно ве оптеретува тоа што дневната рутина не ви се менува со недели? Дефинирајте ги овие работи. Јасноста отстранува половина од проблемот.

 

Се чувствувам заглавено – Во ред. Се чувствувате заглавено. Како точно сте заглавени? На кој начин? Дали е чувството како да не знаете кој пат да го фатите? Или дека нештата не се менуваат? Дали сте во ситуација каде не можете да најдете излез?

 

 

Стагнирам во место долго време – на кој начин? Дали имате чувство дека животот ви е на пауза? Зошто? Како би изгледало ако е спротивно на ова? Ако животот не ви на пауза/чекање? Што би правеле? Што и кој би биле вие? Кои се нештата кои ги посакувате?

 

Ништо не се менува во мојот живот – Дали мислите на тоа дека во вашата ситуација ништо не се менува? Или дека во состојбата на вашето дете ништо не се менува? Можеби се споредувате со некој друг во моментов, и првата мисла што ви доаѓа на памет е дека “ништо не се менува“? Што точно би сакале вие да се промени?

 

Ништо не се движи – слично на последново.

 

Кога ги чувствувате сите овие работи, испитајте, зошто точно се чувствувате така? Некогаш мислите дека сте вознемирени поради некоја работа. Ама кога убаво ќе размислите и си направите малку себе-тренирање (self-coaching), ќе увидите дека она што ве мачи е можеби нешто сосема друго.

Ако подолго време сте хронично тажни и фрустрирани затоа што вашето дете живее со физички и ментални предизвици, може да ви се чини дека секој пат кога не се чувствувате убаво, дека е поради тоа. Ама кога ќе почнете да испитувате и отидете подлабоко поставувајќи си прашања, може да излезат други причини на површина. Можеби сте вознемирени зошто пријателката со која требало да се видите многу доцни. Или конечно дојдовте до малку време за себе и сакате да истражите некои можности за работа од дома и интернетот паѓа цели два саати. Или нешто слично на ова.

 

 

Ако станете свесни што точно ве мачи, ќе бидете во можност тоа и да го решите. Ќе кажете – во ред, лута сум зошто пријателката каснеше и не се ни извини, а јас имам само 2 часа време да поуживам сама, надвор. И, како постапувам? Си кажувам гласно. Кажувам дека тоа ми пречи. И не се грижам дали пријателката ќе си мисли дека многу барам или сум комплицирана. Ќе си кажам што ми лежи и нема да го затворам во мене фактот дека сум вознемирена. Затварање на негативни емоции во себе создава штета на долг рок.

Така истражувајќи, можеби ќе излезат на површина некакви нерешени прашања или негативни уверувања. Дали на пример вие верувате дека заслужувате другите да ве третираат добро? Внимавајте што ќе одговорите. Многу луѓе носат уварување дека не се вредни за почит и убав третман. Дали имате навика да бидете тивки за се‘, надевајќи се дека ќе им се допаднете на сите? Или сте едноставно избегнувач на конфликти? Секогаш одете со прашања малку подлабоко? Водење дневник е неверојатна алатка за испитување на нашите мисли.

 

Со игнорирање на емоционалната состојба не си правите услуга.

 

Ако сметате дека не можете да ги истражите мислите и чувствата сами, не морате. Можете да ангажирате coach.

 

 

Изгуглајте прашања од типот “Зошто треба да ангажирам coach?“ Ќе наидете на разни блогови. Исто така, можете да прочитате тука што е Тренер за личен развој за посебни родители (Special parent coaching).

Кога имав потреба, јас работев со тренер за личен развој и тоа искуство не би го менувала со ништо. Мене ми беше од помош премногу. Дојдов до таква јасност и мир што ми го направи животот неверојатно полесен. Разбрав што се ограничени уверувања и како тие ме кочеа од живеење на животот што сега го живеам.

 

Запомнете, не морате да се чувствувате тажно, немоќно, исфрустрирано, преоптеретено и безизлезно.

 

Постојат многу различни вежби кои можат да ви помогнат. Такви користам со моите клиенти за да дојдеме до коренот на секоја негативна емоција. Обожавам кога на почеток на сесија ќе ми кажат нешто од типот: ‘не можам повеќе; претешко е исфрустриран сум; веќе ништо ни не чувствувам…’ и на крајот на сесијата, откриваме дека не само што можат, туку и дека се извонредни во тоа што го прават со нивните деца. И согледуваат милион други опции за што може да биде направено. Трикот е само да дознаете што “ви згазнало на нерв“ па сте се почувствувале мизерно.

Навистина не морате да го правите ова сами. Постојат одлични coach-ви и во Македонија и интернационално. Во некои групи гледам дека преку некои невладини организации се обезбедува дури и бесплатно советување за посебни родители. Тоа е супер. Искористете ја таа прилика.

Се‘ повеќе и повеќе луѓе се отвараат за нови перспективи и започнуваат со личен развој, што е одлично.

 

 

Ако чувствувате негативни емоции, немојте да бидете строги со себе, одлично ви оди. Го прочитавте текстов до крај, зарем не? Тоа значи сакате нешто да промените; сакате нешто да промените кај себе. Секој ден се менуваме и растеме. Тоа е нашата природа. Не е возможно да се стагнира, или да се остане заглавен на едно место или ништо да не се менува. Се‘ се движи и менува постојано. Нашите деца многу ни помагаат во тој процес.

Свртете се кон вашето внатрешно “јас“ и откријте колку убавина лежи таму. Дознајте како секој предизвик и стрес може да биде претворен во нешто добро за вашиот живот и вашата иднина. Дознајте колку сте цврсти и силни и не се откажувајте.

 

Работете на вашите емоции и решете ги негативните на време.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината web-страница https://mayastoychevski.com/. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

 

 

Везилка Магазин