Минатата недела ви направив вовед во терминологијата и процесот на трансформација.
Во него објаснив на наједноставен и сликовит начин што значи да се ослободиме од сето она што не сме ние – како гасеницата од чаурата и така слободни да полетаме, исто како пеперутката во остварување на своите цели.
Донесовте одлука да влезете во процесот на трансформација. Следен чекор е начинот на кој тоа ќе го правите.
Секогаш кога во животот ќе се најдеме на раскрсница, имаме можност да одбереме во кој правец ќе продолжиме – десно, лево, право… Тоа значи дека имаме право на ИЗБОР. Ние сме тие кои го правиме изборот. Кога ќе помислите дека нешто не ви се допаѓа, сетете се дека е тоа ваш избор и што е уште подобра вест, можете да го промените тој избор ако веќе не ги поддржува вашите цели т.е. не ве носи во насока на нивно остварување.
Можете да започнете со читање на книги за личен раст и развој, слушање на видеа, следење на семинари, вклучување во некој програм, индивидуална работа со личен тренер… изборот е ваш.
Во тој процес најпрво треба да откриеме што е тоа што ни ја мати среќата, што е тоа што би сакале да е поинаку во нашиот живот, а од друга страна што е тоа кое нѐ прави живи.
Во животот постојано правиме избори. Да тргнеме од тоа каков леб ќе купиме. Ги има десетици видови и тоа, ако сте забележале, на крајот од маркетот. Додека да стасаме до него ,може да се случи во кошницата да се најдат нешта кои воопшто не сме планирале да ги купиме. Нѐ привлекле со своето пакување или чувството на глад што го имаме во моментот. Кога ќе стасаме кај лебот уште некое време ќе се мислиме кој тип да го одбереме. Така е со сѐ во животот, ќе тргнеме по нешто и по пат вниманието ќе ни го привлечат десетици работи што воопшто не се приоритетни за нас. Ќе застанеме и понекогаш без размислување ќе им дозволиме да влезат во нашиот живот. Ќе помине некое време па ќе се запрашаме, дали на мене ми треба ова, што бара во мојот живот?
Кога ќе донесеме одлука за било што во животот, тоа значи дека ја преземаме одговорноста што таа одлука ја носи. Да се потсетиме, ние сме господари на сопствениот живот, не се околностите, ниту пак луѓето околу нас, значи одговорноста за секој избор и одлука е само наш. Од друга страна, што е одговорност?
Самиот збор ни кажува, способност да одговориме на предизвиците на кои ќе наидеме. Треба да бидеме спремни да се снајдеме во секоја ситуација и да одговориме на начин кој нема никого да повреди, напротив во него да има нешто добро и за другите.
Колку пати до сега ви се случило да се жалите на својата работа, заборавајќи дека вие сте ја одбрале, сте имале избор и сте донеле одлука тоа да биде таа работа? Прифатете ја одговорноста за таа одлука или променете ја работата.
Знам, звучи премногу едноставно, а всушност не е туку така лесно да се промени работа. Да, во право сте, но додека не се создадат услови за тоа, прифатете ја состојбата во која сте и погледнете ги добрите страни. Сигурна сум дека ги има. Неприфаќањето нѐ носи во состојба на обвинување, депресија, разочарување…
Зошто би си го правеле тоа, ако сте во моментов во состојба што не можете да ја промените извесно време? Нервозите и стресот нема да ви помогнат да ја надминете, прифаќањето и барањето на решение се тие кои ќе ве извлечат од таа ситуација.
Ако сте во состојба на стрес, бес, лутина, нема да можете да искреирате ништо друго освен: стрес, бес и лутина.
Не очекувајте да постигнете подобри или поинакви резултати ако постапувате идентично како и до сега.
Ако замесите леб со пола кг брашно и еден литар вода и тоа го направите десет пати, резултатот ќе биде идентичен – течно тесто.
Ако не сте сигурни, експериментирајте и ќе забележите дека секогаш ќе имате различни резултати или можете да побарате помош, па водени од тренер неуспешните обиди ќе ги сведете на минимум т.е. на еден до два до моментот кога ќе го постигнете посакуваниот резултат.
Изборот е повторно ваш.
Понекогаш изборите што ги правиме се потпираат на уверувања што сме ги добиле од околината, родителите, пријателите. А сите ние сме различни, некому му годи кафе, некому чај, некому лимонада. Зошто тогаш секој не би правел сопствен избор? Зошто се водиме од уверувањата што некогаш се носат со генерации во нашите семејства?
Од стравот од правење сопствен избор од кој ќе треба сами да ја носиме одговорноста за одлуката што сме ја донеле. Ние си сакаме некој друг да е виновен за тоа што ни се случува.
Од друга страна, по направен избор од срце и понесена одговорност за донесената одлука се чувствуваме живи. Се раѓа некоја страст која нѐ води во некои неоткриени предели на задоволство и среќа.
Дозволете си изборот што ќе го направите да ги разбуди пеперутките во стомакот, тоа значи дека е вистинскиот ЗА ВАС.