Личен и бизнис развојЛичноРодителство

Лично: Како да бидете дисциплинирани?

Везилка Магазин

 

Дали навечер си легнувате чувствувајќи мир за работите што ги завршивте дента? Или мислите дека можевте да направите повеќе? Наместо тоа малку сте прокрастинирале.

Дисциплината е под знак прашање за многу луѓе. Ова порано беше и мојот случај. Денес повеќе немам проблеми околу ова. Најдов начин да останам конзистентна.

Сепак, луѓето кои доаѓаат на Кафе со Маја и моите клиенти често се мачат да останат дисциплинирани.

Интересно е тоа што дисциплината главно се поврзува со постигнување успех. Ова е точно. Но, и за да се надминат тешки животни ситуации исто така ви треба дисциплина. За да имате здрави врски и за да го подобрите секој животен аспект, потребна ви е дисциплина.

Тука не се работи само за бизнис успех и повеќе пари.

Верувам дека веќе имате дисциплина да се појавувате на вашето работно место. Или за да се грижите за децата: да ги храните, облекувате, одгледувате. Она што треба да го подобрите е само-дисциплината околу вашите потреби. Знам дека многу од вас се ставате себе си и вашите потреби на последно место. Тука сте за сите освен за себе си.

Сите знаете дека има работи кои ако ги завршите животот ќе ви стане многу подобар. Но, нив ги одложувате. Ова се однесува на јадење балансирана исхрана, вежбање, учење нови работи, посветување време на себе си, запишување на целите и емоциите, итн.

Еве некои работи кои  можете да ги направите за да изградите подобра дисциплина кои што функционираа за мене:

Прво, дефинирајте ги вашите цели. Многу е тешко да останете дисциплинирани во правење на некои работи ако не знаете каде одите. Што сакате? Дали сте го дефинирале тоа? Дали имате листа на работи кои ги сакате? Губење тежина, пишување книга, започнување хоби, започнување на онлајн бизнис, основање семејство, менување кариера – ова сѐ се цели што мора да ги оформите јасно за да можете да ги постигнете.

Второ, направете план на акција. Само посакување на работи нема да ве доведе до резултатите на кои се надевате. Секоја цел која ја имате треба да биде поделена на помали чекори. Колку помали, толку подобри. Ова многу ќе ви ја олесни работата што морате да ја сработите секој ден. Многу е напорно да размислувате за остварувањето на целите во генерална смисла.

На пример, пишување книга. Не мора да ја напишете одеднаш. Но, можете да кажете: за 10 месеци сакам да ја објавам мојата книга. Ако книгата има 250 страници, треба да пишувам по две страници дневно во текот на пет месеци, па потоа да контактирам издавачи, итн.

Вака може да се направи за секоја цел што ја имате. Терапии со децата, вежбање, учење нови работи, креирање производи и услуги.

Трето, развивање на здрави навики. На пример, ако се фокусираш на тоа конзистентноста да ти стане навика, ова ќе ти помогне да присвоиш други корисни навики. Исто така, преку останување конзистентен ќе можеш да ги правиш сите акции поврзани со твоите цели секој ден.

Четврто, наоѓај мотивација од ден во ден. Мотивацијата не останува како слика во рамка – еднаш кога ќе се појави, тука е засекогаш. Морате да се мотивирате одново и одново. Сите ние имаме многу мисли, позитивни и негативни. Плус, имаме многу случувања секој ден. Нашите емоции одат горе-долу, а околностите се менуваат. Затоа треба почесто да се потсетуваме зошто ги имаме целите и зошто ни се важни, а ова помага да се одржи дисциплината.

Јас користам многу видеа за мотивација, книги и социјални мрежи. Кога и да се чувствувам како да не ми се прави некоја работа, но знам многу добро дека треба тоа да го направам, тогаш користам некој од овие ресурси. Кога ќе видам како други се дисциплинирани и каква им е работната етика, расте во мене воодушевување кон овие луѓе. Тогаш си помислувам: ако можат тие, можеш и ти.

Петто, научете како да се справувате со стрес. Тоа значи правење на некој „план за спасување“ со како да се справиш во стресна ситуација. Можете да научите како да се излезе од улога на жртва и да превземете одговорност за своите акции. И не дозволувајте да ве водат емоциите. Ако го правите тоа, ќе чекате да бидете расположени за да ги направите работите кои знаете дека мора. За некои работи можеби никогаш нема 100% да се чувствувате дека ви се прават. На пример, станување порано за да креирате повеќе време за вежбање.

Но, откако ќе завршите некоја поголема задача во текот на денот, ќе бидете задоволни од себе и ќе ви се допадне тоа што сте останале конзистентни.

Шесто, опкружете се со луѓе на ваша бранова должина. Влезете во групи со луѓе со слични интереси. Јас сум дел од неколку вакви групи и се сретнуваме од време на време. Делиме идеи и се поддржуваме едни со други, а тоа игра огромна улога во мојот успех и дисциплина.

Ваша е одговорноста да се опкружите со луѓе со кои ќе се чувствувате убаво. Никому не треба дозвола за да го прави она што го сака во животот, но секому треба поддршка и охрабрување.

Седмо, изгубете ја потребата да бидете совршени. Со правење на работи, не е важно какви, вие станувате подобри и подобри. Но, во вашите очи никогаш нема да бидете совршени. Со преоптеретување да направите нешто совршено, или да ги почекате совршените околности – вие не го ни започнувате патувањето кое ќе ве доведе таму каде што сакате.

Осмо, прашајте се себе си: Што ќе се случи ако сега не го направам ова?

Без разлика за што се работи. Ако треба нешто денес да направите, но вие сакате да го прескокнете, само поставете си го ова прашање. Прашањето е многу моќно ако сте искрени со себе. Ова прашање го користам откако го започнав мојот блог и веб страница и сѐ што правам во изминатите три години.

Кликнете на линкот подолу до оригиналниот текст на мојата веб страница за да го пронајдете и моето видео на оваа тема.

 

Маја Стојчевски е тренер за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа беше мајка на 6 годишната Јоана, која имаше ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.

Пишува блог на нејзината веб-страница а можете да ја најдете и на нејзиниот Јутуб канал. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.

Везилка Магазин